Истражување: Македонците масовно инвестираат во станови, цените нема да се намалат

Фото: илустрација / „Слободен печат“ - Драган Митрески

Растот на цените е предизвикан од две групи фактори. Едната е драстичниот раст на цените на градежните материјали, а другата е поради растот на побарувачката, така што сега имаме избалансираност на пазарот, покажуваат анализите на „Фортон Македонија“

Во 2021 година се издадени дозволи за градба за 7.894 стана, а неофицијалните податоци според анализите на консултантската куќа „Фортон Македонија“ покажуваат дека истата година се продадени 4.500 стана. Сепак, оттаму велат дека генерално, понудата и побарувачката на нашиот пазар на станови е избалансирана. Следењето на цените на градежните материјали, пак, покажало дека тие се стабилизирале во последно време, но не се очекува намалување на цените на становите, туку напротив – на среден рок тие може да продолжат благо да растат.

Податоците за минатата година покажуваат дека просечната цена на стан во скопската општина Центар била 1.274 евра, а нешто помалку, веднаш зад становите во центарот на градот, се цените на становите во Карпош.

Податоците на „Фортон Македонија“ покажуваат дека во последните 3 години цените на станбениот простор се зголемени за 20 проценти, но тоа не се должи само на растот на трошоците за градење, туку и на нашите традиционални навики да се купува сопствен стан за живеење и да се инвестира во стан.

– Растот на цените е предизвикан од две групи фактори. Едната е драстичниот раст на цените на градежните материјали, а другата е поради растот на побарувачката, така што сега имаме избалансираност на пазарот. Тоа се должи и на традиционалните навики на нашето население да инвестира во недвижности. Во услови на ниски каматни стапки на депозити, како сигурна инвестиција, оние што имаат слободни пари се одлучуваат да ги инвестираат во станови. Исто така, и нашите иселеници имаат традиција да инвестираат во стан во Македонија – објаснува Олга Дервенџи, менаџер за развој во „Фортон Македонија“.

Катарина Николов, оперативен директор на „Фортон Македонија“, ова го потврди и со податокот дека, на пример, во зградите на инвеститорот „Џеваир Холдинг“ се купувале и по 3 или 4 стана од еден купувач.

Покрај овие специфичности на моменталниот пазар на недвижности, анализите на „Фортон Македонија“ покажале и дека има значителен раст на цените и во помалите градови, а таму пресудно е што има стари детални урбанистички планови.

– Недостаток на деталните урбанистички планови, но и недостиг на градежно земјиште, се исто така фактори што влијаат врз цената на квадратниот метар. Во Скопје веќе имаме пренаменување на индустриски зони во станбени. Поради ова, како и поради балансираната понуда и побарувачка, како и масовното инвестирање во станови, на среден рок не можеме да очекуваме намалување на цената на становите, таа постојано помалку и ќе расте – вели Дервенџи.

На презентацијата на пазарот на недвижности, консултантската куќа сподели и интересен податок дека во екот на пандемијата, двојно се зголемил деловниот простор што се изнајмува – од 13.000 квадратни метри на 24.000. Притоа, дури 8.000 квадрати од изнајмениот деловен простор е од страна на две големи ИТ-компании. Според анализите на „Фортон Македонија“, ИТ-компаниите дури и да работеле од дома за време на пандемијата, преферирале да имаа престижни простории.

Македонија е на дното во регионот по простор во молови на 1.000 жители

Македонија има 247 квадратни метри во трговски центри на 1.000 жители.

– Тоа е ниска бројка во однос на бројките од регионот, односно се наоѓаме на самото дно. Но, треба да се земе предвид и куповната моќ на населението – забележуваат од „Фортон Македонија“.

Според најавите, во Скопје ќе има уште два мола, еден во Куманово и еден во Штип, и со тоа би требало да се засити пазарот.

Од „Фортон Македонија“ забележуваат и дека 50 отсто од новата понуда на малопродажен простор е дел од станбено-деловен простор и препорачуваат покомпактна градба.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот