Германската економија во длабока рецесија: Нема опоравување пред пронаоѓање вакцина

Германската економија е во длабока рецесија, а опоравување не е возможно за кратко време, објави германската централна банка.

Иако во моментов се преговара за ублажување на некои рестрикции во следните недели, најголемата европска економија речиси застана поради карантинот кој е на сила од средината на март.

– Голем дел од ограничувањата најверојатно ќе останат на сила додека не се изнајде медицинско решение, како вакцина, објави Бундесбанк во редовниот месечен извештај за состојбата со економијата.

Меѓународниот монетарен фонд за оваа година предвидува пад на германската економија за 7,5 отсто. Проценките се движат во широки рамки, а поголем дел од предвидувањата се во насока на длабока рецесија, потешка од онаа во 2009 година, кога економијата во земјата падна за пет проценти.

Податоците за првото тримесечје покажуваат сериозен пад, но вториот квартал се очекува да биде уште полош, предвидува Бундесбанк, истакнувајќи го притоа значителниот пад на автомобилската индустрија како и остриот пад на личната потрошувачка.

– Сепак не треба да се стравува дека германската економија ќе западне во надолна спирала велат од Бундесбанк, напоменувајќи дека попустливата фискална и монетарна политика ќе го поттикне опоравувањето на економијата.

Што се однесува до инфлацијата, клучниот показател за Европската централна банка, во Бундесбанк очекуваат дека таа веројатно ќе забележи остар пад идните месеци, бидејќи ниските цени на нафтата ќе ги почуствуваат и потрошувачите.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот