Хаос со лепење нови декларации, трговците не примаат стока ако не е и на албански јазик

Пазарење разни производи во маркети (14)-ink
Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Според Законот за заштита на потрошувачите, усвоен по скратена постапка на 15 ноември и кој веќе стапи на сила, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мора да бидат истакнати и на албански јазик. За да ја исполнат оваа обврска, сите приватни субјекти мора да ангажираат преведувач, што е дополнителен и непотребен трошок во економскава криза

Полни раце работа имаат деновиве производителите, увозниците и дистрибутерите на стока за широка потрошувачка. Според Законот за заштита на потрошувачите, усвоен по скратена постапка на 15 ноември и кој веќе стапи на сила, освен на македонски или на некој друг јазик, сите потребни информации за производот мора да бидат истакнати и на албански јазик. За да ја исполнат оваа обврска, компаниите мора да ангажираат преведувач, што е дополнителен и непотребен трошок во економскава криза.

„Слободен печат“ дознава дека одредени трговци деновиве одбивале да примат производи на кои нема вакви декларации, од страв да не бидат казнети. Според ЗЗП, казните се движат и над 1.000 евра и затворање на дуќанот од 15 до 30 дена. Уште полошо е тоа што не е оставен одреден рок за подготовка, па сега производителите и дистрибутерите се во хаос да постигнат да ја исполнат обврската, а во истовреме продавниците да не останат празни, дознаваме неофицијално. Трговците се во дилема и дали е можно да ја допродадат стоката на залиха, но засега нема кој да ги советува?! Од друга страна, проверката која ја направивме во одредени дуќани, покажа дека само мал дел производи, главно од увоз на амбалажата имаат вакви декларации.

Инаку според измените во Законот за тутун, кој беше на сила од мај 2019 година, производителите имаа 18 месеци за да ги прилагодат производите на новите барања. Рокот истече во ноември 2020 година и потоа на амбалажата на кутиите од цигарите, освен на македонски јазик, текстот е и на албански односно на писмото кое го употребуваат најмалку 20 отсто од населението.

-Законот важи и тој мора да се почитува на територијата на целата држава, што значи дека и во малите места каде што процентот на граѓани кој го зборуваат албанскиот јазик е под 20 отсто, мора да се стават вакви објаснувања – коментираат за „Слободен печат“, доброинформирани извори во проблематиката.

Инаку, според Законот за заштита на потрошувачи, трговецот е должен на потрошувачот да му ги даде, на јасен, видлив и читлив начин, а преку амбалажа, приврзок, налепница, упатство, декларација, изјава, или на друг соодветен документ, најмалку следните точни, целосни и корисни информации за: белезите, квалитетот, начин на употреба и функционалноста на стоките или услугите; влијанието на одредени стоки или услуги врз животната средина и животот, здравјето и благосостојбата на луѓето, како и за мерките за заштита, согласно важечките прописи и стандарди и името или називот, географската адреса и другите податоци значајни за определување на идентитетот на трговецот.

-Трговецот е должен информациите од ставот (1) на овој член на потрошувачот да му ги даде напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот кој го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните на територијата на Република Северна Македонија и неговото писмо, што не ја исклучува можноста од истовремена употреба и на други јазици, како и на знаци или пиктограми што се лесно разбирливи за потрошувачот – стои во два дела од поглавјето за информирање на трговците.

Левица: Ова е првпат на приватни субјекти да им се наметнува ваква обврска

На новите одредби од ЗЗП, веќе реагираа од партијата Левица од каде пластично го објаснија тоа што ги чека производителите.

-Мала локална пекара во Берово која продава леб во Малешевскиот регион, согласно новиот закон може да се соочи со парична казна и времена забрана за вршење дејност, доколку не ја напише амбалажата на својот производ и на албански јазик. Во новиот Закон за заштита на потрошувачите, донесен во скратена собраниска постапка со европско знаменце, на сите трговци во државата се наметнува обврска амбалажите, налепниците, сертификатите, декларациите, гарантните листови и останатата документација на производите да ја испишуваат и на албански јазик и неговото писмо“, соопштија од Левица.

Од партијата за „Слободен печат“ најавуваат дека нивниот правен тим веќе го анализира законот и реагираат дека ова е првпат на приватни субјекти да им се наметнува ваква обврска. Тие ќе поднесат Предлог закон за измена на Законот за заштита на потрошувачите со кој ќе се бара враќање на обврската за информирање во претходната состојба.

-Ова е излегување од одредбите на Рамковниот договор – поентираат од Левица.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот