ИНТЕРВЈУ со Фатих Акин: Филмот може еден ден да те сака, а друг ден да биде кучка

Да не се филмските фестивали ќе мислиме дека филмот сè повеќе добива на визуелност, а сè помалку посветува внимание на содржината. Да не се филмските фестивали ќе мислиме дека повеќе не се прават филмови кои отвораат толку актуелни прашања и наметнуваат провокативни теми. Да не се фестивалите ќе мислиме дека повеќе не се прават ангажирани филмови, затоа што сè помалку има кој да ги гледа. И факт е дека во дистрибуција тие филмови, за разлика од блокбастерите, многу потешко си го пробиваат патот. Па сепак, тоа не значи дека повеќе нема автори кои сакаат да го променат светот и кои веруваат дека филмот ја има моќта да го направи светот подобро место за живеење. Еден од нив е и нашиот соговорник, германско-турскиот режисер Фатих Акин, кој верува во влијанието на филмот, но е доволно свесен за да знае дека една ластовичка не прави пролет.

Фатих Акин, познат по своите филмови: „Со глава в ѕид“, „На работ на рајот“, „Во јули“, „Душата на кујната“, „Звуците на Истанбул“, „Од никаде“, е годинешната ѕвезда на јубилејното 40. издание на „Браќа Манаки“, што не значи дека фокусот не е на мајсторите на фотографијата, но Акин, кој е дојден заедно со својот директор на фотографија, Рајнер Клаусман, со својот опус и актуелност покажува дека не е изменет филмот, туку нашиот однос кон него. И сè додека макар и еден верува во неговите пораки, тогаш ништо не е изгубено. Во Битола ќе можеме да го видиме неговиот последен филм „Златна ракавица“, вистинска приказна за еден сериски убиец. Разговорот со Акин го правевме пред фестивалот, но тој не сакаше многу прашања, а нема ни долги одговори, што на прв поглед делуваше разочарувачки, но кога ќе ги прочитате ќе сфатите зошто ги сакате неговите филмови.

Слободен печат: Вашите филмови се посветени на многу различни теми, но во суштината секогаш имаат нешто заедничко, а тоа е ангажираниот пристап и обидот да ги соочите луѓето со вистината, без оглед каква и да е. Дали тој пристап, и покрај признанијата, умее понекогаш да донесе и проблеми?

Фатих Акин: Филмот секогаш може да биде ризик. Не верувам дека филмот му останува секогаш верен на филмскиот автор. Филмското дело се менува и може да биде кучка. Може еден ден да те сака, а другиот ден да се претвори во своја спротивност. Без оглед на тоа што правењето филм е страст. Затоа мислам дека е важно да се нурнете во него и да заборавите на своите стравови, бидејќи штом еднаш сте се нурнале тогаш живеете и учите од тие последици.

СП: На некој начин припаѓате на два света, две традиции, две култури на живеење. Колку луѓето се подготвени да ја прифатат различноста? Вашите филмови често зборуваат токму за тие граници!

Фатих Акин: Ми се чини дека развојот во историјата на човештвото оди во една насока – што помалку светови, што помалку култури на живеење, помалку различности. Сѐ се претвора во едно глобално село. Тоа можеби нема да го прифатат сите, а некои луѓе, пак, имаат многу поголеми проблеми тоа да го прифатат. Мојата работа е рефлексија на тие прашања. Има голем потенцијал во овие прашања за раскажувач како мене.

СП: Филмот „Со глава в ѕид“ не само што направи голем успех, туку што е уште поважно, стана своевиден симбол на ослободувањето. Колку, според вас, денеска филмот може да изврши влијание, колку може да придонесе некои граници да се поместат?

Фатих Акин: Филмот е знак на времето. Не знам и не верувам дека еден филм може премногу да промени. Но, можеби бран на филмови, бран на книги и на дискусии можат да помогнат во преиспитувањето на општествените вредности.

СП: Филмот „Од никаде“, пак, беше директна реакција на некои ужасни настани и убиства во Германија од страна на неонацистите. Одѕивот беше голем и пораката секако е пратена, но како сето ова беше прифатено во Германија и пошироко, бидејќи зборуваме за предрасуди и екстремизам кои се многу живи?

Фатих Акин: Може да се каже дека филмот имаше успех во Германија. Дајан Кругер беше правата актерка која предизвика интересирање за оваа непријатна тема. Тоа беше некако како Дајан да и помогна на публиката да оди и да ги види тие работи. Тоа не беше само тема на филмот. Некои луѓе имаа навистина проблеми со тие прашања. За нив е многу полесно да ја слават мојата работа бидејќи се занимавам со проблемите на малцинството, а не на мнозинството. Во филмот „Од никаде“, сепак, се работи за мнозинство.

СП: Последниот ваш филм, кој всушност и ќе го видиме во Битола, се навраќа на вистинска приказна. Што е она што е пресудно да се занимавате со една тема, колку настаните, колку предрасудите, колку ограничувањата, колку апсурдот…, а колку самите луѓе? Бидејќи, факт е дека нема правила и дека понекогаш луѓето умеат навистина да изненадат!

Фатих Акин: Мојот последен филм беше предизвик на многу нивоа, како за мене, така и за публиката. Повремено ви треба предизвик. Најголемото изненадување беше тоа што се потрудив да ги одбегнам вообичаените трикови со кои еден таков карактер се обидувате да и го доближите на публиката. Одбив да дадам објаснувања. Нема објаснувања. Но, на некој начин, сепак ми се допаѓа мојот карактер. Тој е некој.

СП: За крај, а и во пресрет на вашето доаѓање во Македонија, би рекла дека за вас честопати велат германско-турски режисер или германски режисер со турско потекло, а и факт е дека вашите филмови тематски се поврзани со овие две култури на живеење, чии граници ги поместивте… Што би рекле вие за себе?

Фатих Акин: Зошто да ги комплицираме работите? Јас сум филмаџија…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот