Има и други патишта освен ЕУ

EPA-EFE/PATRICK SEEGER

Договорот со кинески Синофарм за набавка на 200 000 вакцини е само потврда дека Македонија понекогаш премнногу тврдо и слугински се однесува кон стратешката определба за членство во ЕУ, дури и кога станува збор за прашања кои не се строго гео-политички, туку се од витално значење за нејзините граѓани.

За среќа откако се исконсултираа и откако „оние од горе“ јасно им ставија на заење дека можат „да си бркаат работа“ не очекувајќи дозвола од нив, вакцините од Кина ќе бидат првите и за сега единствените што ќе им бидат на располагање на македонските граѓани. Да не заборавиме по нив дури во Србија трчаат и македонските граѓани со двојно државјанство, а кога би можеле тоа би го направиле и многу други. Очигледно на повидок нема ништо од останатите европски „механизми“ на солидарност со која толку многу се фалеа европејците.

Ако власта има „нос“ треба да насети дека симпатиите на граѓаните кон Кина ќе пораснат, како што ќе порасне и евроскептицизмот. Се разбира тој веќе е во поодмината фаза откако ЕУ „не се покажа фер“ кон Македонија во ниту еден поглед, барем не онаков од кој населението на оваа држава виде фајде. Значи ништо нема да боли ако Македонија геостратешки полека се врти и кон останатите моќни сили, дотолку повеќе што тоа сите веќе го прават.

Македонската дипломатија не смее да биде слепа на новите геостратешки движења кои се случуваат во светот. Како прв пример треба да и биде соседна Србија која, кога е животот и стандардот на своите граѓани, не се женира да соработува со СИТЕ на овој свет. И тоа многу успешно го прави. Претседателот Вучиќ, „ваков, таков“ ја фати политиката на неврзаните на „диктаторот“ Јосип Броз Тито. И Меркел капа му симнува за динамиката на вакцинирање на населението. А и Србија е кандидат за ЕУ и пред Македонија. Да не заборавиме дека таму фрчат странски инвестиции од Кина, од Турција, од Јапонија, а дека Вучиќ добро „игра“ и со САД и со ЕУ.

Да не зборуваме за вечниот интерес на самата Европска Унија која постојано балансира во односите со САД, истовремено не занемарувајќи ги економските интереси со Русија. Не само што енергетски зависи од рускиот гас, туку некои важни европски земји како Италија и Франција на пример не се „труќаат“ да побараат руски вакцини за заштита на своето население.

Она што е секако особено за одбележување е дека на самиот крај на минатата година ЕУ потпиша стратешки договор за инвестиции со НР Кина, без при тоа да ја сочека промената на власт во Белата куќа.
Затоа господа Димитров-Османи одморете со тоа здодевната изјава „Македонија нема друга алтернатива“, туку покажете дипломатска зрелост и трошка независност, за овој народ да се почуствува како возрасна нација која има капацитет да си го трасира патот кон иднината, без да им биде товар закачен на грбот на европејците.
Секогаш имало и други патишта по кои може да се тргне, но тоа не значи дека од главниот ќе се откажеме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот