Гиндос: Еврозоната можеби падна во рецесија

Еврозоната можеби падна во рецесија во последниот квартал од минатата година, а изгледите за раст се уште се слаби, предупреди потпретседателот на Европската централна банка, Луис де Гиндос. Еврозоната лебдеше на работ на стагнација во поголемиот дел од минатата година, а Европската комисија прогнозираше дека активноста треба да се зголеми благо за 1,2 отсто оваа година. Проблемот е слабеењето на домашната потрошувачка, која ЕЦБ ја скроти со зголемување на каматните стапки за да ја запре инфлацијата. Од средината на минатата година каматната стапка е зголемена за цели 4,5 отсто. Во вакви услови, економијата на еврозоната во третиот квартал е благо намалена во однос на претходните три месеци, а ЕЦБ очекува благ пад на активноста и во последниот квартал.

„Индикаторите укажуваат на пад на економската активност и во декември, потврдувајќи ја можноста за техничка рецесија во втората половина на 2023 година и слаба краткорочна перспектива“, изјави Де Гиндос во Мадрид, пренесе Хина. Според него, новите податоци сигнализираат неизвесна иднина, бидејќи преовладуваат ризиците од пад на активноста. Слабоста е забележлива во сите сектори, особено во градежништвото и производството, а во наредните месеци веројатно ќе им се придружат и услугите, изјави Де Гиндос.

Осврнувајќи се на монетарната политика, тој ги повтори насоките на ЕЦБ дека каматната стапка на депозитите од четири отсто, доколку остане на тоа ниво „доволно долго“, ќе ја спушти стапката на инфлација до целта од два отсто. Проекциите на ЕЦБ предвидуваат дека инфлацијата ќе падне на целното ниво дури во 2025 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот