ИНФОГРАФИК | Вртоглав раст на цените на јагленот, пченицата и гасот на пазарот за суровини

Обработка на податоци: Слободен печат - Иван Самарџиев

Најавеното стопирање на увоз на руска нафта и природен гас како дел од западните санкции кон Русија поради воената агресија на Москва врз Киев доведе до силен раст на цените на сите енергенти и суровини на глобално ниво од кои нема да биде поштеден ниту регионот ниту Македонија во наредните месеци.

Имено, според организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) пазарите на суровини ги продолжија темпото на пораст на цените, при што алуминиумот, јагленот и палминото масло постигнаа нови рекорди, додека суровата нафта и пченицата достигнаа повеќегодишни највисоки нивоа бидејќи руската инвазија на Украина го наруши глобалниот проток на суровини.

Па така цената на нафтата на лондонскиот пазар утринава изнесувашеа 121 долар по барел. Пред речиси еден месец барелот беше на ниво од околу 110 долари и помалку. Цените на нафтата го забрзаа растот во текот на изминатата недела, бидејќи инвеститорите ги проценуваат изгледите за понудата и побарувачката поради започнувањето на американската летна сезона на возење и излегувањето на Кина од блокадата поради ковид.

Во меѓувреме како резултат на руската инвазија на Украина на 24 февруари, цените на многу од предметните артикли посочени во инфографикот нагло се зголемија. Ова е особено случај за јагленот и пченицата, чии цени се зголемија во просек меѓу 60 и 70 проценти. Зголемувањето на цената е значајно и за другите важни суровини, како што се гасот и нафтата (од 25 проценти на 55 проценти), како и металите како никелот и платината (помеѓу 21 и 47 проценти).

– Се наоѓаме на почеток на нов економски поредок. Граѓаните, поради експлозијата на цените на нафта и гас драматично губат на својата куповна моќ. Претпријатјата затоа веројатно нема да можат своите зголемени трошоци да ги префрлат на грбот на потрошувачите, вели Роберт Халвер, стратег за пазар од капиталната банка Баадер банк.

Растот во идните месеци ќе биде кочен од недостиг од суровини, смета и Мартин Лик, главен инвестициски стратег за германското јазично подрачје во најголемиот инвестициски фонд во светот, Блекрок.

Посебно се погодени некои бранши, како автомобилската. Стопанството во Германија и Европа затоа ќе произведува значително помалку. А поради зголемените цени на енергенсите, ќе спласне и спремноста на потрошувачите на трошење пари, смета Лик, јавува Дојче веле.

Неизвесност и во металургијата

Но, не пораснаа осетно само цените на нафта и плин. И цените на паладиум се на рекордна височина од речиси 3500 долари за фина унца. Паладиумот е потребен за автомобилски катализатори, а на Русија отпаѓа 38 % од светското производство на овој елемент. Никелот е пораснаат за 40 % , највисока цена за овој метал од средината на 2007 година. Цената на алуминиумот, кој исто така е потребен во автомобилската индустрија, се искачи првпат на преку 5.000 долари по тон. Неделата која помина и оваа која почнува ќе останат во сеќавањата, сметаат аналитичарите за суровини од германската Комерцбанка.

Пченица/ Фото: МИА

Храната станува неподносливо скапа?

Порталот „Политико“ направи анализа на неколку аспекти што можат да влијаат и глобално и тектонски. Имено, Украина е огромен извозник на стоки како пченица, пченка и сончогледово масло, но руската воена операција значи дека целата трговија сега е во застој. Бродовите за снабдување на светскиот пазар за храна не можат да ги напуштат пристаништата на Црно Море.

Тоа веќе има големо влијание, при што цената на житото и маслодајните семиња се искачи на рекордно високо ниво, бидејќи трговците се загрижени за тоа колку долго ќе трае овој застој. ЕУ добива од Украина повеќе од половина од увозот на пченка, околу една петтина од увозот на мека пченица и речиси четвртина од увозот на растително масло. Според Олег Нивиевски, доцент на Економската школа во Киев, „во најлошото сценарио, нема да има извоз од овој регион за неколку години“.

А земјоделците што произведуваат или одгледуваат храна во ЕУ, веќе го чувствуваат „данокот од поскапувањата на енергијата и инфлацијата поврзани со пандемијата“. Така, на преработувачите на храна во ЕУ ќе им биде поскапо да дојдат до суровини, додека европските земјоделци треба да плаќаат уште повеќе за ѓубрива за да ги задржат високите приноси. Цената на вештачките ѓубрива веќе се зголеми за 142 отсто во споредба со ова време минатата година.

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот