Има начин, нема волја да се намалат функционерските плати

Седница на Владата на Димитар Ковачевски/Фото; Влада на РСМ

За да се намалат платите, потребно е да се намалат бодовите или коефициентите за пресметка – или со измена на постојниот Закон за платите на избраните и именуваните лица или да се почека на носењето на новиот закон за систем на платите во јавниот сектор, кој се изготвува, велат од Владата

Пратениците, судиите, обвинителите, избраните и именуваните функционери, градоначалниците, директорите на разни фондови, агенции и државни фирми уште долго време ќе ја земаат платата што од 21 март со одлука на Уставниот суд им е зголемена и до 78 отсто, кога судот ја укина фиксната основица во Законот за плати на функционерите, па остана да им се пресметува според бруто-просечната плата помножена со коефициент, плус додатоците.

И покрај жестоките реакции на граѓаните, синдикатите, како и на дел од функционерите, и покрај ветувањето на Владата дека во најскоро време ќе се најде начин да се намалат безобразно зголемените плати, до тоа сè уште не дојде. Околу 2.000 функционери од најразличен вид следната седмица ќе почнат да ја земаат втората покачена плата, која за највисоките функционери – премиерот, спикерот и претседателот на државата скокна од околу 90 илјади на близу 160 илјади денари.

Владата во место, платата чекори напред

Од Владата велат дека за да се намалат платите, потребно е да се намалат бодовите или коефициентите за пресметка, и тоа, или со измена на постојниот Закон за платите на избраните и именуваните лица или да се почека на носењето на новиот закон за систем на платите во јавниот сектор, кој се изготвува. Но, ниту пратениците од власта, ниту пратениците од опозицијата предлагаат измени на постојниот закон во Собранието. А за новиот закон за систем на плати во тек се преговори со синдикатите, кои, пак, не се согласуваат со актуелните предлози на власта.

– Коефициентите на функционерите за утврдување на платата се определени со Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица. Владата работи на изработка на нов закон за систем на плати во јавен сектор во којшто ќе се предвиди структуриран и конзистентен пристап во пресметка и исплатата на плати на сите вработени во јавниот сектор и на избраните и именуваните функционери во државата. Во оваа смисла, за да се изврши промена во бодовите односно коефициентите за пресметка на платите на функционерите, потребно е или да се направат самостојни измени на постојниот Закон за плата и други надоместоци на избрани и именувани лица или до нив да дојде како резултат на усогласување со новиот закон за систем на плати во јавниот сектор – велат од Владата за „Слободен печат“.

Оттаму додаваат дека во моментов Владата и репрезентативниот синдикат преговараат за Општиот колективен договор за вработените за јавниот сектор.

– Тоа исто така ќе придонесе во изнаоѓањето на решение за уредување на сите плати во јавниот сектор, па така и на избраните и именуваните лица. Симулациите по предлозите за новите начини за пресметка на плати ќе бидат презентирани на следната седница на Економско-социјалниот совет – велат од Владата.

Синдикатите уште чекаат

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деановски, пак, вели дека сè уште не е закажана седница на Економско-социјалниот совет и немаат најава кога ќе се одржи. На таа седница треба да се презентира симулацијата за пресметка на платите што ја изготвува Министерството за финансии според предлозите на синдикатот и на власта, па синдикатите ќе анализираат кои предлози се во корист на работниците, што значи дека разговорите за платите во јавниот сектор, односно за Општиот колективен договор може да траат уште неколку месеци. За тоа време функционерите, на кои никој не им го знае точниот број, ќе ја земаат зголемената плата, за која исто така, никој не знае по колку пари месечно се одлеваат од државниот и локалните буџети што ги полнат граѓаните.

– Не очекувам дека брзо ќе се дојде до заеднички јазик и решение. Уште пред 21 ден ни е најавена симулацијата за пресметка на платите, но уште не ни е презентирана. Додека траат преговорите, платата на функционерите може да се смени и со измена на постојниот закон за функционерските плати, но гледаме дека нема политичка волја за тоа во Собранието – власта, секако, не превзема чекори, но и опозицијата не предлага измени на постојниот закон со образложение дека и онака сите предлози власта им ги одбива – вели Деановски за „Слободен печат“.

Тој додава дека и тие во синдикатите не знаат колкав е точниот број на сите избрани и именувани функционери, но со груби пресметки се доаѓа и до 2.000 лица ако се соберат околу 500 судии, 200 обвинители, 80 градоначалници, 30 министри и заменици министри, стотици функционери и советници во Владата, 120 пратеници, директори на стотици државни агенции, фондови, директорати, јавни претпријатија итн.

– Прашање е дали и кога ние ќе се усогласиме. Ако го чекаат новиот закон за плати во јавниот сектор, неизвесно е кога ќе се изгласа. Исто така, и да се потпише Општиот колективен договор, ќе потрае извесно време додека сè се усогласи за ние работниците да добиеме зголемена плата. Власта веќе нешто усно и преку медиумите ни најави, но ако е тоа таа симулација што планираат да ни ја презентираат и нам, ние ќе ја одбиеме. Инаку, мој личен став е дека позициите на власта и на синдикатите се многу неусогласени и за да се најде некое решение Економско социјалниот совет треба да заседава поредовно, ако треба и секој ден, а со седници еднаш месечно овој проблем може долго да се одолговлекува – вели Деановски.

Неодамна министерката за труд и социјала Јована Тренчевска најави дека функционерските плати ќе одат надолу, а тоа ќе го покаже симулацијата за тоа како ќе изгледаат новите плати во јавниот сектор.

– Се разработува методологија што треба да донесе системско решение за платите, вклучувајќи ги и функционерите. Очекувам деновиве да ги добиеме симулациите и ќе преговараме – најави Тренчевска.

Владата на својот сајт уште ги прикажува старите плати

На сајтот на Владата, во делот Отворена Влада и отчетност, сè уште се прикажани старите плати на функционерите, оние што ги примиле во декември 2021 година, кога на сметката на премиерот легнале 88.260 денари месечно примање. На прашањето на „Слободен печат“ зошто не се прикажани новите плати на владиниот кабинет од Владата одговорија:

– Во тек е ажурирање на податоците на именуваните лица на Владата на Република Северна Македонија за висината на платата на функционерите, по што јавноста ќе биде информирана. Ви укажеме и дека платата за функционерите, како и за вработените во Владата ја изготвува Службата за општи и заеднички работи.

Функционерите во Албанија со повисоки плати до 98 отсто

Албанскиот парламент вчера го изгласаа предлог-законот за зголемување на платите во јавната администрација и на функционерите, со кој платата на пратениците им се зголемува за 98 отсто, на министрите за 82 отсто, на претседателот на државата за 65 отсто и на премиерот за 72 отсто. Законот е изгласан со поддршка на пратениците од власта и на опозицијата.

Бруто платата на претседателот на државата од 257.000 лека се зголеми на 425.000 лека (околу 3.900 евра). Премиерот и спикерот ќе земаат бруто по околу 3.550 евра, министрите 2.900 евра, а пратениците 2.800 евра. Платите во јавната администрација ќе бидат повисоки од 90 до 315 евра, а ќе бидат опфатени 130.000 вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот