Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ привлече 550 учесници од девет земји

На добро познатите локации – Младинскиот културен центар, Кинотеката на Македонија и киното „Милениум“ од 5 до 10 октомври се одржува 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“ во Скопје.

Петнаесет долгометражни филмови во официјална конкуренција поместени во три категории, односно кадети (6 до 9 одделение), јуниори (I и II година средно) и сениори (III и IV година средно), како и 35 краткометражни и анимирани филмови се на програмата на 11. издание на Филмскиот фестивал за млади „Џифони Македонија“.

Годинава, освен од нашата земја, на фестивалот присуствуваат 40-ина учесници од Италија, Србија, Косово, Босна, Грција, Бугарија, Романија и од Франција. Деталите за фестивалот на прес-конференција ги споделија Дарко Башески, директор на фестивалот, и Деа Крстевска, програмски директор.

– Годинава имаме 40-ина учесници од странство. Ние би сакале тој број да биде и поголем и се обидуваме да ги поттикнеме семејствата од Македонија да ги отворат своите домови за децата од странство. Не е секогаш едноставно, зашто не секој имал такво искуство. Годинава првпат тоа го правиме и со основците и можам да кажам дека изненадувачки е колку убав одек имавме при повикот. Родителите на основците беа одушевени од можноста и се надевам дека наредните години ќе можеме тој број и да го дуплираме – истакна Деа Крстевска.

Дарко Башески и Деа Крстевска

Филмот „Вратената“ (L’Arminuta) во режија на Џузепе Бонито, снимен според истоимениот роман на Донатела ди Пјерантонио е избран за отворање на фестивалот. Во текот на шесте фестивалски дена „џифонци“ ќе гледаат филмови, ќе дискутираат, а ќе учествуваат и на креативни работилници.

– Како здружение, повремено организираме и други проекти. „Џифони патува“ веќе помина 25 општини, а за жал, годинава тој проект не беше поддржан. Имавме уште една активност што ја почнавме минатата година, „Џифони филмски денови“, со идеја да ги вратиме децата во киносалите, по паузата за време на пандемијата. Одржавме такви 10 настани. Сакам да напоменам дека сите активности што ги организира нашето здружение се комплетно бесплатни за сите млади и сите се добредојдени да уживаат – објасни Дарко Башески.

По филмовите што ќе бидат прикажани во рамките на фестивалот, учесниците ќе можат да се запознаат и да учествуваат на дискусиите со режисерката Дина Дума (кај сениорите), рускиот режисер Олег Асадулин (кај јуниорите) и српската актерка Миона Илов (кај кадетите). Ќе бидат реализирани девет работилници – три за јуниори и шест за кадети и сениори.

Програмата на фестивалот годинава е збогатена со нов сегмент наречен ЕПИК (EPYC – Enhancing Peace through Youth Creativity). Станува збор за проект за промоција на мирот преку креативност кај младите поддржан од италијанското Министерство за надворешни работи и меѓународна соработка во рамките на програмата која има за цел да придонесе за стабилизацијата во регионот и за поддршка на процесите за пристап кон ЕУ.

ЕПИК предвидува серија активности, особено во рамките на 11. издание на „Џифони Македонија“, насочени кон промовирање на мирот, европските вредности и човековите права преку филм, уметност и култура, како и активно вклучување на младите во создавањето на филмски и уметнички остварувања кои имаат моќ да пренесат пораки за мир наменети за младата публика.

Фестивалот ќе биде затворен на 10 октомври во киното „Милениум“, кога ќе бидат прогласени победничките филмови во сите натпреварувачки категории, а ќе бидат доделени и наградите од конкурсот ЕПИК. Истата вечер ќе бидат прикажани и творбите и сценските изведби подготвени од учесниците на креативните работилници.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот