Халити од ромската фондација за Европа: Ние Ромите мораме да одиме напред и да градиме широки коалиции за подобро утре

Во организација на Фондацијата Ромите за демократија – членка на пан-Европската мрежа на новоформираната Фондација Ромите за Европа, со посебна улога да го унапреди политичкото учество на Ромите, синоќа се одржа настанот „Добро за Ромите, добро за Северна Македонија“.

Извршната директорка на Фондацијата Ромите за демократијата Селвије Мустафа Алкан на отворањето на настанот истакна дека тој е организиран за да се афирмираат културните, социо-економските и демократски придонеси на Ромите во нашата држава.

Основачот на Фондацијата Ромите за демократија, Менсур Халити порача дека Ромите мора да одат напред и да градат широки коалиции.

„Најлесно е да ја обвиниме ЕУ и националните влади за нашата состојба. Од друга страна, најлесно би било на нас и на државата да се осудуваме меѓусебно за нашата состојба. Вистината е некаде на средина. И ние и државата треба да работиме подобро и поинаку за да живееме попросперитетно. Ние како фондација го направивме својот избор. Рековме дека без оглед на тоа што сега имаме повеќе непријатели отколку што сме имале пред 20 години, и имаме многу помалку пријатели кои заеднички ќе се борат со нас да ја промениме својата ситуација, ние мораме да одиме напред и да градиме пошироки коалиции, кроссектори, приватен и јавен сектор и меѓународна заедница како коалиција за промени за да можеме да осигураме нашата благостостојба“, изјави Халити.

Тој додаде дека националните влади на Западен Балкан треба да ги користат политичките шанси кои се пред нив и да сфатат дека политиката на омраза и политика на разединување и политика која се базира на лаги не им е од помош на фрустрацијата која ја чувствуваат Ромите.

„Не велам дека сите други на Балканот, вклучително и Македонија живеат подобро, но велам дека ние диспропорционално живееме полошо, не сме сите еднакво сиромашни и немаме сите еднакви шанси да направиме прогрес за себе и за своето семејство, заедницата и да придонесуваме во државата во која живееме. Националните влади имаат три големи политички шанси. Го имаат Отворен Балкан, зелената агенда за Балкан, и го имаат новиот план за развој. Сите овие се значајни политички шанси кои ако се искористи демографскиот и човечкиот потенцијал кои ромите ги имаат, да се зајакне културниот придонес на ромите, и економскиот потенцијал на ромите. Тогаш нашата заедничка иднина апсолутно има смисла. Тоа е пат во кој ние веруваме дека може да биде добар и за ромите и за Македонија и за Западен Балкан и за ЕУ“, заклучи Халити.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ порача дека инвестирањето во политичко, економско и културно зајакнување на Ромите е дел од сржта на европската кауза за еднаквост, правда и правичност на сите граѓани.

Политичката и општествена кауза за постојана и засилена интеграција на Ромите ја има мојата целосна и искрена поддршка. Додека одекнуваше ромската химна, синоќа уште еднаш се уверивме во моќта на културната дипломатија и во скапоценоста на ромската традиција, историја и аспирација за подобар живот – порача тој.

Кемал Сулејманов, национален лидер на граѓанското политичко движење движење Аваја на настанот „Добро за Ромите, добро за Северна Македонија“ истакна дека оваа година има значајни парламентарни избори кои треба да донесат промени во ромската политичка сцена.

Иновативна, стратешка и бескомпромисна, новата политика во Република Северна Македонија треба да се базира на заедништво, еднаквост. Заедништво во кое приоритет ќе се дава на единството, поттикнување на стратешки соработки, посветеност на нашиот колективен интерес, наместо притисоци, манипулации и политички поделби, затоа што доброто на Ромите е доброто на Северна Македонија, заклучи Сулејманов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот