ФОТО РЕПОРТАЖА ОД ТУРЦИЈА: Селимовата џамија во Едрене е архитектонско ремек дело со посебно место во историјата на Османлиите

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Едрене или Одрин како што се изговара на Бугарски, но многу често и на Македонски јазик е турски град кој се наоѓа на тромеѓето со Грција и Бугарија, а „Слободен печат“ имаше прилика да го посети овој исклучително значаен град кој има зацементирано место во тамошната историја.

Едрене всушност e вториот град на Османлиската империја, а тамошното население ќе ве пречека со голема топлина, турско кафе и секако превкусен локален локум кој морате да го пробате.

Без разлика на пандемијата со ковид-19, Турција е земја која можете да ја посетите, а доколку го изберете Едрене нема да направите грешка. 

Иако станува збор за помал град од околу 200.000 жители и се наоѓа во европскиот дел на Турција, кој зафаќа само околу два проценти од целата територија на оваа земја, сепак изобилува со знаменитости кои ќе ви го одземат здивот.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Кога ќе влезете во градот првото нешто што ќе го видите е огромна џамија, чија структура буквално се гледа од секое ќоше на Едрене.

Станува збор за вистинско ремек дело, Селимовата џамија која уште се нарекува и Селимије, а која се наоѓа на листата на УНЕСКО на светското наследство, претставува џамија која секој турист би сакал да ја посети, посебно во нормални услови без пандемија.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Податоците покажуваат дека џамијата во 2017 година во првите седум месеци ја посетиле дури 1,22 милиони туристи, додека веќе следната година таа бројка е зголемена за речиси 20 отсто.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Едно од најголемите дела на архитектот Мимар Синан, џамијата „Селимија“, била изградена по наредба на султан Селим Втори, во периодот од 1568 година до 1575 година, а таа е претпознатлива по архитектурата и по начинот на кој е украсена, воедно претставувајќи и една од најголемите градби од османлискиот период.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Како што можевме да слушнеме од тамошниот туристички водич, луѓе од Индија, Јапонија и од Кина се меѓу најчестите посетители на оваа џамија, која по извршената реставрација е отворена и за молитва.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Кога станува збор за верскиот туризам во Едрене, интересно е да се каже дека во овој град има околу петнаесетина бугарски семејства, поради што во градот има и две бугарски христијански црвки.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Една од нив е црквата Свети Ѓорѓи, која имавме прилика да ја посетиме, а која покрај тоа што во себе го носе карактеристичниот православен дух, има и посебно катче во кое е сместена традиционална бугарска носија, како и прибор за јадење кој го користеле традиционалните бугарски семејства во минатотото.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Покрај тоа што во овој град се негува и православното христијанство, токму во Едрене се наоѓа и втората најголема Синагога во Европа, без разлика на тоа што во градот живеат само две еврејски семејства.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Во 1905 година таа изгорела во големиот пожар што го зафатил Едрене, но со ферман на султанот Абдулхамид II била повторно изградена и отворена за служба две години подоцна. Синагогата повторно е реновирана во 2010 година и е отворена за богослужба.

Фото: Слободен печат/Михаило Донев
Фото: Слободен печат/Михаило Донев

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот