Филмот „М“ на Вардан Тозија имаше проекција во Трст

Сцена од филмот „М“ на Вардан Тозија

Филмскиот фестивал за фантастика и фикција во Трст се одржа од 27 октомври до 1 ноември во организација на Центарот за кинематографско и аудиовизуелно истражување и експериментирање „La Cappella Underground“, кој ги носи најдобрите продукции од жанрот фантазија на големото платно.

Македонскиот игран филм „М“ во режија на Вардан Тозија на 1 ноември беше прикажан на „Trieste Science + Fiction Festival“. Тоа беше италијанска премиера на филмот работен по сценарио на Вардан Тозија и Даријан Пејовски, каде продуценти се Дарко Попов и Вардан Тозија, а филмот е работен со копродуценти од Франција, Хрватска, Косово и Лукембург, со мнозинска македонска продукција.

Филмскиот фестивал за научна фантастика во Трст се смета за иновативен, влијателен и динамичен настан. Оваа година на фестивалот имаше над 50 светски, меѓународни и национални, филмски премиери во три натпреварувачки програми со присуство на режисери, актери и автори од целиот свет.

– Фестивалот на научна фантастика во Трст отсекогаш бил во првите редови на истакнување на важни актуелни прашања, со фокус на квалитетот кој е незаменлив. Секогаш еден чекор понапред од космичката крива, мисијата на фестивалот е да го поттикне жанрот во нови возбудливи насоки за нашата публика која постојано се зголемува – истакнал уметничкиот директор на фестивалот, Алан Џонс.

Сцена од филмот „М“ на Вардан Тозија

Во дистописката приказна на Тозија за осамено момче од шумата, кое наидува на низа предизвици и авантури барајќи ја својата самовила, улогите ги толкуваат Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јасмина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски. Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот копродуцент „Les Contes Modernes“.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ, Хрватскиот аудиовизуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ Телма (Македонија), Копродукцискиот маркет „Агора“ на ИФФ Солун 2019, „ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop“ (Полска, Германија, Франција), „Софија митингс“ (WiP) на ИФФ Софија 2020.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот