ФОТО+ВИДЕО | „Ова е најгрдата фонтана во светот“: Виенчанците се згрозени од новата атракција која чини 1,8 милиони евра

Фото: Joe Klamar / AFP / Profimedia

На крајот од октомври, Виена доби нова фонтана по повод 150-годишнината од водоводот во австриската метропола. Се нарекува фонтана „Wir Wasser“ (во превод: „Ние вода“) и се наоѓа во паркот Хелмут-Зилк во десеттиот округ, пишува „Путни кофер“.

Оваа вест не би била толку атрактивна доколку немаше бурни реакции на социјалните медиуми. „Ова е најгрдата фонтана на светот“, „И дете би направило подобра фонтана“, „Бескорисно трошење пари“, се само мал дел од коментарите на корисниците, кои сметаат дека 1,8 милиони евра е премногу за една ваква фонтана.

Фото: Joe Klamar / AFP / Profimedia

Како што е наведено на веб-страницата на Канцеларијата за уметност на јавни простори, работата на колективот „Желатин“ ја носи радоста на барокните фонтански инсталации во сегашноста. Исто така, тие наведуваат дека тоа претставува знак на одговорност и заедница. Уметничкиот колектив „Желатин“ победи на градскиот натпревар, а вака ја претставија својата работа: „Ова е фонтана и скулптура во едно. До кружниот базен на фонтаната се поставени скулптури од луѓе, а фонтаната во центарот секојдневно се осветлува во различни бои“.

„Овие човечки суштества, кои радосно ја штитат водата, а со тоа и животот, се населиле покрај фонтаната и очигледно направиле договор да се држат заедно, да ја чуваат и да ја штитат. Тие даваат можност за размислување или пауза за седење. Истовремено, тие укажуваат на одговорноста на општеството кон виталниот ресурс на водата. Сите скулптури заедно формираат целина која ја држи водата од фонтаната во базенот. Нѐ потсетува дека на сите нас зависи да го цениме и заштитиме овој скапоцен ресурс“, се вели на веб-страницата.

Фото: Joe Klamar / AFP / Profimedia

Скулптурите на луѓе, кои предизвикаа најмногу критики, според уметничката имагинација ја претставуваат различноста на сите луѓе и суштества.

Градот Виена одлучи да ја одбележи годишнината од пуштањето во употреба на првиот виенски водовод на 24 октомври 1873 година со нова фонтана и решение избрано на конкурс. Тој ден се смета за почеток на современото водоснабдување на градот и е симбол на крајот на недостигот на вода, како и на болестите што дотогаш ги предизвикувала нечистата вода.

ВИДЕО | Вештачката интелигенција е новиот Климт: „Насликани“ мачиња на познати уметнички дела

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот