Интервју со универзитетската професорка Весна Мојсова-Чепишевска: Достојно читање на Блажевото завештание

Немаше поубава локација за интервју поврзано со великанот Блаже Конески од Спомен-домот во неговото родно Небрегово, а со професорката Весна Мојсова-Чепишевска таквото опкружување ни даде фантастичен истражувачки поттик.

Неодамна беше промовирана книгата „Конески како тестамент“ на универзитетската професорка по современа македонска книжевност Весна Мојсова-Чепишевска. Книгата беше издадена во 2021 година, која помина во знакот на јубилејот 100 години од раѓањето на Блаже Конески, но пораките што книгата ги пренесува имаат трајно значење.

Во разговорот со професорката Мојсова-Чепишевска отвораме и теми поврзани со третманот на македонскиот јазик, состојбите во македонистиката, како и позицијата на Друштвото на писателите на Македонија во современото општество.

Вашата книга е резултат на повеќегодишна посветеност на делото на Конески. Колку години ја подготвувавте и што беше Вашиот фокус за истражување?

– Книгата растеше нешто помалку од 20-ина години. Сепак, за да пишувате за Конески, ви треба и една научна зрелост. Така што, како минуваа годините, така и нараснуваа текстовите што значи: како станував повозрасна, така се интензивираше и интересот за него и за неговото дело. Зашто, секогаш кога размислувам што би пишувала, што би можела да пишувам за Конески, т.е. кој негов аспект што ме предизвикувал можам да го истражам/ прочитам/ допишам, секогаш чувствувам возбуда, како пеперутки да ми шетаат во стомакот. Ова чувство го имам и сега, додека го водиме ова интервју, зашто ова интервју е заради мојата маленкост и неговата великост, зашто стои онаа дилема достојна ли сум да пишувам за него.

Конески ни даде насока за правецот на севкупната наша македонска култура, така што, со оваа моја книга „Конески како тестамент“ се обидувам да понудам една од повеќето насоки како треба денес да го препрочитаме, дочитаме и вреднуваме тоа дело. Оваа книга поделена во две поглавја: „Конески како поттик“ и „Конески како инспирација“, во себе содржи 20 научни текста и таа прави обид достојно да се исчита Блажевото завештание. Таа е еден мој дијалог со Конески, еден топол разговор на професор и ученик, но и разговор низ кој се откриваат вредностите кои ме опкружуваат како автор, како книжевно-историски и книжевно-теориски истражувач.

Оваа книга е најискрен дијалог на мојата индивидуална свест со колективната свест на ова мое време, колективната свест која како најмногу да се манифестира токму преку делото на Конески.

Книгата „Конески како тестамент“ на Весна Мојсова-Чепишевска е објавена во издание на „Матица македонска“

Само во текот на минатата година беа објавени стотина книги посветени на Конески. Можно ли е да постојат уште непознати факти за неговиот живот и дело?

– Сигурно дека постојат. Не мислам дека сите ние што го истражувавме Конески, го истраживме до крај. Затоа и во една пригода минатата година споменав дека нашиот интерес за Конески треба да е постојан, без престан. Се испишуваат нови културолошко-книжевни, но и филозофско-социолошки теории, кои ни даваат можности за исчитување на Конески од некои нови агли. А делото на Конески обединува повеќе науки, така што оние што ја истражуваат книжевноста, оние што ја полнат науката за книжевност, сите тие ги интересира поетот Конески, но ги провоцира и можноста да можат да влезат во неговата интима, да можат да го спознаат Конески како пријател, познајник, обичен човек со сите маани и доблести, како сопруг, татко, маж, партнер. И тоа е така особено зашто последниве децении во фокусот на интересот повторно доаѓаат биографиите на големите автори, на големите луѓе што го одбележале своето време, исто како што Конески го одбележа нашиот, македонскиот 20 век.

Оние, пак, што се директно врзани со науката за јазикот Конески ги поттикнува да го исчитаат како врвен лингвист и славист, како осмислувач на правописот, граматиката, историјата на македонскиот јазик. Додека оние што работат на полето на преведувањето сигурно ги возбудува токму тоа какви сѐ решенија изнашол Конески во својата работа на/врз преводите/препевите на големите имиња од европската литература и култура за кои тој сметал дека се исклучителен креативен чин.

Музичарите на свој начин го вткајуваат Конески и стиховите на Конески (како „Фолтин“ или „Старовски“ или Вртев со „Архангел“). Самите писатели, па и филмаџии сигурно ги интересира животот на Конески, интимното во животот на Конески, она најскриеното во неговото срце и мисла. Јас навистина очекувам во скоро време да се појави некој биографизиран роман меѓу фактот и фикцијата или филм или стрип.

Она што ни го остави Конески е некој вид тестамент и тој токму така треба да се чита – како тестамент!

Насловот на книгата го дефинира значењето на делото што Конески го остави за идните генерации. Што е Вашата порака што сакавте да ја пренесете со книгата?

– Јасно и гласно: она што ни го остави Конески е некој вид тестамент и тој токму така треба да се чита – како тестамент! Клучното место во тој „тестамент“ на Конески е изразот „погрешно пласиран човек“. Многумина од неговите пријатели, особено странски слависти, често му го поставуваат прашањето зошто не се обидел да ѝ даде, на својата научна актива, поголема гласност така што барем некои од неговите, во секој поглед исклучителни дела, ќе ги напише на јазик на престижните култури? Конески вели дека тоа, во неговиот случај, едноставно не било можно. Тој ниту можел, а ниту сакал да ги „изневери идеалите на својата генерација“.

Од таа гледна точка, како научната, така и уметничката дејност на Конески може да се спореди со подвигот на словенските првоучители, браќата св. Кирил и Методиј, како што тоа го истакнува Атанас Вангелов во својата книга „Филолошката критика на Конески“, која излезе како претходница на оваа моја, за понатаму до дообјасни дека Конески на ист начин се грижи како што се грижел и најнадарениот ученик на двајцата браќа, св. Климент Охридски, да го зачува, но и надгради наследството на неговите учители што било „сериозно доведено во прашање со потиснувањето на глаголицата во полза на кирилицата во тогашната бугарска држава“.

И да го парафразирам Вангелов, може да се рече дека Конески, како и св. Климент Охридски, е егзалтиран и фасциниран следбеник на Константин Филозоф и неговиот брат Методиј. Се разбира, преку цела низа претходници (Рацин, Миладиновци, П. Зографски, Ј. Крчовски, К. Пејчиновиќ) за кои пишува посебни студии и со кои воспоставува жива духовна врска.

Така како што Конески (спонтано можеби) доаѓа до мислата дека одговор на прашањето „кој е и што е?“ може да најде со посредство на неговите духовни претходници, а пак тие претходници се во – нивните дела, така и јас можам да најдам одговор на истото прашање преку моите исчитувања на Конески кои, пак, ми ги дава своите читања на низата негови, но и мои претходници. „Тој, како и неговите далечни духовни предци светите Кирил и Методиј, се жртвува себеси за да изведе ’смачкано племе‘ од длабокиот мрак на анонимноста и да го вклучи меѓу културните народи во светот“, ќе напише Вангелов. Еве го печатот на неговиот тестамент. Така што оваа книга е скромно, но искрено исчитување на еден дел од великозначното дело на Конески.

Спомен-собата на Блаже Конески во Небрегово дава возбудлива можност за непосреден контакт со неговото дело

Веќе три децении сте професорка на факултетот што го носи името на Блаже Конески. Можете ли да направите споредба на времето кога Вие бевте студентка и сега, кога сте професорка на истиот факултет? Навистина ли се намалува бројот на студенти што сакаат да ги изучуваат македонскиот јазик и книжевност?

– Времињата се различни. Додека студирав, студирав во една друга држава. Моето дипломирање е врзано и со крајот на таа некогашна држава. А почетокот на мојата професорска, поточно академска кариера на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ, која еве ја тече повеќе од 30 години, е во основата на самостојна Македонија. И навистина сè таму до крајот на првата деценија од овој наш 21 век македонистиката и особено изучувањето на македонската книжевност беше на високо ниво според бројот на запишани и дипломирани студенти. Но, не мислам дека бројката како бројка е секогаш оној параметар за добра универзитетска македонистика. А многу фактори влијаат зошто е намален бројот.

Најпрвин зашто глобално гледано намален е и бројот на населението во Македонија, намален е бројот на матуранти (оваа година се само 15.000, а до пред 15-ина години таа бројка изнесуваше околу 25.000). Интересот на младите е насочен кон другите науки, така што генерално филологијата и хуманистиката се помалку интересни од информатиката, и тоа мора да се почитува. И згора на сè, ние како држава и по 30 години не изградивме јасна стратегија околу таа македонистика и околу тоа колку/како треба да бидат вклучени во пазарот на трудот дипломираните македонисти. Дали сите медиуми, портали, приватни и државни фирми имаат лектори по македонски јазик? Едно вакво новинарско истражување треба да се направи, ама реално…

Ние како држава и по 30 години не изградивме јасна стратегија околу македонистиката и околу тоа колку/како треба да бидат вклучени во пазарот на трудот дипломираните македонисти

Во таа смисла, потребна ли е нова стратегија за привлекување нови студенти што ќе ги изучуваат македонската книжевност и јазик?

– Ете, ова е клучното прашање! Замислете, МОН доделува стипендии за магистерски и докторски студии, на пример, за техничките науки, а за македонистиката никој не се ни сетува. Затоа, Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ донесе одлука да им помогне на своите магистранти и докторанди со намалување на школарината. Иако, благодарни сме што МОН успеа да ја препознае потребата од нови добри познавачи на македонскиот јазик, литература и култура и да донесе одлука за доделување 10 стипендии на годишно ниво за најдобрите студенти на додипломски студии. Сепак, и покрај тоа, и покрај добрите постигнати резултати во текот на студирањето, тие не можат така лесно да се вработат. Затоа што лебди прашањето каде ќе можам да работам со македонистика.

Каков е придонесот на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ во позиционирањето на македонскиот јазик на светската јазична мапа?

– Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје е континуитет од 55 години. Оваа година славиме убав јубилеј – 55. Летна школа и за неа интересот е исклучително голем! Очекуваме нови повеќе од 60 странски македонисти во Охрид. Догодина, пак, ќе ја организираме и 50. Меѓународна научна конференција и ќе ги прославиме над 20 илјади страници научни трудови од домашни и странски македонисти поместени во зборниците од овие 50 меѓународни конференции. Што значи – повторно исклучителен јубилеј.

Во овој миг македонскиот јазик се изучува на 20 престижни странски универзитети. Минатата година, во годината на Конески, прославивме 45 години македонистика на МГУ „Ломоносов“ во Москва и 35 години македонистика на Универзитетот во Истанбул. Оваа година прославивме и 60 години македонистика на Љубљанскиот универзитет и тоа токму на денот на македонскиот јазик, на 5 мај. Со радост очекуваме, здравје Боже, во 2023 година да прославиме и убава годишнина – 15 години од најмладиот лекторат на Универзитетот во Риека.

Во академската 2023/24 имаме исклучителна 50-годишнина од македонистиката на ИНАЛКО на Сорбона во Париз, а потоа во 2024/25 и 50-годишнина од македонистиката и на Универзитетот во Букурешт и на Универзитетот во Краков. Значи, позиционирани сме! Тоа е она што некому му пречи, особено кога упорно вергла дека македонскиот јазик е нечија исчашена творба.

Веќе три години сте директорка на Семинарот. За што се залагате во однос на неговата програма и организација?

– Семинарот работи и на полето на отворање нови лекторати во светот. И од она што е во најнапредна фаза е лекторатот на Универзитетот во Анкара. Таму веќе е отворена Катедра за македонски јазик, литература и култура и за раководител е назначена проф. д-р Мелахат Парс. Нашиот лектор Дарко Темелкоски е подготвен да ја започне својата мисија од септември или во новата академска 2022/23 и со тоа и на овој престижен универзитет да се почне со испишување на историјата на македонистиката во Анкара. На тој начин со онаа македонистика во Истанбул се допишува историјата на македонистиката во Турција. Во подготовки сме и за отворање на лекторат на Универзитетот во Пекинг. Останува посериозно да поработиме и на можноста да ја вратиме македонистиката на Државниот универзитет во Тирана.

Секако, за добра лекторска настава работиме и на второто (дополнето и изменето) издание на учебниците за македонски јазик за странци: „Тешкото“, „Лозје“, „Златоврв“ и „Везилка“ (а за потсетување, првото издание од овие учебници, како и некои претходни учебници се наоѓаат во дигитална форма и на веб-страницата на УКИМ, во делот каде што е поставен и Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура). Малку или многу, времето ќе покаже.

На последното изборно собрание на Друштвото на писателите на Македонија прифативте да бидете дел од претседателството на оваа писателската асоцијација. Во долготрајната транзиција и честите политички и економски кризи се чини дека писателите се истиснати на маргините на општествените случувања. Што е потребно да се направи за тие повторно да го добијат местото што го заслужуваат?

– За мене тоа е предизвик, како што беше предизвик и претходните четири години кога, исто така, бев член на ова претседателство. Мислам дека и ние како автори мора да бидеме погласни. Мораме да бидеме поинтензивни во артикулирањето на некои свои ставови по однос на општествените случувања. Не смееме само да си пишуваме за по дома и да зборуваме во некои затворени кругови. Зашто, писателот никогаш не смее да биде неангажиран, но не смее да биде ниту исполитизиран, а со тоа да дозволи да биде и искористен.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 133, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 јуни 2022)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот