Интервју со Емил Парнаџиски, музички продуцент: „Самомк“ – радио што ќе се грижи и ќе ја чува македонската музика

Фото: Приватна архива

Емил Парнаџиски е вљубеник во музиката, посветен, пред сѐ, на џезот, соулот, фанкот, со долгогодишно искуство во повеќе скопски радиостаници. Од пред некоја година е сопственик и уредник на „Just Music Radio“, а овој пат најавува нов и смел проект, „Самомк“, радио што ќе ја негува и промовира исклучиво македонската музика.

Фото: Приватна архива

Интервјуто го правиме неполн месец отворањето на Вашето ново „Самомк“ радио. За разлика од Вашето прво „Џаст мјузик радио“ (Just Music Radio), на кое доминира светската џез, соул, фанк музика, овој пат се определивте за концепт што подразбира само македонска музика. Тоа ќе биде и прво радио со ваков музички концепт кај нас. Авантуристички или нужен чекор?

– „Самомк“ радио е внимателно смислен проект уште од минатата година. И првото радио „Џаст мјузик радио“ и ова новото со нивната музичка програма се осмислени како интернет-радиостаници кои се различни од понудата што ја има во македонскиот етер. Првото, со гореспомнатите стилови на музика што се доминантни во програмата, го прави единствено во нашата земја, а ова новото „Самомк“ ќе биде прво радио со 24 часа македонска музика. Можам слободно да кажам дека вакво радио е нужно како поддршка за нашите музичари уште од поодамна. Но, како се вели, никогаш не е доцна.

Кои музички жанрови ќе бидат застапени?

– Ќе се слушаат буквално сите музички стилови како: поп, рок, алтернатива, рап, хип-хоп, фанк, џез, етно, електро, па дури и класика во полноќните часови или, пак, рано наутро шлагерските и фестивалски песни од времето на нашите родители. Најголем проблем ми беше како да се осмислат тие 24 часа со македонска музика, кој стил во кое време од денот да се слуша, а да ги задоволува сите вкусови. Впрочем, ќе стартуваме набрзо, ќе ги тестираме слушателите и ќе бидеме спремни да прифатиме критики и совети.

Претпоставувам дека ваквиот концепт ќе има поддршка од македонските музичари и од слушателите, но веројатно на самиот почеток се сретнувате и со скептични ставови во однос на квантитетот на македонската музичка продукција која треба да се врти 24/7?

– Додека се подготвуваше проектов, често некој ќе ме запрашаше, па зарем имаме толку македонска музика за 24-часовна програма, а да не се повторува често? Кога почнав да копам по моите плочи, касети и дискови, како и по македонските музички архиви (интернет, книги, енциклопедии), самиот бев изненаден колку многу има македонска музика. Од голем број поддржувачи постојано ми стасува музички материјал во најразличен формат, кој го архивирам во базата на радиото, при што внимателно водам сметка која песна и во кој фолдер ќе се стави за да може потоа радиската програма правилно да ги ротира. Мислам дека во последните неколку години имаме хиперпродукција на нова македонска музика во сите стилови и одговорно тврдам дека „Самомк“ ќе дава поддршка на секој млад пејач, музичар или група со тоа што ќе бидат редовно присутни во нашата програма.

Каква ќе биде програмската шема на радиото? Дали ќе има емисии посветени на определени жанрови, дали ќе има и водители или и ова ќе биде „само музика“, радио и колкава екипа ќе биде ангажирана?

– Во првиот период до Нова година ќе одиме само со музика, а потоа полека ќе почнеме со надградба на програмата со топ-листи, презентации на цели албуми, гостувања на музичари со нивен избор на музика и друго, да не откривам сѐ. За почеток не сме голема екипа, но со текот на времето сигурен сум дека ќе се зголемува. Ќе бидеме нормално присутни со сите популарни социјални мрежи и платформи, од кои секој ќе има можност да види или слушне што е ново на македонската музичка сцена. Ќе објавуваме пикантерии и приказни за минатото и за сегашноста.

Има мислења дека радиото како медиум полека изумира, дали се согласувате со тоа?

– Не се согласувам во целост со таа констатација. Точно е дека со напредокот на технологијата и континуитетот на нови музички платформи и бази каде што можете да најдете сѐ што сакате од музика, доаѓа до запоставување на класичните радиостаници, но од друга страна, секојдневно се отвораат интернет-радиостаници низ светот, на кои со еден клик на телефонот можете да ја слушате вашата омилена станица. Во контекст на ова и „Џаст мјузик радио“ и „Самомк“ имаат опција да ги слушате преку нашите бесплатни апликации што можат да се симнат на вашите телефони.

Со оглед на тоа дека станува збор за интернет-радио, дали очекувате поголема слушаност во дијаспората на сите континенти?

– Нормално, очекувам дека ќе се слуша радиото „Самомк“ и во дијаспората, посебно што сѐ помалку се остава простор на македонската музика на нашите телевизии и радиостаници, а со тоа секој што живее надвор од Македонија ќе има можност во секое време да ги слуша хитовите од минатото и од сега.

Околу три децении сте присутни во етерот како музички продуцент и автор на радиски емисии. Кои беа радио „станиците“ што ги поминавте пред ова?

– Така е, колешке, од мојот почеток беше во „Радио Уно“, потоа „ПроФМ“, па следуваше период со специјализирани емисии во „А1“ и „Равел“, за да завршам во „Антена 5“ некои добри десетина години. Огромно ми е тоа искуство што го имам акумулирано за тој период додека работев, а и мечтаев за своја радиостаница на која сега ѝ дојде времето кога ми се исполнува желбата.

Фото: Приватна архива

На кој начин ќе биде промовиран почетокот на емитувањето на програмата?

– Ќе бидеме малку агресивни во промоција на радиото „Самомк“, преку билборди, печатени и интернет медиуми, социјални мрежи, како и мои гостување на нашите телевизии. Официјален старт е закажан за 20 декември, кога ќе организираме настан на кој ќе поканиме новинари, ТВ-медиуми и музичари од најразличен профил.

Дали веќе се знае со која музика за првпат ќе се огласи радиото?

– „Самомк“ веќе два месеца е во тест-период и како што напоменав, стартот е објавата на нашиот веб-портал и бесплатна апликација кој ќе се случи на настанот што го организираме. Што ќе слушнете првпат на „Самомк“ зависи од тоа кој период од денот ќе се вклучите. Денот ќе биде шарен и разнолик со музика за сите генерации, ноќта резервирана за помладите, а по полноќ за искусни слушатели – мала шала.

Стартот на „Самомк“ е закажан за 20 декември, токму пред празниците. Тоа значи дека љубителите на македонската музика ќе можат празниците да ги поминат со музиката на „Самомк“?

– За празниците нормално ќе има изобилство од весели песни, а особено за самиот дочек на Новата година, каде што јас лично ќе го спремам миксот што ќе почне од 21 часот и ќе трае до 1 по полноќ. Верувајте ми, ќе се изненадите од сѐ што ќе слушнете таа вечер.

На крај сакам да резимирам со тоа што ќе ветам дека Македонија со „Самомк“ ќе добие радио, кое верно ќе се грижи и ќе ја чува македонската музика.

Благодарам на можноста да го промовирам новото радио во вашиот медиум.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот