ИНТЕРВЈУ Бојан Кордалов: Имунитетот против лажни вести се стекнува со критичка мисла

Мора да работиме постојано на себе, бидејќи никој нема подобро да нѐ заштити од лажните вести отколку ние самите, а институциите мора да се прилагодат на новото дигитално време и да вложат во беспрекорни јавни услуги, затоа што незадоволството кај граѓаните ја отежнува оваа битка.

За да се заштитиме од лажните вести треба да научиме да си веруваме себеси и на своето изградено критичко и креативно размислување од најмали нозе, a институциите треба да научат да комуницираат со граѓаните како со индивидуи, а не како со колектив или „маса на луѓе“, вели комуникологот Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавност и новите медиуми. Тој порачува дека промената треба да почне во образованието, за да се прилагодиме на новото дигитално време во кое авторитетите повеќе го немаат последниот збор и никој нема монопол врз вистината.

Како прво и најосновно, што е тоа лажна вест, кои се најчесто нејзините извори, публика и крајни цели, какви категории на лажно информирање се разликуваат и каде најмногу ги има? Измислено ли е ефикасно „оружје“ против?

– Лажните вести се дефинитивно топ тема изминативе неколку години, иако тие постојат уште од почетокот на цивилизациите. Она што денес ги прави толку актуелни, но и опасни, е можноста за нивно брзо и разорно ширење низ целиот свет, а причината за тоа лежи во речиси неограничените можности за комуникација преку интернет технологиите, паметните телефони и секако социјалните медиуми.

Лажната вест е содржина која претендира да ја замени кредибилната информација, но која има за цел најчесто да предизвика забуна, а особено недоверба во јавните институции и демократските процеси воопшто. Се јавува во различни форма, најчесто како дезинформација (лажна информација која има за цел да наштети), мисинформација (лажна информација која дел од нас ја распространуваат без да бидат свесни или имаат цел некому да наштетат) како и малинформација (полукредибилна или дел од точна вест со чие ширење е со цел да се наштети).

Свесен сум дека не секој од нас му придава еднакво значење и важност на терминот „лажни вести“. Дел навлегуваат во семантика и етимолошка дебата, а друг дел во терминот гледаат обид од некого да се наметне наводна цензура или да се намали слободата на говорот и изразувањето. Според мене, и двете гледишта не прават никаков бенефит и се еднакво некорисни.

Бидејќи само со здружување на напорите и одбрана на демократијата, слободата и плурализмот составен од различни, но никако искривени и малициозни информации, можеме да се избориме со проблемот кој го нанесуваат лажните вести, теориите на заговор и дискриминацијата и на што буквално никој од нас не е имун! И токму интегрираниот и инклузивен пристап е единственото решение или како што велите „оружје“ во оваа борба. Поделбите, етикетирањата, делењата на граѓаните се дополнителна поддршка за креаторите и процесот на ширење на лажни вести.

На крајот од одговорот ќе се обидам да бидам „пластичен“ во изразувањето и да направам разлика меѓу став и ширење на лажна вест. Ако некој рече јавно дека „нема доверба во одредена институција“, тогаш изразува став, па лицата задолжени за односи со јавност во институцијата треба да се замислат зошто е тоа така и да сторат сè за да го докажат спротивното и да ја стекнат довербата на таа личност која потсетувам дека е даночен обврзник и ја финансира таа институција. Но, ако некој рече или напише јавно „од трета братучетка на мојата вујна која живее во странство и е блиска со некој важен таму дознав дека вакцината не е добра. И после како да имаш доверба во нашите институции“, тогаш очигледно зборуваме за информација која ниту е кредибилна, нити проверена, а огромни се шансите да има за цел намерно да ја разнишува довербата во институциите и со тоа да наштети на секој наш граѓанин.

Како гледате на пандемијата со коронавирусот која популацијата во целиот свет, не само кај нас, ја дочека со голема недоверба? Од каде потекна таа недоверба што се уште трае и дали е таа резултат само на лажните вести или влече корени и од други кризи?

– Секое ограничување на слободата, принудно менување на навиките и вонредно функционирање е тешко да се прифати, макар било со најдобра намера, а тоа изминативе десетина месеци е несомнено со цел заштитата на личното, а со тоа и на колективното здравје. Пандемијата наметна многу ограничувања и неспорен факт е дека го намали личниот избор и слобода кај речиси секој од нас. И тоа властите кај нас, но и во светот мораа да го земат предвид.

Комуниколошки гледано, мислам дека на глобално ниво многу се потклекна во овој дел, бидејќи не се изградија различни механизми за сите групи и нивните навики. Да бидеме искрени, мислам дека е нереално да очекуваме од личности во развој на свои 14, 15, па дури и 20 години цела година да седат затворени дома. Или, пак, да мислиме дека забраната на лицата над 65 или 70 години да излегуваат после пладне од дома нема да им биде проблем.

Повторувам, знам и разбирам дека мерките се носеа и носат со најдобра намера и тоа од страна на најстручните во здравството – докторите и останатите медицинските лица. Но, ова не е социјален експеримент по книга. Мора да се земе предвид како тоа комуникациски да се пренесе со цел полесно да се спроведе за секој да го сфати како лична одговорност и придонес кој избира да го прави. Битно е дали, која и каква алтернатива ќе се понуди за секоја рестрикција. Тешко е во 2020 година на кого било да му објасните дека со месеци нема да смее да оди во кафуле, на театар, кино, вежбална и слично. Мора кристално јасно и добро да го искомуницирате целокупниот процес и да понудите алтернатива. Пример, ако не работат трговските центри, да понудите државна поддршка за продавниците во тие центри за брзо преструктуирање со онлајн продажба, поддршка во доставувачи, а за граѓаните повластици и повисок поврат на данок ако пазарат по електронски пат од продавници кои физички во тој момент мора да бидат затворени.

Со други зборови, граѓаните се желни преку комуникацијата и одлуките што се носат на највисоко ниво да почувствуваат дека властите ги согледуваат и се подложни на истите проблеми со кои се соочува секој граѓанин. Сè додека власта и високо позиционираната администрација претставуваат престиж и нешто недостижно за мнозинството, недовербата ќе расте, а демократијата ќе биде ставана на сериозен испит во секоја голема криза.

Во огромната шума од информации, полувистини, шпекулации, како поединецот да знае кому да му верува, затоа што секогаш е можна манипулација, па и од оние кои тврдат дека штитат од манипулации?

– Поединецот, а тоа сме сите ние поединечно како граѓани и граѓанки треба да научиме да си веруваме себеси и на своето изградено критичко и креативно размислување од најмали нозе.

Институциите, од своја страна треба да се тие кои ќе научат да комуницираат со граѓаните како индивидуи, а не како со колектив или „маса на луѓе“. И ваквата промена мора да започне од најмала возраст преку образовните институции, кои ќе всадат критички дух кај секој ученик, но и нивно дигитално описменување и стекнување на знаења и вештини на иднината.

Потребно е постојано да се потсетуваме дека само со градење на индивидуална свест може да вложиме во колективен имунитет кој ќе не штити од лажни вести и дезинформации. И тука мора да прифатиме дека демократија и плурализам апсолутно значи дека никој нема монопол на вистината. Но, многу важно, и дека никој нема право да ги поткопува официјалните и веродостојните информации кои за да бидат целосно кредибилни единствено може да доаѓаат од целосно деполитизирани јавни институции.

И толку состојки се содржат во овој рецепт: доверба, транспарентност, инклузивност наместо поделби, професионалците на вистинските позиции, а со тоа се подразбира и дека крајно време е политиката целосно да излезе од јавните институции!

Кои се најголемите опасности од лажните вести за време на коронакризата?

– Опасностите се дефинитивно огромни и создаваат широк спектар. Од некористење на правилна терапија, до смрт поради неследење на официјалните препораки за превенција или лечење од коронавирусот.

Многу е важно да разбереме дека лажните вести не се наоѓаат таму некаде далеку, но и дека не претставуваат некоја салонска тема за дебата. Лажните вести се насекаде. На пример, кога политичар или економист зборува за (не)употребата на антибиотици во терапијата за ковид-19. Или кога доктор зборува за начинот на кој полицијата треба да се справува со прекршителите на мерките за заштита.

Потребно е да ја позиционираме комуникацијата каде што е местото. Тоа значи дека мора да престанеме да се градиме како ерудити и сештолози од кои се очекува став на секоја тема. Ако имаме здравствена криза како актуелната, да ги оставиме докторите и другите медицински лица да се справат со неа и да го најдат лекот. Сите ние, останатите, да продолжиме да си ја вршиме нашата работа и улога во општеството за која сме стручни, секако почитувајќи ги сите мерки за здравствена заштита.

Како ја оценувате состојбата во Македонија во однос на информирањето за коронавирусот? Дали институциите добро се справија со напливот од лажни вести или имаа преспори, а понекогаш и отсуство од реакции? Примери?

– Еве директно, во три фази. Првата одлична, втората погрешна и третата одлична. На почетокот, институциите доста брзо, особено Министерството за здравство се прилагоди на комуникацијата во услови на пандемија, со секојдневни информации, целосна отчетност и транспарентност. Институциите ја добија првата рунда во битката со лажните вести во ера на коронапандемија. Во таа фаза недостасуваше поголема адаптација на останатите јавни институции, кои за жал избраа да се засолнат, наместо да ги предводат своите целни групи во брзо закрепнување и прилагодување на новонастанатите околности.

Во втората фаза, малкумина, но високо позиционирани и гласни јавни функционери избраа да ги делат граѓаните на доктори и новинари, релевантни и нерелевантни, со право и без право на глас… За жал, таквиот пристап наместо да наиде на осуда од одговорните за односи со јавност во Владата, кај дел наиде на поддршка и ветер во грб на таа целосно погрешна комуникациска приказна од која, за жал, уште се чувствуваат одредени негативни последици. Како причина или како последица на ова, не можам веќе со сигурност да кажам, се јавија и опозициските барања за смени, на што се надоврзаа и владејачките ПР центри…И како велат, сè понатаму е веќе историја.

Во третата фаза, по завршувањето на летото, се почна со една поинаква и засега најделотворна комуникациска приказна. Пред неколку месеци високите јавни функционери почнаа со масовно користење на зборовите „замолуваме, од секој од нас зависи“ или „нема да воведуваме рестрикции бидејќи веруваме во граѓаните дека ќе ги почитуваат мерките“, „и јас се плашам од вирусот како и сите“ итн. Ваквата човечка комуникација и сензибилизација со чувствата и потребите на граѓаните придонесе сите да станеме многу поодговорни и конечно да сфатиме дека сите сме заедно во ова, како и дека целта е заедничка – да се избориме со коронавирусот и  да излеземе со многу помалку починати лица.

Се надевам дека ваквата стратегија, која уште од почетокот ја заговаравме сите ние кои се занимаваме професионално со комуникации, ќе продолжи и во иднина, со што очекувам многу подобри резултати во борбата со ковид-19, но и намалување на евентуалниот страв од имунизацијата.

Мислите ли дека лажните вести имаат реално толку голема моќ колку што им се припишува и дали навистина денес тие можат да го моделираат човековото однесување? Дали човекот кога  формира ставови и мислења за новите појави повеќе се води од своите веќе стекнати знаења и убедувања или уште важи максимата од 20 век дека „ако е кажано на телевизија, мора да е вистина“?

– Официјалните истражувања за навиките за информирање на граѓаните секако ја потврдуваат тезата дека најголема доверба во Македонија во моментов ја имаат телевизијата и другите традиционални медиуми. Но, истовремено бројките на интернет пенетрацијата се доста високи: над 80 отсто секојдневно користиме интернет, над две третини сме активни на социјалните мрежи итн.

И токму таа промена на навиките во информирањето, заедно со напливот на информации со кои сме соочени секоја минута бара и промена кај секој од нас. А, промената ќе почне само тогаш кога ќе прифатиме дека ова денес неосетно станува дигитално време, дека во иднина ќе биде уште повеќе, но и дека решението лежи во фактот дека технологијата и дигитализацијата треба да ни служат нам за да функционираме полесно и подобро, а не ние да робуваме на технологијата.

Според мене, не е прашање дали јас мислам, туку неспорен факт е дека полукредибилните информации, теориите на заговор и сите форми на лажни вести директно влијаат на однесувањето на секој од нас и тоа во негативна смисла. Впрочем, широко распространетиот говор на омраза, невидената поделеност и недоверба се најдобриот доказ за тоа.

Ако во човековата природа е да ги преиспитува нештата, да се прашува и да бара одговори, а тоа потоа се злоупотребува како подлога за налепување на лажни вести за коронавирусот, како да се заштитиме? Од друга страна, што е со критичката јавност и промислата?

– Тоа е и целта на лажните вести, да се замаскираат и да изгледаат како реални и кредибилни информации, кои се еднакво вредни да бидат дел од личниот, но и јавниот дискурс. И уште една важна работа, лажните вести денес изгледаат многу посовршено и помалку препознатливо споредено пред 4 или 5 години. На почетокот ние говоревме за елементарна писменост во препознавањето дали некоја вест е лажна, а денес веќе за многу поголема потреба од вклучување на личната совест и критичката мисла, но и користењето на интернетот со цел да дојдеме до кредибилните информации.

Мора да работиме постојано на себе, бидејќи никој нема подобро да нѐ заштити од лажните вести отколку ние самите. Секако, со ова воопшто не ги амнестирам од одговорност јавните институции и вработените во нивните оддели за односи со јавност кои мора да се прилагодат на новото дигитално време и да вложат во квалитетни и беспрекорни јавни услуги за граѓаните. Во овој сегмент доцниме многу и токму незадоволството кај граѓаните од јавните услуги дополнително ја отежнува оваа битка.

Кои лажни вести за короната, од Македонија или од светот, лично ви оставија најголем впечаток?

– Како човек се трудам да се фокусирам на позитивните аспекти во комуникацијата и давањето на примери како треба, наместо како не треба. Па оттука, би кажал дека огромен впечаток во позитивна смисла ми оставија медиумите и сите медиумски работници кои во текот на целата пандемија беа насекаде низ Македонија, вклучувајќи ги и најголемите жаришта, а со цел сите ние како граѓани да ги добиеме кредибилните и официјални информации, пренесени од сите аспекти.

Исто така, речиси рамо до рамо со докторите и сите медицински лица кои постојано се во првите борбени линии со коронавирусот беа и вработените во полицијата, војската, продавачите во маркетите, продавниците, на зелените пазари, хигиеничарите, вработените во јавниот и приватниот превоз на патници, поштарите… Тоа е вистинска комуникација која ни е потребна. Да ги покажеме со прст вистинските херои, а тоа се луѓето околу нас. Новото време, а особено пандемијата дефинитивно ни покажува дека поминува времето на неприкосновените авторитети на кои со децении сме навикнати. Ова е време на знаења, вештини и можности за сите, а не само на привилегираните. Да го комуницираме ова погласно и на тој начин да дадеме еднаква шанса буквално за секого!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот