Грчкиот парламент ја избра Екатерини Сакеларопулу за претседателка на Грција

Таа доби поддршка од 261 пратеник од вкупно 300 во грчкиот парламент.

Со широко мнозинство, со поддршка од три партии, со 261 глас, 61 повеќе од потребните 200, Екатерини Сакеларопулу денеска е избрана за прв жена претседател на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

На специјалната седница во грчкиот Парламент гласаа 294 од 300 пратеници. Од нив, 261 пратеник го поддржаа предлогот на владата, Сакеларопулу да биде нов претседател на државата.

Пратениците гласаа со прозивање и имаа избор или да го кажат името на Сакеларопулу што значи глас „за” или да кажат „присутен” што е еднакво на глас „против”.

Позитивно гласаа пратениците од Нова демократија, СИРИЗА и Движење на промена, а „присутни” гласаа 33 пратеници од МЕРА25, Комунистичката партија на Грција и Грчко решение.

Отсутни од гласањето беа шестмина пратеници. Меѓу нив беше поранешниот грчки премиер од Нова демократија Андонис Самарас, кој е во САД, пратеникот Трифонас Алексиадис од СИРИЗА кој има здравствени проблеми, како и двајца пратеници на кои на пат кон Парламентот им се расипале автомобилите и не стигнаа на време за гласањето.

Соопштувањето на резултатите од Претседатеот на Парламентот беше проследено со аплауз од присутните пратеници.

-Согласно соопштените резултати се констатира дека согласно член 32 параграф 3 од Уставот, претседател на државата се избира госпоѓа Екатерини Сакеларопулу. Нејзината кандидатура, не само што собра, туку и го надмина зголеменото двотретинското мнозинство на вкупниот број на пратеници. Дами и господа колеги, барам одобрение од Парламентот, во име на Парламентот да се посети избраната претседателка на државата за да ѝ се соопштат резултатите од гласањето и нејзиниот избор. Парламентот одобри, рече претседателот на Парламентот, Константинос Тасулас, соопштувајќи ги резултатите од гласањето.

Во 13.30 часот по локално време, Тасулас ќе го посети Советот на државата, највисокото судско тело во Грција, каде што Сакеларопулу е претседателка, да ѝ соопшти дека е избрана за претседател на Грција.

Сакеларопулу ќе биде осми претседател на Грција, а на 13 март 2020 ќе положи свечена заклетва и ќе ја преземе функцијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот