Градоначалниците ќе се снаоѓаат но нема да ги остават децата да учат од дома

Јетон Шаќири, министер за образование и наука

Министерството за образование и наука заедно со владата ќе прават напори за да се овозможи континуирано следење на наставата од училиште и покрај најавите за покачувањето на цената на електрична енергија, уверува министерот Јетон Шаќири. Тој во изјава за „Слободен печат“ објаснува дека ако се појави потреба ќе се пренаменуваат средствата од буџетите од една во друга општина со цел наставата да се одвива со физичко присуство.

– Од почетокот на септември сме во редовна комуникација со сите основни училишта менаџирани од локална власт, како и со средните училишта, универзитетите и студентските домови менаџирани од локална власт. Од разговорите и анализите се утврди дека одредни општини имаат неискористени блок дотации од минатата година кои ќе се искористат за плаќање на сметките за електрична енергија. Во моментов се прават анализи колку од училиштата имаат слободни средства. Кога ќе имаме потреба ќе префрлиме средства од една општина на друга, но и од средствата на МОН ако има потреба, рече министерот Шаќири.

Тој апелира до општините да не носат одлуки без консултација со министерството.

– Општините се основачи но мора да добијат согласност од МОН пред да донесат одлука дека некое училиште ќе се префрли на настава од далечина. Како позитивен пример ќе ја посочам Општина Аеродром чиј градоначалник потврди дека учениците учебната година 2022/23 ќе ја завршат со настава во училница, а исто така сакам да споделам дека училиштето „Нико Нестор“ од Струга со помош на соларни панели произведува струја за сопствено производство, но дури се појавува и можност со електрична енергија да го помогне соседното училиште. Тоа е пример кој треба да го следат и другите училишта, односно да размислуваат во инвестирање во соларни панели, додава Шаќири. 

Во однос на тарифирањето, министерот вели дека е невозможно да се избегне индустриската тарифа која е прифатена пред околу 15 години но им советува на општините да конкурираат на тендери за да го избегнат влијанието на движењето на цената на пазарот за електрична енергија.

Претходно и министерот за економија Крешник Бектеши рече дека се прават напори за да им се излезе во пресрет на основните и на средните училишта и наставата во зимскиот период да се одржува со физичко присуство.

– Тоа е надлежност на општините, но децата многу изгубија во време на ковид пандемијата и сега заради енергетската криза подобро да им помогнеме на училиштата отколку да ги оставиме децата да изгубат многу. Потрошувачката за петте месеци, од ноември до март, за сите училишта на ниво на државата е околу 10 гигават часови и тоа може да го обезбедиме преку ЕСМ и убеден сум дека ќе најдеме решение, рече Бектеши.

Градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев е дециден, настава ќе се одвива со физичко присуство.

– Настава во Кавадарци ќе има и тоа со физичко присуство. Општина Кавадарци на десет училишта и градинки постави 200 киловати инсталирана можност за производство на електрична енергија. Сепак тоа не ја покрива во целост сметката така што останатите пари ќе бидат обезбедени од буџет. Во сите средни училишта направивме доградба на училници за да се учи во една смена и на тој начин ќе заштедиме на електрична енергија. Ќе бараме помош и од МОН, но подготвени сме да имаме физичка настава. Единствено што може да се размисли е да се побара продолжување на распустот во случај на екстремно ниски температури, рече Јанчев.

Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски вели дека во општината ќе биде проблем да се обезбеди огревно дрво.

– Мислам дека нема да има проблем со електричната енергија, туку ќе има проблем со огревно дрво. Проблем е да се обезбедат дрва за огрев. Ние навреме распишавме тендер за набавка на огревно дрво, тендерот го доби Национален парк Битола, но се уште немаме добиено дрва и не знаеме дали ќе добиеме до почетокот на грејната сезона, вели Коњановски.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов вели дека доколку училиштата бидат ставени на регулиран пазар општината ќе има средства за сметките за струја.

– Институциите не треба да штедат на образованието, после две години учење од дома поради пандемијата, не треба да дозволиме и оваа учебна година да се учи онлајн. Но од друга страна бараме цените да бидат регулирани, а не да бидат на слободен пазар за општините да распишуваат тендери за дистрибутери кои нудат многу повисоки цени. Ние за ова веќе дадовме предлог искомунициравме и со ЗЕЛС, вели Иван Јорданов.

Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид вели дека поголем број од училиштата се затоплуваат на нафта, а општината има обезбедено нафта за до крајот на февруари месец.

-Имаме издвоени средства дури и за градинките, така што не стравуваме дека децата ќе треба да бидат пуштени дома и наставата да ја следат он лајн, вели Пецаков.

Можеби ќе треба да се размислува за поголем зимски распуст. Александар Стојкоски од Ѓорче Петров вели дека со ребалансот на буџетот на општината ќе се обезбедат средства за настава со физичко присуство.

– Направивме пренамена на средствата од Буџетот со тоа што пренаменивме околу 2 милиони денари за да се обезбедат услови за процесот да тече непрекинато. Блок дотациите кои ги добиваме од Владата не се доволни. Треба да се утврди нова методолигија за пресметка на блок дотациите за општините, вели Стојкоски.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски вели настава со физичко присуство е единствена форма на одржување настава која ќе создаде здрави генерации со стекнато квалитетно образование.

– Како градоначалник на Гази Баба категорично сум против затворање на училиштата. Ова мое тврдење се потврдува и со искуството кое го стекнавме за време на пандемијата кога се реализираше онлајн настава во Македонија која не даде задоволителни резултати. Покрај ова, секојдневно бевме сведоци и на технички проблеми кои оневозможуваа одржување настава и со денови. Кога се зборува за затворање на училиштата и воведување онлајн настава, државата во прв план треба да ги стави граѓаните, односно како таа мерка ќе влијае на населението. Дали сите ученици ги имаат потребните средства за да следат онлајн настава и што со оние кои немаат? Дали во време на ваква сериозна инфлација треба да ги изложиме граѓаните на дополнителни трошоци?, вели Стефковски.

Според него, Владата треба итно преку Министерството за образование и наука да обезбеди зголемување на блок-дотациите кои стигнуваат до општините со цел покривање на тековните трошоци како основна мерка, а да се размислува и за дополнителни кратки распусти за учениците согласно временските прилики.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот