Грчки медиуми: Договорот од Преспа оспорен во предизборна дебата во Северна Македонија

Преспанскиот договор е оспорен во предизборна дебата во Северна Македонија, пишува грчкиот медиум Екатимерини откако претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека земјата ќе ја нарекува единствено како „Македонија“.

„Лидерот на најголемата опозициска партија во Северна Македонија изјави дека доколку биде избран за премиер, тој ќе ја нарекува земјата единствено како „Македонија“, без оглед на Договорот од Преспа од 2018 година со кој се реши спорот со Грција за името на земјата“, пишува медиумот.

За време на телевизиската дебата пред парламентарните избори што се очекуваат на 8 мај, Димитар Ковачевски, лидер на владејачката СДСМ изрази загриженост поради одбивањето на лидерот на десничарската партија ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да го користи уставното име на земјата.

„Ковачевски рече дека ова одбивање може да предизвика проблеми со Договорот од Преспа од 2018 година, кој, со поддршка на ОН, го смени името на Поранешна Југословенска Република Македонија во Северна Македонија“, пренесува Екатимерини.

„За мене Македонија е и ќе остане Македонија. Моите предци би биле горди на мене за она што го правам за мојот народ и за мојата земја“, рече Мицкоски.

Грчкиот медиум, текстот за непочитувањето на Преспанскиот договор го завршува со заклучок за последните анкети за расположението на граѓаните во однос на двете најголеми политички партии и довербата која би ја добиле на претстојните избори.

„Анкетите покажуваат водство на ВМРО-ДПМНЕ на претстојните парламентарни избори, кои се совпаѓаат со вториот круг од претседателските избори во земјата, каде актуелниот претседател и кандидат на СДСМ Стево Пендаровски, ќе се соочи со Гордана Силјановска од ВМРО-ДПМНЕ“, стои во текстот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот