ФОТО: Довидување Пекинг – добредојде Милано и Кортина, свечено затворени Зимските олимписки игри

Свечена церемонија на затворање на ЗОИ во Пекинг/ фото: EPA-EFE/HOW HWEE YOUNG

Денеска и свечено беше спуштена завесата на 24. Зимски олимписки игри кои во изминатите две недели се одржаа во Пекинг. Свечената церемонија на затворање на Игрите се одржа на стадиоднот на кој на 4. февруари беше и церемонијата на отворање, стадионот „Птичје гнездо“.

Кина за прв пат беше домаќин на ЗОИ, а Пекинг стана првиот град во кој се одржале и Летни и Зимски олимписки игри. Во изминатите 17 дена на Игрите во Пекинг беа соборени неколку олимписки и светски рекорди, беа испишани нови страници во историјата на олимпизмот, а најголемата спортска манифестација се одржуваше под нови протоколи поради пандемијата на коронавирусот.

Свечена церемонија на затворање на ЗОИ во Пекинг/ фото: EPA-EFE/JEROME FAVRE

На Игрите во Пекинг се натпреваруваа речиси 2900 спортисти од 91 земја, а најуспешна нација е Норвешка со 37 освоени медали, од кои 16 беа златни, а освоија уште и осум сребрени и 13 бронзени медали.

Втора најуспешна нација е Германија со 12 златни медали, додека Кина девет пати се искачи на највисокото место на победничкиот подиум. Од регионот, најуспешна е Словенија која освои два златни медали, три сребрени и две бронзи.

Свечена церемонија на затворање на ЗОИ во Пекинг/ фото: EPA-EFE/HOW HWEE YOUNG

Најуспешен спортист е норвешкиот бијатлонец, Јоханес Тингнес Бо кој освои пет медали, четири златни и еден бронзен. Вистинска сензација беше Ајлин Гу која е родена во Сан Франциско, но во Пекинг одлучи да настапува за татковината на нејзината мајка, Кина. Гу на Кина и донесе два златни медали во слободно скијање.

Свечена церемонија на затворање на ЗОИ во Пекинг/ фото: EPA-EFE/HOW HWEE YOUNG

Црна дамка на Игрите фрли допинг скандалот со младата руска лизгачка, Камила Валиева. Чудото од дете, Камила Валиева која прва во историјата на уметничкото лизгање направи четирикратно свртување во скок ѝ и помогна на Русија да го освои златниот медал во екипна конкуренција, имала позитивен допинг тест на 25 декември минатата година за време на националното првенство во Санкт Петербург.

Се додека не биде донесена конечна одлука, дали Валиева ќе биде суспендирана или не, нема да има доделување на медали за најдобрите во екипна конкуренција.

Свечена церемонија на затворање на ЗОИ во Пекинг/ фото: EPA-EFE/ROMAN PILIPEY

Валиева не успеа да го издржи притосокот и во поединечна конкуренција не успеа да го освои златниот медал иако важеше за главен фаворит. Таа беше прва по слободната програма, но во втората изведна падна четири пати и на крајот го освои четвртото место, но нејзините солзи по настапот сигурно се една од сцените кои ги одбележаа Игрите во Пекинг.

Следните 25. Зимски олимписки игри ќе се одржат од 6 до 22 февруари 2026 година во Милано и Кортина во Италија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот