Гнасите маршираат, во погрешен правец

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

пишува: САШО ОРДАНОСКИ

Што е смислата да направиш така груба, валкана лага, како онаа на опозицискиот портал „Република“ со фотографиите на таткото на министерот за правда Маричиќ од Документацискиот центар за нацизмот во Нирнберг?

Смислата е во тоа што каков било демант не стигнува ни до една третина, во најдобар случај до половина од тие кои ја прочитале, искоментирале, лајкувале, шерувале и „надоградиле“ лагата… Очекувајте таа да се појави и на некој протестен транспарент, на неа да се повика некој шутрак во некоја од „дебатните емисии“ наменети за дунстери, да се цитира во други медиуми исклучиво осмислени за ширење лаги („како што известија некои медиуми…“, „како што е познато…“), да се повтори уште сто пати, за да стане „вистина“.

Тоа, во јазикот на пропагандата, се нарекува „градење негативни перцепции“ во јавноста. Но, не се тоа „обични“ политички лаги – празни ветувања, погрешни интерпретации, па дури и политички спинувања. Овие имаат многу поотровна цел: опонентите не политички да се победат (на избори, на пример), туку карактерно да се уништат, да се заплашат, да се замолчат… Лично да се сотрат.

Минатата недела за еден мој колега еден од опозициските партал-портали тврдеше дека се развел од сопругата за да се прежени со – непостоечка личност – наводната долгогодишна љубовница… Минатата недела некаква креирана опозициска група на фејсбук со намера за ширење лажни вести тврдеше дека Владата ќе купува супер-скапи џипови за да се возат министрите во нив… Минатата недела еден од најпетпарачките опозициски портали за мене тврдеше дека се залагам за „федерализација на Македонија“… Минатата недела водечкиот опозициски пратеник за ширење лажни вести во Собранието алудираше (тој е поизвежбан пропагандист, башка со активни кривични пријави, па знае кога треба да алудира, наместо да тврди) дека поседува документи за тешки криминали во ЕСМ… И така натаму.

Секоја недела гнасотии колку сакате. Цела машинерија финансирана од Будимпешта исклучиво наменета за компромитации и дискредитации, најчесто со бесмислици што можат релативно лесно да се проверат и едноставно да се демантираат. Ако ви се демантира – државните институции ја имаат таа обврска, а и капацитет.

Тужби за клевета и навреда? … Хахахахахаааа… Може, судењата за тоа, ако воопшто и почнат, траат по неколку години, кога пресудите веќе не се ни важни, а во меѓувреме тужителот треба да докаже (!) дека не се залага за ограничување на слободата на говорот и слободата на изразување… Жалби до медиумски етички совети? … Хахаххаааааа… Баш ги заболе медиумските камбанарии на лажните вести што ќе пресуди ѕвончето на Советот за етика во медиумите…

Создавањето на ваква отровна атмосфера не е наивна политичка работа. Последиците се опасни, тоа добро го знаеме и од домашни и од меѓународни искуства.

Сепак, тие искуства нè учат дека, на крајот, откако ќе се дигне „маглата“, откако ќе се пребројат „мртвите“ (за жал, може и без наводници) и ќе се исчисти скршениот мебел и стакло, политичките губитници се редовно на страната на гнасите. Жално, ама проверено.

Преземено од civilmedia.mk

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот