Испливаа нашите баби и дедовци, ќе испливаме и ние

Ненад Јовановиќ. / Фото: Архива

Вдишете длабоко и престанете да кукате. Ако не ви паднал покрив на глава, ако не се наоѓате на респираторна машина, ако не сте она девојче и момче, онаа бабичка и дедо за кои лекарите се борат да им ги спасат животите, немате апсолутна причина да очајувате и да лелекате. Беше овде многу полошо, беше тука многу повеќе гадно отколку што е сега.

Добро, разбирам, криза е, ќе биде страшно, ќе биде чудно, ќе биде анксиозно, ќе се плашиме за нашата иднина, ќе стравуваме за нашите деца, за нашите мајки и татковци, тоа е сѐ нормално, да се грижиш, да стравуваш во време на вака масовна пандемија која се намерачила светот да го поклопи. Од друга страна, сепак, не е толку лошо. Сакам да кажам не е толку страшно.

Мојот покоен дедо и мојата покојна баба беа благородни луѓе. Не се сеќавам на мојот однос со нив во смисла дека сме имале некаков „трансгресивен“ разговор за важни теми, не затоа што јас не сум сакал, туку затоа што во тоа време бев премал за такви теми. Сакам, всушност, да кажам дека во овој момент се присетувам на моите баба и дедо, во време кое е неизвесно, а сепак е некако подобро од нивното време на стравови и неизвесност. Ќе се навратам малку подоцна на нив.

Малодушни клипови

Читам и гледам некои видеоклипови што ми ги препраќаат луѓе, ги знаете сите, тоа се оние малодушни клипови што ни велат дека ова е крај на светот, дека Господ нѐ казнува затоа што не сме успеале да запреме, да се завртиме назад, многу сме пцуеле, сме биле расколници, аздисани, самозаљубени…  Можеби има вистина во сето тоа, ама ми се чини само половична. Вистините во видеоклиповите што нѐ тераат за запреме, да промислиме за себе, за тоа каде одиме, што правиме и „која е смислата на животот“; таквите видеоклипови, ми се чини, тука се за да слушнеме некој утешителен тон, нешто спротивно од безумноста на социјалните мрежи, од вознемиреноста и бесот, од теориите на заговори и идиотштините на овој или оној, за злото што нѐ зафати сите нас.

И знаете што, приберете се. Вдишете длабоко и престанете да кукате. Ако не ви паднал покрив на глава, ако не се наоѓате на респираторна машина, ако не сте она девојче и момче, онаа бабичка и дедо за кои докторите се борат да им ги спасат животите, немате апсолутна причина да очајувате и кукате. Беше овде многу полошо, беше тука многу повеќе гадно отколку што е сега.

Моите баба и дедо немаа кревет, немаа прибор за јадење, почнуваа во животот од нула додека беа живи, тоа ми го зборуваа. Некаде во 50-тите години од минатиот век, пишувам по сеќавање, сите бевме сиромашни, така ми велеа моите баба и дедо, сиромашни, немиени, спиевме во плевни за добиток, а некогаш и на гола земја, во иста просторија со животни. Јаделе од нехигиенски лонец што висел на синџир над отвореното огниште, а ако ги болел заб, ќе оделе до потковичарот за коњи и со клешта ќе им го извадел забот. Можеби од денешна дистанца ќе ви биде смешно или ќе ве фати срам, ама не треба да се смеете и да се срамите, туку треба да се гордеете.

Треба да најдеме во нас сила и да им се поклониме на нашите предци што секогаш наоѓале пат како да се изборат со бедата, несреќата, нехигиената, неукоста. Да им заблагодариме дека се исправиле покрај сите неволји, војни, суша, глад, вируси и масовни епидемии. Треба да им се заблагодариме затоа што сиромашни заминуваа од своите провинции во големите градови на школување, со едно палто и еден пар панталони и чевли, завршуваа на универзитети, се вработуваа во фабрики, купуваа станови и автомобили, раѓаа деца, правеа викендички, ама всушност направија силен, херојски потфат, поминаа огромен пат и преминаа од камено во индустриско време.

И затоа мислам дека не треба да кукаме, да се самооплакуваме, да хистеризираме и правиме паники. Многу луѓе, овде кај нас, се раѓаа и живееја во многу полоши услови од денес, па сепак преживеаја, и го направија тоа што го направија. Да не заборавиме, нашите баби и дедовци создаваат цели градови, железнички пруги, згради, улици, болници… Ќе го победиме ова зло, баш како што нашите баби и дедовци го победија нивното зло.

Вековните соништа се остварени

Во сето време-невреме поради масовниот ковид-19, сепак стигнаа добри вести од Европа. Нашата Северна Македонија добива директни преговори и продолжување со евроинтеграциите на највисоко ниво. Нашите вековни соништа се остварени, влеговме во НАТО, а ете, добиваме и почетни преговори со Европската Унија.

Зоран Заев, скромно, а така типично за него, вели, „ова е борба на сите претходни влади за остварување на нашиот вековен сон“. Веднаш да кажам, јас со оваа изјава не се согласувам, прво затоа што нема потреба од таква скромност, и второ: вековниот сон на нашата земја го оствари оваа Влада, на чело со Зоран Заев, и овие денешни конкретни луѓе кои се дел од таа Влада. Тоа е фер тврдење, тоа е фер на ваков начин да се каже. Чуму лажна скромност? Оваа Влада и Зоран Заев го препознаа контекстот, ја отворија земјата, од комшиите направија пријатели и сојузници. Сето тоа, практично, го направиja за неполни три години. Тоа, едноставно, е вистината, а ова место е вистинското место за да се каже таа вистина која ни е нужна, потребна, и вистината која, во крајна линија, го дефинира јавниот интерес на сите граѓани на оваа земја.

Го решија билатералниот спор со Грција стар 30 години; нѐ помирија со сите комшии, за потоа, логично, да станат наши пријатели и сојузници; Албанците и сите други народи и заедници се рамноправен дел од македонската заедница; со политика на мир и пријателство, очекувано, го ослабнаа ултрадесничарското ВМРО-ДПМНЕ, ја претворија во нерелевантна партија, која не може да се носи со денешните современи предизвици. И последно, но не помалку важно, среќен сум што имам влада што денес е сѐ она за кое и јас лично се залагав последната декада: општество на слободни, рамноправни и мултикултурни граѓани. Поради ова погоре, Северна Македонија добива директни преговори за членство во Европската Унија, поради ова погоре, оваа Влада е најдоброто нешто од „сите можни светови“ што денес оваа земја го има.

Еве, пред да го завршам текстот, на самиот крај, во овој момент читам одлична вест: Петре Шилегов, градоначалникот на Скопје, со симболична помош од неколку десетици илјади евра го помага градот Загреб поради земјотресот што им се случи пред некој ден. Вакви гестови човека го прават емпатичен, сочувствителен и солидарен. Тоа е идејата на политиката.

На крајот сакам да кажам дека испливавме многупати досега, ќе испливаме повторно, затоа што мораме. Баш како што мораа нашите баби и дедовци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот