Интервју со Анита Ангеловска-Бежоска, гувернерка на Народна банка: Банкарскиот систем е стабилен, со повеќе капитал од пред пандемијата

Со оглед на постепеното и умерено нагорно придвижување на основната каматна стапка, не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките, иако веќе кај одредени производи, пред сѐ депозитните, се забележуваат одредени нагорни корекции. Кај каматните стапки на кредитите засега нема позначајни поместувања.

Како централна банка дадовме јасно до знаење дека ќе преземеме решавачки чекори за да ја зачуваме стабилноста и да ги закотвиме инфлациските очекувања и да обезбедиме среднорочна ценовна стабилност, децидна е гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска. Таа во интервју за „Слободен печат“ потенцира и дека банкарскиот систем е стабилен, со повеќе капитал од пред пандемијата, и дека централната банка презема мерки за уште поголемо зајакнување на капиталната база на домашните банки, во услови на зголемени системски ризици под влијание на геополитичките превирања на глобално ниво.

Што се однесува до квалитетот на кредитите, тие засега покажуваат стабилно кредитно портфолио, со оглед на тоа што учеството на нефункционалните во вкупните пласмани е ниско, стабилно и се движи околу три проценти.

Народната банка информираше дека е донесена одлука за воведување макропрудентна мерка со која дополнително се јакнат заштитните механизми во банкарскиот систем, а која ќе почне да се применува од 2023 година. Самата ваква најава по малку носи вознемиреност, затоа што тешко кој ќе разбере за што станува збор. Би Ве замолила што поедноставно, што би се рекло, народски, да ја објасните мерката. Дали ова можеби значи дека дел од добивките на банките место за дивиденди на акционерите ќе се користат за докапитализација на банките?

– Макропрудентната мерка што ја донесе неодамна Народната банка е со цел натамошно јакнење на отпорноста на банкарскиот систем, што е предуслов и за натамошна солидна кредитна поддршка на граѓаните и на компаниите. Со оваа мерка за првпат се воведе стапка на противцикличниот заштитен слој на капиталот од 0,5% за изложеностите на банките кон домашната економија. Мерката има макропрудентен карактер, бидејќи не е насочена кон поединечна банка, туку има системски пристап (се однесува на сите банки), односно придонесува да се зајакне стабилноста и сигурноста на банкарскиот систем во целина, со што се придонесува за натамошно јакнење на вкупната финансиска стабилност. И втората важна карактеристика е тоа што мерката е превентивна, односно придонесува дополнително да се зајакне капиталната база на домашните банки, во услови на зголемени системски ризици под влијание на геополитичките превирања на глобално ниво. Со тоа, всушност, се подобрува подготвеноста на банките за справување со ризиците доколку се случат, бидејќи тие ќе имаат уште повеќе капитал да ги апсорбираат евентуалните загуби и нормално да продолжат со работењето. Всушност, тоа беше и идејата, кога по глобалната криза, на глобално ниво се направи измена во регулативата и се воведе пакетот макропрудентни инструменти, кој покрај противцикличниот заштитен слој на капиталот, вклучува уште три заштитни слоеви: системски заштитен слој на капиталот, заштитен слој за зачувување на капиталот и заштитен слој на капиталот за системски значајни банки. Последните два вида заштитен слој на капитал веќе се во примена кај нас, имајќи предвид дека домашната регулатива се усогласи со меѓународните стандарди уште во 2016 година.
За да биде појасна улогата на овие заштитни слоеви на капиталот за јавноста, ќе се обидам да направам аналогија со значењето на заштедите за еден поединец или семејство. Ако вие имате заштедено средства од вашиот доход, тоа ви дава простор да ги зголемите инвестициите или потрошувачката во следниот период, но и полесно да ги надминете евентуалните непредвидени настани што може да се случат, какви што се на пример намалувањето на доходот или загуба на работното место. Заштитните слоеви на капиталот имаат ваква слична улога на заштитен механизам за банките. Им овозможуваат на банките полесно да се справат со евентуалните шокови, без притоа да се загрози нивната стабилност и способноста за кредитирање на приватниот сектор. И тука нема никаква причина за вознемиреност. Напротив, јакнењето на заштитните слоеви на капиталот е причина за дополнителна сигурност за граѓаните, дека банкарскиот систем е стабилен и има доволно капитал да се справи со ризиците од окружувањето.
Со воведувањето на стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот, банките ќе треба дополнително да го зголемат капитал, кој може да го обезбедат од различни извори, вклучително и добивката од работењето. Впрочем, банките и досега во голем дел ги преинвестираа добивките, а нивната солидна профитабилност од почетокот на годината укажува на тоа дека имаат доволен внатрешен потенцијал за исполнување на новото капитално барање. Мерката ќе започне да се применува од следната година, што е вообичаен период за примена на ваквите мерки, со што се обезбедува доволно простор за приспособување на банките и за постепено формирање на заштитниот капитален слој без негативни ефекти врз солидната кредитна поддршка за економијата.
При носењето на мерката, ние ги имавме предвид солидните биланси на банките, коишто покажаа дека се подготвени да одговорат на новите предизвици од окружувањето, исто како што во целиот пандемичен период успешно се справуваат со ризиците. Но, исто така и ризиците од окружувањето, кои се нагласени во овој период, налагаат потреба од поголема претпазливост, особено во однос на управувањето со кредитниот ризик и планирањето на капиталните позиции. Очекуваме банките да продолжат со ваквото однесување и во следниот период. Впрочем, како одговор на зголемените ризици од окружувањето и отпочнатото зголемување на системските ризици, во последниот период, повеќе европски земји реагираа со вакви или слични мерки, со кои се бара повисока адекватност на капиталот на банките. Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи случувањата и во следниот период и останува подготвена да преземе соодветни мерки доколку оцени дека е потребно за да се одржи стабилноста на банкарскиот сектор, како и севкупната финансиска стабилност.

Од податоците на Народната банка може да се види дека се намалува јазот меѓу депозитите и кредитите. Така, во јуни годинава, разликата меѓу депозитите и кредитите била околу 770 милиони евра, а пред една година била околу 1,2 милијарда евра. Како го коментирате овој тренд и дали тој води кон зголемување на ризични пласмани?

– Податоците на кои посочувате, всушност, се однесуваат на показател што покажува колкав дел од депозитната база на банките е искористен за кредитна поддршка на економијата. Во изминатиов период се забележува пораст, односно во јуни 2021 година изнесувал околу 83%, додека оваа година достигна околу 89%. Промената се должи на тоа што кредитите имаат подинамична стапка на раст во однос на депозитите, коишто оваа година беа под влијание на енергетската криза и неизвесноста од руско-украинскиот конфликт, како и на шпекулациите. Овие промени значат поголема искористеност на постојните депозити за кредитирање, но и натаму показателот е значително под 100%, во споредба, на пример, со ЕУ каде што според последните расположливи податоци на Европската централна банка, на крајот на првиот квартал годинава изнесува 104,5%, што покажува дека сѐ уште постои простор за поголема искористеност на депозитниот потенцијал. Од овие причини, промените кај овој индикатор во ниеден случај не може да се поврзуваат со квалитетот на кредитните пласмани или како сигнал за нивната идна динамика. Квалитетот на портфолиото и профилот за ризичност на пласманите зависат од кредитните политики и критериумите за одобрување кредити, како и од финансиската дисциплина на корисниците на кредити. Податоците за квалитетот на кредитите засега покажуваат стабилно кредитно портфолио, со оглед на тоа што учеството на нефункционалните во вкупните пласмани е ниско, стабилно и се движи околу 3%, што е пониско ниво и од периодот пред пандемијата. Сепак, мора да се нагласи дека ризици во овој сегмент постојат и неопходно е будно следење.

Основната каматна стапка веќе стигна до 2,5 проценти, но историски сме имале и многу повисоки камати на благајнички записи. Што донесоа досегашните зголемувања? Задоволна ли сте од ефектите? Можни ли се понатамошни зголемувања на основната камата?

– Голем број централни банки го започнаа нормализирањето на монетарната политика како одговор на растечката инфлација и подигнувањето на инфлациските очекувања. Сепак, ова не се вообичаени услови, во кои централните банки реагираат на прекумерната побарувачка што ја подгрева инфлацијата. Станува збор за појава на инфлација што во најголем дел ја движат фактори на страна на понудата, и кои во комбинација со постпандемичното закрепнување на побарувачката придонесуваат за значително забрзување на инфлацијата во глобални рамки. Овој ценовен шок трае подолго и е релативно силен, па оттаму се пренесува и на останатите цени и на инфлациските очекувања. Од друга страна, моментално изгледите за раст се неизвесни и неповолни. Затоа и промените во каматната стапка се постепени, а циклусот на затегнување е поумерен и проследен и со други комплементарни мерки што треба да ги стабилизираат очекувањата и довербата, да делуваат на цените и на склоноста за располагање со домашна валута. Покрај зголемувањето на каматната стапка, во два наврата направивме и промени во системот на задолжителната резерва во насока на стимулирање на штедењето во денари, а воведовме и контрацикличен заштитен слој на капиталот, со кој дополнително се јакне и капацитетот на банките за реакција на шокови.
Треба да измине време за да се согледаат ефектите од овие мерки. Со оглед на постепеното и умерено нагорно придвижување, не се очекуваат силни и нагли промени во каматната политика на банките, иако веќе кај одредени производи, пред сѐ депозитните, се забележуваат одредени нагорни корекции. Кај каматните стапки на кредитите засега нема позначајни поместувања.
Како централна банка дадовме јасно до знаење дека ќе преземеме решавачки чекори за да ја зачуваме стабилноста и да ги закотвиме инфлациските очекувања и да обезбедиме среднорочна ценовна стабилност.

Основната каматна стапка ги зголеми и каматите на државните хартии од вредност. Колку пари сега имаат пласирано банките во државните хартии од вредност, и како Вие гледате на ова поскапено државно задолжување?

– Во моментов, вложувањата на банките во државни хартии од вредност изнесуваат околу 870 милиони евра, или 36% од вкупниот број издадени државни хартии од вредност на домашниот пазар. Зголемувањето на цената на задолжувањето на државата, мислам, дека е неминовно во околности кога глобално централните банки ги нормализираат политиките и ги зголемуваат каматните стапки, а тоа секако е случај и кај нас. И ние како централна банка во четири последователни наврати ја зголемивме каматната стапка, како превентивен одговор на инфлациските очекување и во насока на стабилизација на цените. Со други зборови, и глобалните и домашните финансиски услови минуваат низ фазата на постепено затегнување, што се одразува и на домашниот пазар на хартии од вредност. Во услови кога цената на задолжувањето расте, мислам дека уште повeќе е изразена потребата за претпазливи политики, насочени кон преземање целни мерки за оние сектори што најмногу се погодени од продолжената и повеќеслојна криза, но и развојни проекти што ќе го поддржат потенцијалот на економијата. Само на овој начин може да се делува кон зголемување на капацитетот за намирување на долгот, но и кон намалување на потребите за ново задолжување и поголема отпорност на растечките камати.

Кои се последните проекции и очекувања на Народната банка за раст на БДП?

– Нашите последни проекции ги објавивме во мај годинава, непосредно по избувнување на војната во Украина. Оттаму и целокупното макроекономско сценарио беше под влијание на високата неизвесност поврзана со економски реперкусии од војната помеѓу две земји што се едни од најголемите светски снабдувачи на храна и енергија. Оваа криза дополнително ги забави и ги наруши синџирите на снабдување, ја продлабочи енергетската криза, ги зголеми цените на основните производи на историски незабележани нивоа и делуваше на зголемување на непредвидливоста и намалување на довербата во глобални рамки. Во еден ваков контекст, во мај ги коригиравме надолу нашите очекувања за растот на домашната економија, проценувајќи раст на БДП во 2022 година и 2023 година од 2,9% и 3,6% соодветно. И покрај надолните ревизии, очекувањата сѐ уште се во насока на раст на економската активност, при очекуван раст на странската побарувачка, постпандемичното закрепнување на домашната побарувачка и кредитна поддршка на домашната економија од страна на банките. Досега, податоците за економската активност главно се движат во согласност со нашите очекувања, иако ризиците се надолни. Стапката на раст во првиот квартал изнесуваше 2,4% при проекција од 1,6%.

Тешко е да се предвиди идната динамика на инфлацијата

Со оглед на силината и долготрајноста на потресите што во континуитет ги подигаат цените на глобалните пазари, речиси и да нема земја во светот што не се соочува со растечка инфлација и нагорни корекции во проекциите. Според нашите последни проекции од мај – основното сценарио, очекуваната просечна инфлација изнесуваше 8,8% за 2022 година и 3% за 2023 година. Оваа проекција на инфлацијата беше највисока во споредба со сите другите меѓународни финансиски институции. Со оглед на високата неизвесност, покрај основно сценарио подготвивме и презентираме и попесимистично сценарио, кое упатуваше на стапка на инфлација нешто над 10%. Сепак, претпоставките врз кои се темелат овие проекции се исклучително променливи, и всушност очекувањата за еден дел од увозните цени веќе се коригирани во нагорна насока од последните проекции наваму. Исто така, во меѓувреме се прават и промени во регулираните цени на електричната и топлинската енергија, што може да делува на отстапување од проекциите. Оттаму, тешко е да се предвиди идната динамика на инфлацијата иако меѓународните финансиски институции очекуваат стабилизирање, а потоа наредната година и намалување на светските цени на енергијата, што заедно со позатегнатите финансиски услови би требало да делува на намалување на ценовните притисоци.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот