ФОТО | Врвен концерт на страсната Кенди Далфер во Филхармонија: Животот е краток, да се забавуваме повеќе

Фото: Стефан Рајхл

Неверојатна енергија која лесно ја пренесува и на публиката, има холандската џез и поп саксофонистка Кенди Далфер, која синоќа со својот бенд одржа концерт за паметење во Филхармонија, во организација на „Авалон“.

Фото: Стефан Рајхл

Заедно со својот бенд, на Скопје му приреди ексклузивен и интимен концерт, но и енергично и возбудливо џез-поп-фанк шоу“.

Харизматичната Кенди е истовремено нежна и романтична, покажувајќи го тоа во мега популарната „Lily Was Here“, но и страствена во „My Funk“, и целата фанк, соул и џез приказна која низ својата музика ја раскажува. Има 53 години, а во себе уште ја носи младоста од деведесеттите, токму од времето кога „Lily Was Here“, си ја потпевнуваше целиот свет.

Фото: Стефан Рајхл

Кенди раскажа лична приказна, од времето на пандемијата, период кој ја скршил и ја разочарал.

„Како водач на бендот, јас морав да бидам силна. Седевме дома, не можевме да се видиме, да се допреме, беше ужасно. Тогаш им се јавив на момчињата од бендот и им реков: Еј дечки…“, кажа Кенди и се имитираше самата себеси како знаела да заплаче во телефонските разговори.

„Тие ме тешеа мене, место јас нив: ‘Еј Кенди, ќе биде се во ред. Еден ден, повторно ќе се вратиме на сцената и ќе размениме љубов со публиката’. И беа во право“, рече саксофонистката, која освен што е одлiчен инструменталист, располага и со моќен вокал.

Фото: Стефан Рајхл

Во повеќе наврати, не пропушти да каже дека животот сега ѝ е комплетен, дека е многу среќна што повторно го прави тоа што го сака. Публиката ѝ го направи меракот кога запеа заедно со неа, но за комплетно доживување на овој убав концерт придонесе и бендот, уиграни музичари и двајца пејачи кои фанкот го имаат во малиот прст.

„Јас сум секогаш позитивна личност, немам време да се нервирам и да им судам на луѓето. Но, понекогаш знам да се налутам, поради нештата кои се случуваат околу нас, војните, на пример. Затоа ја напишав песната „No Time For This“, рече Кенди.

Во песната која излезе минатата година таа вели: „Немам време за ксенофобија, хомофобија, немам време за расизам, сексизам, и конечно – немам време за војни“.

Фото: Стефан Рајхл

Едноставна, но многу точна е филозофијата на музичарката која ја шири секаде низ светот, а ја научила најмногу по пандемијата: „Животот е краток и треба повеќе да се забавуваме“. А Скопје доби една врвна забава и ги испрати оваа неверојатна дама која не престана да танцува и нејзиниот бенд на нозе, како што заслужија.

Реприза на шоуто на Кенди и на бендот ќе се случи вечерва, на втор концерт во Филхармонија, од 20 часот.

Фото: Стефан Рајхл

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот