Фестивалот „Синедејс“ годинава беше јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности

Дел од екипата на филмот „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски / Фотографија: Стефан Самандов

Со премиерната проекција на македонскиот игран филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски, заврши 22. Фестивал на европски филм „Синедејс“, што се одржа од 13 до 18 јули на локации во МКЦ и во Кинотеката.

Под слоганот „Муви најт“ и годинава фестивалот обезбеди врвни филмски остварувања и македонски премиери, но со намален буџет и помал број простори за проекција на филмовите. Сепак, повеќе од 5.000 вљубеници во европскиот филм беа присутни на филмските проекции.

– Имавме уште едно одлично издание на фестивалот на кое сме горди, особено заради условите во кои го реализиравме. Сублимирано ќе споделам дека ние сме вистински светски фестивал, кој има ексклузивни премиери на филмови прикажани во Кан, врвни европски гости, публика која не доаѓа само на филмови, туку активно учествува и на работилниците и дебатите, како и професионалци филмаџии кои жедно учат и стануваат конкурентни на европскиот пазар. Нашите потенцијали се големи и како продуценти на овој фестивал, но и како јадро околу кое гравитираат вистински европски вредности – истакна Маргарита Арсова, програмски координатор на „Синедејс“.

Пред премиерната проекција на македонскиот филм „Бизнисот на задоволството“ на режисерот Гоце Цветановски на 18 јули во Парк МКЦ беа прогласени добитниците на наградите. За наградите за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба во Официјалната селекција одлучуваше комисијата во состав: Габриеле Бруненмејер, филмски експерт и ментор, Дина Дума, режисерка, и Ереник Беќири, режисер.

Комисија за доделување на наградите во Официјалната селекција / Фотографија: Стефан Самандов

Наградата „Златна ѕвезда“ за најдобар филм ја доби „Обичните“ на Софи Линенбаум со образложение: „Со создавањето незаборавен свет преку користење улоги во филмови за да се прикаже неправедноста во нашите општества ова дебитантско дело ни дава единствен глас, кој се осмелува остроумно да експериментира со воспоставените филмски правила. Режисерот остро пркоси на дискриминацијата со досетлива сатира и трогателна драма.“

Филм со најдобра режија и добитник на наградата „Сребрена ѕвезда“ е „Тајмаут“ на Ев Душман, додека „Сина ѕвезда“ за сценарио доби филмот „Обичните“ на Софи Линенбаум и Михаел Фетер Натанаски. Специјално признание за најдобра актерска изведба доби МаријаВаскез за улогата во дебитантскиот филм „Матријархат“ на Алваро Гагос.

Статуетки за наградените автори и филмови

Во селекцијата со филмови од Југоисточна Европа комисијата во состав Јована Ѓорѓиовска, Јоана Павлова и Марсел Маига одлучи наградата „Златно сонце“ за најдобар филм да му ја додели на албанскиот филм „Шоља кафе и нови чевли“ на сценаристот и режисер Гентиан Кочи.

Филмот ја доби наградата заради визуелната и тактилна поезија која ја кани публиката да внимава на секој детал. Тоа е филм кој покажува оригинален пристап кон комуникацијата и неможноста да се комуницира, како и кон тишината. Освен одличната актерска игра, зад оваа необична приказна се крие и современо чувство на изолација со кое сите можеме да се поврземе.

Фестивалската програма го привлече вниманието на околу 5.000 вљубеници во европскиот филм / Фотографија: Стефан Самандов

На фестивалот беше доделена и награда од филмската критика, а комисијата во состав Влатко Галевски, Стојан Синадинов и Тони Цифровски наградата ја додели на унгарскиот филм „Лери“ (Larry) на сценаристот и режисер Шилард Бернат.

Во образложението филмските критичари посочија дека „оваа ангажирана социјална драма ги осветлува проблемите на семејното и родовото насилство и созревањето на главниот лик, комбинирајќи го текот на приказната со супериорна визуелизација и одлична актерска игра. Исклучително умешно е изведено преплетувањето на контрастните социјални пејзажи – од руралноста до хип-хопот.“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот