Интервју со графичкиот дизајнер и сликар Костадин Танчев-Динка: Знаците фактички се безвременски

Костадин Танчев-Динка во своето ателје во Тафталиџе

Повеќе можности за средба со сликарот и графички дизајнер Костадин Танчев-Динка имавме во последниов период, а сите беа поврзани со изложување негови дела од богатиот сликарски и графички опус.

Вистинските професионалци во областа на графичкиот дизајн професорот Костадин Танчев-Динка го препознаваат како основоположник на современиот дизајн кај нас. Во времето кога работеше во секторот за економска пропаганда (маркетинг) во НИП „Нова Македонија“, но и како раководител на секторот за графички дизајн и ентериер во Културно-информативниот центар во Скопје создаде стотици графички знаци и симболи.

Во периодот кога беше професор на Факултетот за ликовна уметност изгради повеќе генерации врвни графички дизајнери. Паралелно со графичкиот дизајн за своја душа се занимаваше со сликарство.

Во последниве два-три месеци на различни локации и со различен концепт можеа да се погледнат неговата самостојна изложба „Мигновение“, беше дел од истражувачкиот проект „Југо лого“, а со голема радост ја отвори и триеналната изложба на Графичката работилница „Софија“ – Богданци во КИЦ-Скопје.

На неговата последна изложба „Мигновение“ поранешни негови студенти му подарија сликарски материјал за да не престане да работи во областа на ликовната уметност. За да се увериме во неговите понатамошни планови и намери, го посетивме Костадин Танчев-Динка во неговото ателје во Тафталиџе.

На што треба да нѐ асоцира Вашата самостојна изложба со наслов „Мигновение“, што беше поставена во КИЦ-Скопје?

– Во основа, мојата последна изложба беше ослободување од моите претходни изложби, бидејќи честопати знаев да навлезам во симболизам. Сега ги напуштив сите симболики и се заинтересирав за моментот и за чувствата што ги носам во даден момент. Секоја слика е посебна сама за себе и секоја слика носи свое чувство за даден момент. Тоа е мигновение. Не сакав да направам изложба што ќе пренесува пораки, туку сакав да зрачи со чувства. Веројатно тоа е мој личен однос кон графиката и кон сликарството споени во едно. Затоа честопати сликите може да потсетуваат на формална апстракција или на енформел, но во суштина сите претставени слики се последица на тоа што претходно сум го работел. Целината на сликите го претставува мојот ликовен ракопис и моето видување кон ликовната уметност.

Во амбиентот на ликовната изложба „Мигновение“ во КИЦ – Скопје

Во Вашата дејност цело време се преплетуваат сликарството и графиката. Од една страна сте познат графички дизајнер и професор по графика, а од друга, се занимавате и со сликарство. Како ја носите таа паралела во себе?

– По природа сум многу љубопитен и секогаш ме интересирале експериментот и различното размислување. На факултетот предавав цртање, графика со графички техники и графички дизајн. Љубопитноста редовно ме тераше интензивно да се занимавам со сликарство, а наспроти тоа и со сценографија. Така што никогаш не сум се занимавал само со една насока, а честопати сам сум си го поставувал прашањето – што би било кога би се занимавал само со една дејност? Меѓутоа, очигледно е дека мојата љубопитност никогаш не го напушта детето во себе и со секој момент играм со она што ќе го почувствувам и го работам тоа што ќе ми дојде, не би рекол како инспирација, туку како размислување околу ликовната уметност.

Пред крајот на минатата година во МКЦ беше поставена групната изложба „Југо лого“, каде што имаше цело пано со Ваши графички симболи. Со што го заслуживте своето место на таа изложба?

– Ѝ припаѓам на генерацијата на професорот Милош Ќириќ во Белград, кој своевремено ги постави основите на визуелната комуникација и бев дел од првата генерација што дипломираше кај него. Голем предизвик беше да почувствувам дека имам голем афинитет кон графичките знаци и симболите, каде што припаѓаа логоа, грбови, знакови, знамиња, односно сето она што е дел од визуелната комуникација и графичкиот дизајн. За мене професорот Ќириќ, кого го сметам за еден од најголемите во областа на визуелната комуникација, ми го отвори предизвикот да продолжам во тој правец. Уште како студент првиот предизвик ми беше работата на конкурс на Филмската работна заедница и од тогаш досега изработив над стотина логоа. Така се посветив на графичкиот дизајн, кој подразбира изработка на логоа, плакати, илустрации, опрема на книга.

Благодарение на Огнен Ранковиќ, кој за потребите на изложбата „Југо лого“ направи сеопфатно истражување на тој период, се најдов со мое пано на поставката. Инаку, изложбата „Југо лого“ е голем истражувачки потфат на младиот Ранковиќ, бидејќи успеал да идентификува околу 600 автори од областа на графичкиот дизајн во периодот од 1945 до 1992 година, односно од периодот на постоењето на Југославија. Изложбата прво беше поставена во Загреб, потоа дојде во Битола и во Скопје, а сега е поставена во Пула.

Изложбата „Југо лого“ е голем истражувачки потфат на Огнен Ранковиќ, а Костадин Танчев-Динка е меѓу застапените автори

Го спомнавте Вашиот професор, но и самите сте еден од првите што во Македонија почнале студиозно да се занимаваат со графичкиот дизајн. Какви беа Вашите почетоци во дејноста?

– Во седумдесеттите години од минатиот век, кога се вратив од студиите во Белград, кај нас веќе имаше повеќе автори што се занимаваа со графички дизајн, меѓутоа тогаш дизајнот беше под влијание на Андреевиќ Кун и беше повеќе илустративен, додека со следниот период во Југославија се појавија влијанија од „Баухаус“ кои доведоа до друг вид естетика со таканаречен минималистички однос кон нештата. Тоа беше мојата голема причина да влезам во таква аналитичка форма на знакот како би бил поедноставен и попрепознатлив, со чиста идентификација во себе. Некаде се водам како основоположник на современиот македонски дизајн и целта ми беше кај нас да направиме една нова естетика во областа на графичкиот дизајн.

Пано со графички симболи на Костадин Танчев-Динка на изложбата „Југо лого“

Некои од Вашите стотина логоа успеале да опстојат и по педесет години, како логото на Кинотеката, на Културно-информативниот центар, на МОК, а има и факултети, институти, заводи… Како тече мислата при создавањето знак кој со години ќе идентификува одредена установа?

– Знаците фактички се безвременски. Тие се минималистички, графички се чисти и препознатливи, а кога ќе ги ставиме во сопствената меморија како такви егзистираат и опстојуваат. Секако, има постапка како да се фокусираат мислите при изработката на еден таков знак. Мојот приод е прво со анализа за кого треба да го подготвам знакот и дефинирање дали ќе работам по типографската логика, визуелната конгрегација или асоцијативната компонента, или пак, може по договор да се креира знак и да се прифати како таков. Во однос на техниката работам класично, без користење на дигитални алатки. Тоа е метод на таканаречено „одење пеш“, со молив, со цртеж, со едноставност, со пропорционален однос и со чистина на препознатливост без оптоварување. Секако, знакот во себе мора да носи оригиналност.

Неодамна ја отворивте петтата триенална изложба на графичката работилница „Софија – Богданци“ во КИЦ-Скопје. На работилницата сте ментор на студенти од целиот регион. Дали со новите генерации и новите технологии се менува и графичката дејност?

– Со мојот пријател Драган Семенпеев-Цапе, односно Печатница „Софија“ – Богданци, долго време се носевме со идејата да направиме графичка работилница во која ќе бидат застапени сите можни класични графички техники, односно висок печат, длабок печат, рамен печат, пропустен печат и дигитален, современ печат. Таа работилница ги поседува сите можности за класичната графика. Целта на таквата работилница беше секој заинтересиран графичар, кој нема услови за работа дома, да може да дојде неколку денови во текот на целата година и да ги добие сите услови, вклучително престој, храна и материјали, за да ги изработи своите графички идеи. Единствен услов беше да остави четири графички листа за работилницата откако ќе заврши со работата.

Во истата работилница еднаш во годината, најчесто на крајот на август, имаме една графичка сеанса на која доаѓаат студенти и ментори од сите факултети на Балканот. Се обраќаме до катедрите за графика на факултетите во Загреб, Љубљана, Сараево, Белград, Софија, Нови Сад, Ниш, Осиек, Варшава, Солун, и од таму ни праќаат по двајца студенти што се на постдипломски студии. Работилницата трае десетина дена и на неа, покрај можноста за учење и истражување, се случува и соработка помеѓу студентите од различни факултети и академии. На работилницата доаѓаат и ментори, кои не влијаат врз ликовниот израз на студентите, туку се присутни како надзор на процесот на работата и евентуално се вклучуваат при потреба за консултација. Целта на работилницата е добро да се совладаат класичните графички техники.

Отворање на изложбата на Графичката работилница „Софија“ – Богданци во КИЦ-Скопје

Многу студенти што ги посетувале Вашите часови на факултет долго време се сеќаваат на Вас. Дури на последната изложба „Мигновение“ ви подарија сликарски материјали за да продолжите со работа. Ќе има ли „Мигновение 2“?

– На завршната изложба кажав дека надежта останува последна, така што ако има надеж, ќе има и изложба.

Што најмногу Ви значело во процесот на педагошката и на ликовната дејност?

– Многу ми значеше работата на факултетот. Ми значи и мојата љубопитност кон нештата и предизвикот да се занимавам со повеќе ликовни и графички дисциплини. Не би можел да ги издвојувам нештата, бидејќи секогаш се наоѓам на местото каде што ќе протече некоја нова идеја. Во таквите процеси секогаш влегувам на ризик, без да мислам на последиците и на патот по кој ќе ме поведе идејата. Покрај љубопитноста, мислам дека во себе носам и голема доза на истрајност. Секогаш сум сакал работите да ги истерам до крај.

Во однос на пунктовите по кои сте се движеле, значаен е Белград со студиите, но значаен е и Париз со специјализацијата. Што од Париз Ви остана во сеќавањата?

– Во поранешниот период многу често одев во Париз, а во последно време многу поретко. Париз ми е град што во моето време го носеше приматот на центар во областа на уметноста и културата. Во сеќавања ми останаа многубројните изложби, настани, дружења. Престојот во Париз ми даде поголема сигурност и храброст во уметноста. Ми даде слобода во изразот да не се држам строго до одредени правила и правци, туку да правам селекција на работите според моите лични видувања и спознанија, како и да изградам свој сопствен израз во однос на креативноста во уметноста.

Во однос на работата тука, пред неколку години објавивте обемна монографија со посебно поглавје за секоја област во која сте работеле, за графичката дејност, плакатите, опремата на книги, сценографијата, сликарството. Што од сето тоа е сочувано и каков е односот на државата кон таквото творештво?

– Тука ќе бидам ригорозен и ќе кажам дека државата нема никаков однос. Тоа го кажувам од една проста причина, а тоа е фактот што кога требаше да почнам да ја подготвувам монографијата не успеав да најдам никаква документација за моите дела, ниту пак, нешто од нив што е дигитализирано. Монографијата ја подготвив со дела што сум успеал да ги сочувам дома. Тој факт беше големо разочарување за мене, бидејќи во установите што се задолжени за чување архивски материјали, не можев да најдам ништо. Единствено пристојна архива успеав да најдам во Кинотеката. Затоа мислам дека државата многу малку обрнува внимание на континуитетот на тоа што сме го работеле порано.

Претходно спомнавте верба и надеж. Каква верба имате дека работите ќе се променат на подобро?

– Се надевам дека ќе оди на подобро, бидејќи верувам во младите генерации. Сметам дека имаме многу талентирани млади луѓе, но мислам и дека Министерството за култура треба малку да размисли околу линеарната поделба на средствата, затоа што „давањето трошки“ не значи и поддршка на културата. Затоа мислам дека не правиме доволно за младите луѓе да ги задржиме и да ги афирмираме, а тоа е многу тажно.

(Интервјуто е објавено во „Културен печат“ број 217, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 10-11.02.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот