Инфлацијата и струјата и догодина ќе бидат закана за индустријата

Виктор Мизо/ Фото: Слободен печат

Од три до петпати зголемени сметки добиле 40 отсто од анкетираните компании, а дури 65 отсто од компаниите ги посочиле канализацијата и одводот на атмосферските води, пристапен пат и приклучок за вода, како приоритетни инфраструктурни проблеми

Инфлацијата и цената на енергенсите се најсериозни ризици за работењето на компаниите во 2023 година. Деведесет и четири проценти од компаниите сметаат дека се потребни нови финансиски мерки за ублажување на последиците од енергетската и економска криза, а 53 отсто сметаат дека инфлацијата расте, покажува анкетата на Асоцијацијата на странски компании со технолошко напредно производство.

– Топ пет прашања на кои државата треба да се фокусира во 2023 година е подобрување на инфраструктурата и навремено исполнување договорни или законски обврски, усогласување на правилата за оправдани инвестициски трошоци за државна помош и сметководствени правила според меѓународните стандарди – истакна Виктор Мизо, претседател на оваа Асоцијација.

Според анкетата, државата треба да се фокусира и на намалување на оперативните трошоци на ТИРЗ, усогласување на царинските увозни стапки со оние во ЕУ, како и олеснување на правилата и постапката за престој и работа на странските државјани.

– Дури 94 проценти од анкетираните компании се корисници на државна помош, а 55 проценти од нив во изминатите три години реализирале инвестиција со нов пакет, односно склучиле нов договор за државна помош. Дванаесет проценти од компаниите имале инвестиција во последните три години, но не побарале нов пакет за државна помош – додаде Мизо.

Инаку, на повеќе од половината странски компании (55 отсто) што работат во земјава, како дополнителни инфраструктурни услуги им требаат детски градинки за згрижување на децата на вработените, противпожарна заштита, итна медицинска помош, паркинзи за вработените, јавен превоз и магацини и продавници. Како три најприоритетни инфраструктурни прашања, дури 65 отсто од нив ги посочиле канализацијата и одводот на атмосферските води, пристапен пат и приклучок за вода.

– Во однос на првичниот план за производство, 30 отсто од компаниите го натфрлиле планот (од 7 до 20 отсто), 50 отсто имаат потфрлање на планот (од 2 до 50 отсто), а една петтина од компаниите произведувале според планираното. Како најголеми причини за падот на производството/извозот, тие ги навеле намалените нарачки од странство, недостатокот на суровини и транспортните пречки – посочи Мизо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот