Истражувачите потврдија: Секоја активност, па дури и спиењето е подобра за срцето отколку седењето

Фото: Pexels / Daniel Reche

Истражувањата на британските научници потврдија дека секоја активност, па дури и спиењето, е подобра од седењето за здравјето на вашето срце, пишува „Еурекалерт“.

Кардиоваскуларните заболувања се една од главните причини за смрт во светот. Студијата, која е објавена во „Јуропиан харт џрнал“ (European Heart Journal) и спроведена со поддршка на Британската фондација за срце, е прва која ги следи движењата поврзани со здравјето на срцето во текот на 24 часа.

Во оваа студија, истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон анализираа податоци од шест студии, во кои беа вклучени 15.246 луѓе од пет земји, за да видат како движењето во текот на денот влијае на здравјето на срцето, според општите индикатори. Секој учесник носеше уред кој ја мереше нивната активност 24 часа и го следеше нивното здравје на срцето.

Научниците идентификуваа хиерархија на повторувачки однесувања во типичен период од 24 часа, од умерена активност која е најдобра за срцето, преку лесна активност, стоење и спиење во споредба со влијанието на седењето.

Според истражувањата, кога седењето се заменило со некоја активност, која траела дури и пет минути, тоа добро влијаело на срцето.

„Големата предност од нашето истражување е дека иако малите промени во начинот на движење може да имаат позитивен ефект врз здравјето на срцето, важно е интензитетот на движењето. Најкорисната промена што ја забележавме беше заменувањето на седењето со умерена до енергична активност – што може да биде трчање, брзо одење или качување по скали – во основа секоја активност што го зголемува пулсот и ве тера да дишете побрзо, дури и за минута или две“ , вели  д-р Џо Блоџет, првиот автор на студијата и истражувач на Институтот за спорт, вежбање и срце.

Истражувачите велат дека иако секоја активност е добра за подобрување на здравјето на срцето, на лесната активност ѝ е потребно подолго време за да ја има истата корист.

Оние кои се најмалку активни најмногу имаат корист од промените во однесувањето. Научниците открија дека дури и спиењето како активност е подобра од седењето и има позитивни придобивки за срцето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот