Гастрономско уживање од вештите раце на Бобе Јанкоска: Мафини – црвено кадифе

Фото; Приватна архива

Јованка Јанкоска Бобе, која стои зад блогот bobesbakery.mk, фејсбук и инстаграм-профилот, е вистински кулинарски креативец – нејзините рецепти се милина и за очите и за непцето.

Бобе денеска споделува рецепт за вистински гурмански деликатес – мафини – црвено кадифе.

– Овие мафини со боја на рубин, популарно се нарекуваат црвено кадифе. Мамат со црвената боја и сунѓерестата текстура, врз нив се става снежно-белиот мек кремаст слој, кој нема да се стопи веднаш, се декорираат со црвени трошки од тестото, а екстремно брзо исчезнуваат од чинијата – порачува Бобе.

Фото: Приватна архива

Состојки за 24 мафини:

• 220 г несолен путер
• 300 г шеќер
• 3 јајца
• 1 лажичка екстракт од ванила/ванилин шеќер
• 1 лажица црвена боја
• 1 лажица бел оцет
• 350 г брашно
• 2 лажици какао во прав
• 1 лажичка печиво
• ½ лажичка сол
• 220 мл матеница / пресечено млеко
*Доколку немате матеница, можете да направите замена. Во чаша ставете сок од цеден лимон и дополнете со 200 мл млеко. Промешајте и оставете ја да стои 10-15 минути да се пресече.

Фото: Приватна архива

Состојки за фил за 24 мафини:

• 200 г крем-сирење
• 50 г несолен путер
• 450 г шеќер во прав
• пола лажичка сол
• две ванили

Подготовка:

Загрејте ја рерната на 180 степени.

Фил:

Во голем сад изматете го крем-сирењето, путерот, ванилите и солта, додека не стане кремасто. Потоа додајте го шеќерот во прав постепено, мешајќи со бавна брзина за да се соедини. Готовиот фил сипете го во најлонска вреќичка со која ќе филувате и ставете го во фрижидер да се здрви.

Тесто:

Путерот и шеќерот се матат со миксер додека не станат светли и кремасти. Посебно изматете ги јајцата, ванилата и оцетот и сврзете ги со путерот.
Соединете ги брашното, какаото, прашокот за печиво, прехранбената боја и солта. Додадете ја оваа смеса во смесата со путер, постепено со матење, и додајте ја матеницата. Сипете го тестото во модли за мафини, полнете околу ¾, да не се преполни, бидејќи растат.

Печете 18-20 минути. Изладете ги на решетка, извадени од модлата за печење.

Еден мафин изронете го на ситни ронки, за декорација. Со шприц сипете од ладниот бел фил врз секој мафин. Врз нив наросете од црвените трошки и послужете.
На здравје сладење!

Фото: Приватна архива
Фото: Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот