Искрено со Снеже Велков: Кога објавив дека ставив импланти, ме обвинија – и ти ли стана вештачка?

Фото: Приватна архива

Муабет со соговорник како Снеже Велков секогаш оди лесно. Без разлика на темата, таа е отворена и зад секој одговор се крие по некоја нова или постара приказна, која одново ја открива на поинаков начин.

Водителката на „Нешто конкретно“, мајка на два сина што се веќе тинејџери, вљубена во својот Дарко, тоа е Снеже што ја знае јавноста. Овој пат се навраќаме на девојчето Снеже од Македонска Каменица, на моментот кога за малку кобно ќе завршела ако не ги послушала лекарските препораки врзани за исхраната и на нејзината неодамнешна медицинска интервенција, која дел од јавноста сосема погрешно ја протолкува.

Фото: Приватна архива

Неодамна беше на летен одмор. За многумина одморот е спиење до доцна, повеќе одмарање, но за тебе е станување пред изгрејсонце и задолжително вежбање. Успеа ли да се одмориш?

– Со оглед на мојата динамична работа и постојаната комуникација со луѓе, присуство на места и настани каде што има голема фреквенција од народ – изборот за мир на одмор ми е и повеќе од потребен за да си ги наполнам батериите. Затоа го избирам времето кога сите спијат, а јас и сонцето сме сами. Тоа сонливо продира, јас сонливо се подготвувам за вежбање. Тоа ќе заблеска, јас ќе се развежбам… Мислите распуштени, креативноста на полнење, тишината како лек. Нема поубаво. И да знаете чудни работи се случуваат во тие утрински часови на празна плажа и мирно море, има некоја магија. Мозокот се избиструва, многу визии и планови стануваат појасни и неверојатно е колку креативни решенија се појавуваат за некои предизвици што ги имам. Препорачувам да пробате. Но, да не ме пцуете ако ви се спие.

А, за спиење има време во најтоплото, помеѓу метежот и галамата, помеѓу варените пченки и крофните на плажа, викањето по децата да излезат од вода или да пресоблечат костим и за капење, тоа време го преспивам. Чекам да паднат горештините па да излезам на плажа и да го збркам најубавото зајдисонце за пак да уживам. Сега можам, кога децата беа помали, тоа тешко беше изводливо. Но, сѐ во свое време.

Фото: Приватна архива

Имаш синови на тинејџерска возраст, дали и тие одат со вас на летување или секој тргна по својот пат?

– Малиот кој има 11 години сѐ уште ни е верен другар, а големиот кој има 16 години, веќе преферира свое друштво. Но, се обидуваме да го одржиме правилото барем една недела сите заедно да поминеме некаде на одмор и засега успеваме.

Неодамна се повлече од јавноста и од социјалните мрежи поради медицинска интервенција. Што точно беше причината?

– Ставив импланти. Тоа беше реченицата што ја напишав на Инстаграм и добив реакции: „Леле, Снеже, и ти ли, значи и ти стана вештачка, што ти требало ова, ајде зошто Снеже?!“ Се случи без притоа да ме ислушаат до крај и да слушнат дека станува збор за забни импланти, а не импланти на гради. Едноставно, дојде ред мојата насмевка од 6-ка до 6-ка да се пополни. А, целиот процес го прикажав на моите следбеници тргнувајќи од себе, која 5-6 години живеев во страв и неинформираност за целиот процес, па постојано одложував. Сега, за некој месец конечно ќе си ја имам насмевката со сите 32 заба и едвај чекам. И да знаете, не боли.

За твојата алергија на месо и на млечни производи отворено зборуваш. Кога за првпат ја забележа?

– Релативно подоцна открив за алергиите, како мала едноставно си бев буце, кое сакаше да касне малку повеќе, а во суштина сум имала отоци и задршка на вода поради алергиите и интолеранцијата на храна. Многу подоцна, кога имав 20 години, открив дека всушност имам проблем. И тоа беше една огромна агонија со огромни реакции, со инфузии, со колабирања, дури и лекарите се чудеа на моите симптоми и реакции, сепак, зборувам за време во кое зборот интолеранција на храна беше реткост. Не е како сега кога е тренд да бидеш веган или вегетаријанец, па имаш избор на секаква храна. Сѐ беше лимитирано и беше тешко на почетокот, и беше и инает, и контра, и надмудрување и давање отпор. Но, откако сфатив дека мојот отпор да признаам дека имам проблем ме остава во постела да речеме по 3 дена, дека не можам да функционирам нормално по една недела, сѐ стана полесно. И баш пред неколку месеци кога бев кај еден лекар во Белград, ја добив информацијата: „Само благодарение на твојата свесност и самодисциплина си овде каде што си, да не си била самодисциплинирана со храната, не верувам дека денеска ќе се видевме“.

Така што, слушајте си го телото, ќе ви каже што му пречи, слушајте си ја интуицијата, ќе ве спаси од многу ситуации и бегајте од трендови и веганизам од убедување и заради спасување на планетата. Планетата нема да ја спасите ако не јадете месо или не пиете млеко. Планетата се спасува ако сме подобри луѓе.

Фото: Приватна архива

Какво детство имаше во Македонска Каменица и правеше ли „луди“ работи како тинејџерка?

– Признавам, не бев некое забавно друштво кога бев тинејџерка. Не правев лудости, немам некои анегдоти како мала, и тогаш ги сакав работите што ги сакам и денес – спорт и готвење, па сѐ се вртеше околу тоа. Никогаш не ми било забавно да прекршувам правила знаејќи дека потоа треба да сносам последици. Секогаш ми било поголем предизвик како да ми биде забавно, а се да биде во рамките на правилата. Но, бев тврдоглава и тоа што ќе го наумев морав да го реализирам. Можеби затоа и им беше лесно на моите родители со мене, секогаш знаеја што да очекуваат, односно дека нема да прекршам правила, но и беа подготвени дека преговарање со мене околу промена на некоја моја, веќе донесена одлука, е невозможно. Таква сум и денес.

Кога се пресели во Скопје од Македонска Каменица и како тоа да зборуваш чист литературен јазик, па дури и со скопски акцент и ретко кој да може да те познае дека си од истокот?

– Запишувањето во средно медицинско отсек забен техничар беше моето официјално доаѓање во Скопје на школување во 1996 година – како од историски учебник ми зазвучи ова.
За мене доаѓањето во нова средина значеше почитување и прилагодување на таа средина со можност што помалку да стрчам и да се издвојувам од истата. А првото нешто значеше прилагодување и прифаќање на јазикот, па и дијалектот. Не за да се додворувам некому, туку да искажам почит и да ми биде полесно функционирањето односно да ги елиминирам на старт пречките или предрасудите па и задевањата кои се чести за „провинцијалците“. Тоа беше мој избор и моја одлука и се покажа како правилна.
А, со оглед на тоа што јазикот како водител ми е алатка за работа, несомнено е дека користењето на литературниот јазик ми е обврска. Иако јас преферирам да применувам повеќе разговорен јазик кој како поопуштена, покреативна и не толку официјална варијанта на македонскиот јазик, секогаш прави и атмосфера на поголем доверба и отвореност кај соговорниците што ми е важно во мојата емисија „Нешто конкретно“.

Фото: Приватна архива

Уште една успешна сезона на „Нешто конкретно“ е зад тебе, кои емисии, гости и ситуации ќе ги паметиш како најинтересни од оваа сезона?

– Верувам дека најинтересното  во „Нешто конкретно“ допрва доаѓа. Уживам во емисиите кога гостите  имаат спротивставени мислења и ќе се развие убава дискусија со аргументи кои „држат вода“ или кога ќе им се поклопат енергиите па сами себе ќе си се водат низ муабетот. Признавам, исклучително ми е забавно кога ќе ме „чепнат“ и мене.

А, секогаш знам дека емисијата ќе биде интересна кога поголемиот дел од прашањата ќе останат непоставени, а гостите сами ја водат темата и наметнуваат темпо.

За сопругот Дарко претходно кажа дека имате различни темпераменти. За што најчесто се карате и не се согласувате, а околу што најбрзо се разбирате?

– Ние се разбираме за крупните работи, а се караме за ситници. А, најглупави и најнепотребни ни се кавгите кога се караме за други луѓе. Инаку, имаме различни гледни точки, но правецот во кој гледаме е ист и целта каде што сакаме да стигнеме е иста. Тоа можам да го објаснам вака: На пример, кога треба да стигнеме некаде, јас сакам да го одберам пократкиот пат, да се прескокне ограда да се згазне во песок или трева, а тој сака полека и елегантно да си оди по поплочена патека. На крајот, повторно стасуваме на исто место, но секој на својот начин.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот