Филмската ретроспектива на великаните на „Браќа Манаки“ ќе почне со „Персона“ од Ингмар Бергман

„Персона“, снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист

Во пресрет на 50-годишниот јубилеј на Кинотеката и 45-то издание на ИФФК „Браќа Манаки“ во наредните неколку месеци во Кинотеката и во Центарот за култура во Битола ќе се организира ретроспектива на култни филмови чии кинематографери се некои од досегашните лауреати на фестивалот.

Ретроспективата ќе почне на 7 февруари со филмот „Персона“ (Шведска, 1966, 84 мин., црно-бел, ДЦП), снимен од шведскиот кинематографер Свен Никвист, двоен оскаровец и добитник на првата награда „Златна камера 300“ за животен опус на ИФФК „Браќа Манаки“ откако фестивалот доби меѓународен карактер во 1998 година.

Режисер на филмот е големиот Ингмар Бергман. „Персона“ е еден од најдобрите филмови на Ингмар Бергман, а дефинитивно еден од најбитните филмски ракописи на 20-тиот век. Кино модернизам на највисоко ниво, комбинација на психолошка драма, егзистенцијализам и карактеристичен скандинавски сензибилитет. Многумина сметаат дека токму овој филм е ремек-делото на Бергман, магнум опус во рамките на експерименталното кино.

Вториот филм од ретроспективата (14 февруари) е „Париз, Тексас“ (Германија, Франција, САД, Велика Британија, 1984, 147 мин., колор, ДЦП), снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер, добитник на Специјалната „Златна камера 300“ за посебен придонес на светската филмска уметност во 2002 година и „Златна камера 300“ за животен опус во 2016 година. Режисер на филмот е култниот Вим Вендерс.

„Париз, Тексас“, снимен од холандскиот кинематографер Роби Милер

„Париз, Тексас“ е трогателна студија на карактери напишана од познатиот американски драматург Сем Шепард. Станува збор за едноставна и бавна приказна – медитативно аудиовизуелно патување низ американските дистописки пејзажи, преку кое Вендерс и Шепард успеваат да направат деконструкција на митовите за мажественоста и за американскиот сон. Неверојатната глума на главниот актерски пар Хари Дин Стентон и Настасја Кински, фотографијата на Роби Милер и музиката на Реј Кудер го ставаат филмот меѓу најдобрите филмови на Вендерс и задолжителна филмска лектира за сите филмски сладокусци.

Трет кинематографер во ретроспективата е Британецот Роџер Дикинс со филмот „Големиот Лебовски“ (САД, 1998, 117 мин., колор, 35мм), но не хиерархиски, туку по редот на прикажувањето (21 февруари). Дикинс е двоен оскаровец, добитник на „Златна камера 300“ за животен опус во 2018 година. Режисери на филмот се браќата Џоел и Итан Коен. „Големиот Лебовски“ е еден од најпрепознатливите филмови на браќата Коен, каде се присутни сите елементи од нивниот стил: ексцентрични ликови, генијални комични секвенции и духовити идиосинкретични дијалози.

Последен февруарски филм (28 февруари) од ретроспективата е „Влези во празнината“ (САД, 2009, 143 мин., колор, 35мм) снимен од белгискиот кинематографер Беноа Деби, добитник на „Златна камера 300“ во 2010 година токму за снимателската работа на овој филм. Режисер на филмот е француско-аргентинскиот „анфан терибл“ Гаспар Ное. Филмот е психоделичен приказ на животот по смртта и најкомплексно остварување на Гаспар Ное. Музиката во филмот игра значајна улога и е комбинација од електронски пејзажи и психоделични звуци.

Во Кинотеката во Скопје филмовите од ретроспективата „Великаните на ’Браќа Манаки‘“ ќе се прикажуваат секоја среда од 20 часот, а во Центарот за култура во Битола секој понеделник од 20 часот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот