ФОТО: Насилните протести во Куба ја зедоа првата жртва

EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Едно лице загина, а неколку граѓани и припадници на безбедносните сили беа повредени на протестот во предградието на Хавана во понеделникот, објави синоќа кубанската новинска агенција.

Според Ројтерс, оваа информација е прва официјална потврда за смртта на еден граѓанин за време на немирите во Куба што избувнаа во неделата поради длабоката економска криза и ширењето на коронавирусот, сцени што не се видени во земјата од протестите во 1994 година.

Кубанската агенција навела дека е „организирана група со антисоцијални и криминални елементи“ кои се обиделе да стигнат до полициската станица во предградијата на Ла Гвинера, со цел да ги нападнат нејзините службеници и да ја оштетат инфраструктурата.

Државните медиуми објавија дека Дијабус Лоренсио Техеда починал во предградието на Хавана. Официјални лица велат дека тој бил дел од група која нападнала владин објект, а очевидци тврдат дека припадници на безбедносните сили пукале кон луѓето од таа група, објави Би-Би-Си.

Според „Гардијан“, повеќе од 100 лица се водат како исчезнати по протестите одржани во неделата.

EPA-EFE/CRISTOBAL HERRERA-ULASHKEVICH

Властите забранија пристап до социјалните мрежи

Кубанските власти забранија пристап до социјалните мрежи, објавија денес од глобалната компанија за следење на интернет „Нет Блокс“, со седиште во Лондон.

„Моделот на ограничувања забележани во Куба укажува на континуирано мешање на платформите за пораки што се користат за споделување информации за протестите во реално време“, рече директорот на „Нет Блокс“, Алп Токер, пренесува Ројтерс.

Луѓето се бесни

Незадоволни од лошата економска состојба, во недостиг на храна и лекови, со прекини во снабдувањето со електрична енергија, високи цени и начинот на кој Владата управуваше со епидемиолошката криза, илјадници Кубанци се приклучија на демонстрациите низ Куба, пренесува Танјуг.

– Мислам дека комунистите ја изгубија контролата, тие нема да имаат решение за оваа ситуација. Луѓето се уморија од толку понижување, од толку голема репресија – рече Валдо Херера, жител на Хавана

EPA-EFE/JUSTIN LANE

Кубанскиот претседател Мигел Дијаз-Канел ги повика приврзаниците на Комунистичката партија да се спротивстават на демонстрантите и за време на своето телевизиско обраќање до нацијата, Дијаз-Канел ги обвини Соединетите држави за немирите и санкциите во Вашингтон, кои траат во различни форми од 1962 година.

Протести и во Мајами

Демонстрантите вееја кубански знамиња и повикуваа на промена на островот, го блокираа автопатот и организираа други протести во Мајами за поддршка на бранот демонстрации што ја потресоа Куба во неделата.

Областа во Мајами веќе долго време е дом на најголемата кубанска заедница и жариште на „антикастро чувства“, пренесува Ројтерс.

EPA-EFE/JUSTIN LANE

Демонстрантите во Јужна Флорида се обидоа да ги копираат протестите на илјадници Кубанци во неделата, осудувајќи ја продлабочената економска криза, недостаток на основни добра и исчезнување на електрична енергија во најголемото шоу на немири во последните неколку децении.

„Ако Куба е на улица, така е и Мајами“, скандираа многумина.

Десетици демонстранти го затворија автопатот Палмето за неколку часа.

– Патиштата се сè уште затворени поради демонстрантите. Инвестиравме дополнителни ресурси за да помогнеме во повторното отворање – рече портпаролот на автопатската патрола во Јужна Флорида, поручник Алек Камачо.

Еден од сведоците подоцна рече дека полицијата дозволи протестот, кој остана мирен, да продолжи на автопатот.

Другите протести избија на места како што е паркот Тамиами во населбата Вестчестер, каде демонстрантите повикаа на интервенција и извикуваа „Татковина и живот“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот