Фамилија, затајување данок, шпионажа, марокански конзулат и молк на институциите (2)

Ако се земе превид дека уште не знаеме дали друштвата тој приход го правеле со или без ДОЗВОЛА од МВР (со барање од 2017 година), тогаш лесно е да се заклучи кои институции ќе треба да имаат работа со Малинковци, со „реномираните“ фирми и со мароканската конзулска адреса (улога) од која според хартијата се продавала шпионажа и се давале услуги од кои сега ЕУ ја боли глава, но не и нас како држава и институции.

Додека го пишувам вториот дел од серијалот македонските вистински крими-шпионски приказни, како продолжение на првиот „Иво сајбер-ајкула, „предатор во море од профит, изиграни закони и шпионажа“ во кој главна улога имаат државни и недржавни актери што произведуваат, извезуваат и користат шпионски софтвери за незаконско следење и надзор на комуникациите, проблеми на кои работат земји од ЕУ и Европскиот парламент, нашите институции (богови) молчат пред фактите.

Уште не знаеме:

1. Дали МВР издало или не издало одобрени за производство, извоз, увоз и реекспорт на опрема за следење комуникации на трговските друштва „САЈШАРК“ и „САЈТРОКС“ на Иво Малинковски, според членот 2 од Законот за следење на комуникациите за годините кога го прави милионски приход од продажба на шпионски софтвери, се затајува данок; и дали во изминатите години правеле барем една контрола во друштвата што сами декларираат производство и извоз на опрема (софтвери) за следење комуникации?

2. Дали Управата за јавни приходи (УЈП) повторно ќе се заинтересира за финансиското работење на трговските друштва „САЈШАРК“ и „САЈТРОКС“ и да провери како се играни и изиграни законите за даноците или 0 денари платен данок на добивка од остварени милионски приходи од продажба на опрема за следење комуникации?

3. Дали Агенцијата за национална безбедност (АНБ) која е задолжена да превенира и да сузбива шпионажа, работа на странска агентурна мрежа, да штити високи државни лица, институции и интереси, воопшто ќе почне да се занимава и ќе дознае за кого се игра шпионската игра со софтвери за следење комуникации дома и надвор?

4. Дали Управата за финансиско разузнавање ќе се заинтересира да провери финансиски трансакции од оф-шор компании и од странски државјани кон и со управителот на трговските друштва на Иво Малинковски, кои очигледно биле добро упатени во „системските пропусти“ како тактики за остварување на недржавни интереси?

Додека ја чекаме „заинтересираноста“ на повиканите институции, да отвориме и други димензии на приказната. Трговското друштво за развој на софтверски продукти за следење комуникации „САЈШАРК“ со управител Иво Малинковски, која во 2017 и во 2018 година од продажба остварила приход од 172.917.253 денари или близу три милиони евра, денес има БЛОКИРАНА сметка во АД „Комерцијална банка“ Скопје бр. 300000004072***. Успешниот млад бизнисмен својот шпионски бизнис од октомври 2019 година оставил да го води баба му Каља Ангелова.
На јавно достапната листа на должници на Управата за јавни приходи за 2019 и за 2020 година на 132. место се наоѓа фирмата „САЈШАРК“ ДООЕЛ Скопје со долг за неплатен данок на добивка во висина од 12.205.453 денари или нешто повеќе од 200.000 евра. Не се знае дали е платен долгот кон државата.
Трговското друштво за развој на софтверски продукти за следење комуникации „САЈТРОКС“ со управител Иво Малинковски, која во 2017 и 2018 година од продажба остварила приход од 74.216.015 денари или 1,2 милиони евра и „платило“ 0 (нула) денари данок на добивка за двете години и 0 денари платен данок на добивка за 2019, 2020 и 2021 година кога финансиските приходи се 112.058.340 или близу 1,9 милиони евра, денес нема БЛОКИРАНА сметка во НЛБ „Тутунска банка“ Скопје бр. 210071913910***.

Пред да продолжам со приходите и со расходите и со модус операнди системот за даночно затајување, ќе потсетам дека трговското друштво „САЈТРОКС“ (Cytrox) на Иво Малинковски беше БЛОКИРАНО во декември 2021 година од МЕТА (Фејсбук), поради САЈБЕР ШПИОНАЖА. Фејсбук објави дека седум компании, од кои една е од Северна Македонија, ја искористиле нејзината платформа за да шпионираат 50.000 луѓе во 100 земји. Ниту една домашна институција не беше заинтересирана да дознае зошто, како и кого шпионирала фирмата на Иво. Веста дома траеше два дена – од МВР рекоа немало пријава, а сега шпионажата се враќа на европска врата низ која ќе треба да поминеме.

Од една пресуда по жалба на Вишиот управен суд од 4.2.2021 година по предмет «УЖ-3».бр.«733»/«2020» се дознава дека Иво Малинковски бил управител во уште едно (од вкупно шест) трговски друштва што се занимаваат со производство, развој и извоз на софтверски пакети за следење на комуникации, а тоа е друштвото „ИС ТЕХНОЛОЏИС“ ДОО Скопје.

Ова трговско друштво е регистрирано еден месец по регистрацијата на претходните две трговски друштва, односно на 13.4.2017 година, а седиштето на фирмата е на адреса: ул. 1637, бр. 40 во Општина Гази Баба, која „ни пет ни шест“ е адреса на КОНЗУЛАТОТ НА МАРОКО во Скопје. Почесен конзул на Мароко е таткото на Иво Малинковски – Илија Малинковски, кој беше назначен во септември 2016 година. (https://www.consulate-info.com/consulate/30908/Morocco-in-Skopje).

Во ова трговско друштво со кое управувал Иво Малинковски како сопственици се јавуваат неговиот брат Давид Малинковски и Гилад Леви, софтверски инженер од Израел. Во контактите на сите тројца, вклучително и на израелскиот државјанин, повторно стојат имејл-адреси @micei.com.mk. На 24.10.2019 година Иво Малинковски се повлекува од управителската позиција на ова трговско друштво од неколку причини, меѓу кои една е основање други трговски друштва.

Од увидот во обработените годишни сметки за 2017, 2018, 2019, 2020 и 2021 година на „ИС ТЕХНОЛОЏИС“ ДОО Скопје со седиште на адреса на конзулатот на Мароко во Скопје се забележува приход од продажба само во годината на основање (2017) во висина од 14.805.600 денари со пресметан данок на добивка од 284.247 денари (?). Од пресудата на Вишиот управен суд се дознава како бил затаен данокот на добивка, односно дека 11.461.574 денари била реалната основица за оданочување која требало да биде платена од страна на трговското друштво за остварена добивка за 2017 година. Од начинот и пресметката како дошло до затајување на данокот на добивка, опишани во пресудата, може да се дојде до сознание како било можно друштвата „САЈШАРК“ и „САЈТРОКС“ на милионските приход да плата 0 денари данок на добивка кон државата.

Како Давид и Иво Малинковски дошле до Пресуда од Вишиот управен суд – Скопје?
Регионална Дирекција на УЈП Скопје извршила надворешна контрола на данокот на добивка на „ИС ТЕХНОЛОЏИС – Скопје“ за период од 01.01 до 31.12.2017 година, за што бил изготвен Записник бр.27-18/01190-0219/2 од 25.03.2019 година. По извршениот увид на книжените расходи на сметка 411 – надворешни услуги, било констатирано дека трговското друштво за месец декември 2017 година книжело расходи врз основа на исплата на бруто-плата на соосновачот Давид Малинковски по решение на управителот Иво Малинковски (блиско лице со основачот-брат), во бруто износ од 10.427.423 денари или месечни плати во висина од 1.042.742 денари. Со тоа било извршено зголемување на расходите за наведениот износ, односно дошло до нереално зголемување на расходите за 2017 година за бруто-износ од 10.427.423 денари констатиран помалку платен данок на добивка.

Регионалната Дирекција на УЈП Скопје донела Решение бр.2602181602/1 од 15.4.2019 година, со кое била утврдена сумата за данок на добивка со пресметана камата до 25.3.2019 година. Давид Малинковски се жалел, тужел, но Вишиот управен суд верувал на пресметката на УЈП.
Законот за данокот на добивка вели дека основа за пресметување на данокот на добивка е добивката која се утврдува во даночниот биланс, која претставува разлика помеѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководство и сметководствените стандарди и евентуално се зголемува за непризнаените трошоци за даночни цели. Истиот закон (член 9), вели дека како НЕПРИЗНАЕНИ расходи за даночни цели се сметаат скриените исплати на добивки какви што се давање одредени производи и услуги на содружниците или акционерите или со нив поврзани лица. Законот, всушност, кажува дека со прикажување на нереални расходи и со креирање непризнаени расходи се врши намалување на добивката пред оданочување. Со други зборови, се врши кривично дело од член 279 од Кривичниот законик – ДАНОЧНО ЗАТАЈУВАЊЕ.

Пред да ги прикажам расходите за споменатите две трговски друштва, хартијата вели дека сметката на трговското друштво „ИС ТЕХНОЛОЏИС“ Скопје во НЛБ „Тутунска банка“ Скопје бр. 210071960400*** со седиште во конзулатот на Монако во Скопје е БЛОКИРАНА и нема информации дали е платен реалниот данок кон државата по пресудата од февруари 2021 година. Но, затоа блокирана е „САЈШАРК“ на Иво Малинковски, а сега на баба му Каља Ангелова, за:
– Во 2017 година за прикажан приход во годишна сметка од 164.980.000 денари, прикажан е расход од работењето во висина од 158.937.510 денари – разлика од 604,249 денари (?), а таа година биле платени 711.819 денари данок на добивка кон државата;
– Во 2018 година на прикажан приход во годишна сметка од 6.947.690 денари, прикажан е расход од работењето во висина од 13.613.482 денари (?) – разлика од 6.665.792, прикажана е загуба пред оданочување во висина од 6.599.384 денари (?) и платени 0 денари данок на добивка кон државата;
– Во 2019 година на прикажан приход во годишна сметка од 0 денари, прикажан е расход од 130.312 денари – разлика од 130.312 денари, прикажана е загуба пред оданочување во висина од 206.377 денари (?) и платени 0 денари данок на добивка кон државата;
– Во 2020 година на прикажан приход во годишна сметка од 0 денари, прикажан е расход од 1 денар, не е прикажана загуба пред оданочување и платени се 0 денари данок на добивка кон државата;
Блокираната од МЕТА/Фејсбук за сајбер-шпионажа „САЈТРОКС“ на Иво Малинковски, а од октомври 2022 година (!) сега на анонимна баба од Чешка – Јеновефа Моравкова, за:
– Во 2017 година на прикажан приход во годишна сметка од 3.639.300 денари, прикажан е расход од работењето во висина од 27.787.783 денари – разлика од 24.148.483 денари (?), прикажана загуба пред оданочување во висина од 24.111.407 денари (?) и платени 0 денари (?) данок на добивка кон државата;
– Во 2018 година на прикажан приход во годишна сметка од 69.892.980 денари прикажан е расход од работењето во висина од 94.086.574 денари (?) – разлика од 24.193.594 денари (?), прикажана загуба пред оданочување во висина од 23.546.935 денари (?) и платени 0 денари (?) данок на добивка кон државата;
– Во 2019 година на прикажан приход во годишна сметка од 0 денари, прикажан е расход од 69.639.286 денари – разлика од 69.639.286 денари, прикажана загуба пред оданочување во висина од 78.860.822 денари (?) и платени 0 денари (?) данок на добивка кон државата;
– Во 2020 година на прикажан приход во годишна сметка од 0 денари, прикажан е расход од 91.104.348 денар (?), прикажана е загуба пред оданочување во висина од 7.511.068 денари (?) и платени 0 денари (?) данок на добивка кон државата;
– Во 2021 година на прикажан приход во годишна сметка од 0 денари, прикажан е расход од 15.332.483 денар (?), прикажана е загуба пред оданочување во висина од 10.207,642 денари (?) и платени 0 денари (?) данок на добивка кон државата.

Овие шокирачки бројки што низ призма на пресудата од Вишиот управен суд што пресудил во корист на државата за затајување данок на добивка говорат дека ОЧИГЛЕДНО успешноста на бизнисот се состоела да не се плати данок кон државата од приходот остварен од продавање софтверски продукти за следење комуникации. Ако се земе предвид дека уште не знаеме дали друштвата тој приход го правеле со или без ДОЗВОЛА од МВР (со барање од 2017 година), тогаш лесно е да се заклучи кои институции ќе треба да имаат работа со Малинковци, со „реномираните“ фирми и со мароканската конзулска адреса (улога) од која според хартијата се продавала шпионажа и се давале услуги од кои сега ЕУ ја боли глава, но не и нас како држава и институции.

Вреди да се спомене дека неодамнешните апсења на европратеници беше поради поткуп даден од Мароко и од мароканскиот интерес да се дознае како стои Мароко во европските извештаи што ги подготви Анкетната комисија при ЕП за злоупотреба на овие шпионски софтвери за незаконско следење.
За улогата на поранешниот израелски воен разузнавач Тал Дилијан и другите Израелци во овие трговски друштва, во продажбата и услугите со опремата за следење комуникации, ќе читате во третото продолжение. Тој е извршниот директор на Интелекса (Intellexa), апсен во Кипар и во Грција и тврди дека ја спасил од пропаѓање фирмата „САЈТРОКС“ основана во Северна Македонија, непосредно пред да презентира шпионското комбе за надзор од девет милиони долари што беше запленето на Кипар, а со кое може да се хакираат, да се следат телефони и да се крадат приватни податоци, вклучително и пораки на интернет-апликациите за комуникација во август 2019 година. Нека размислат што прават и што ќе прават повиканите институции.

Авторката е универзитетска професорка

(Продолжува)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот