ЕУ тргна кон Западен Балкан со пазар, со реформи и со пари

Не е доволно само да чекаме пријатели надвор од Унијата да ни пријдат, не е доволно да кажеме дека вратата ни е отворена. Ние мора да преземеме одговорност за приближување на амбициозните членови на нашата Унија до нас. Планот ќе донесе и нови придобивки за сите граѓани од регионот, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.

Европската Унија има нов план за Западен Балкан што се заснова на четири столба, со главна цел да го приближи земјите уште пред тие да станат полноправни членки, а го објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во своето обраќање на форумот Глобсек 2023 во Братислава.
Четирите столба на кои ќе се заснова овој план се: приближување до единствениот пазар на ЕУ, зајакнување на регионалниот заеднички пазар, забрзување на реформите и зголемување на распределбата на претпристапните средства од Унијата за земјите од регионот.

Планот, како што рече Фон дер Лајен, ќе помогне да се оддалечи Западен Балкан од Русија и да се приближи до Унијата, но ќе донесе и нови придобивки за сите граѓани од регионот.

– Конечно да сфатиме дека не е доволно само да чекаме пријатели надвор од Унијата да ни пријдат, не е доволно да кажеме дека вратата ни е отворена. Ние мора да преземеме одговорност за приближување на амбициозните членови на нашата Унија до нас. Ударните бранови што ги испрати Путиновата агресивна војна ги погодија и шесте земји од Западен Балкан. Но, ова само не зближи. Ги проширивме на Западен Балкан истите мерки за солидарност што ги презедовме во рамките на нашата Унија. Ги поддржавме ранливите домаќинства против високите трошоци за енергија. Градиме нова инфраструктура за да ја намалиме зависноста на Западен Балкан од руските фосилни горива. И оваа практична соработка оди паралелно со напредокот на патот кон ЕУ – рече Фон дер Лајен.

Објавувањето на новиот план за Западен Балкан доаѓа на нешто помалку од 24 часа пред вториот самит на Европската политичка заедница што се одржува утре во Молдавија, чија цел е приближување и зајакнување на земјите кои не се членки на Европската Унија.

Веднаш по објавувањето на планот на Форумот говореа премиерите на Македонија и на Албанија, Димитар Ковачевски и Еди Рама на тема „Отворени патишта: Балканот се враќа во игра“. И двајцата изнесоа забелешки на однесувањето на Унијата и нејзините ветувања за Западен Балкан, а Рама и сликовито објасни колку време поминало од ветувањата и уверувањата на Солунскиот самит на ЕУ пред 20 години.

– Во Солун беше кажано дека ќе бидеме дел од ЕУ уште пред да ми падне косата. На Димитар му падна косата. Сега сме ние двајца ќелави мажи затоа што веруваме дека ќе бидеме членки брзо – изјави Рама на заедничкиот панел со Ковачевски, на кој беа најавени како „важни играчи на Западен Балкан“.

Премиерот Ковачевски порача дека Западен Балкан не треба да се стигматизира, туку ЕУ треба да ги слушне размислувањата на луѓето таму. Според него, ЕУ сега, по војната во Украина ја сфати стратешката грешка што ја направи пред неколку години кога ни беше наметнато вето нам и на Албанија, но таа сега не може да се поправи за пет минути.

– Стратешките грешки имаат свој ефект во период од 5 до 10 години најмалку. Знам дека претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајен е голем пријател на нашите земји, а и личен пријател што ни помогна во најпредизвикувачките времиња затоа што неколку години работиме во криза – пандемиска, економска и енергетска криза. Помошта што ја добивме беше потребна, нужна во тоа време, но исто така морам да потенцирам дека нашиот народ, нашите институции, заедно со премиерите на Албанија и Грција, работиме заедно сè со цел да ја решиме кризата и ја поминавме зимата – рече премиерот.

Говорејќи за евроатлантската интеграција на Македонија, Ковачевски потсети дека не постои држава што требало да донесе помачни одлуки од неа за да стане членка на ЕУ и НАТО.

– Македонија го промени името на земјата за да стане членка на НАТО и на ЕУ. И кога заврши референдумот и гласањето во Собранието, НАТО испорача, а ЕУ не испорача. Тоа се факти, затоа што таму измислија некакво вето поради владеење на правото и некои други работи – рече Ковачевски.

Тој додаде и дека не би се согласил оти сите земји што се приклучиле кон ЕУ во тој момент биле на ниво на Германија, Франција или Шведска во поглед на интегритетот, владеењето на правото и демократија. Дури, како што рече, и интегритетот на македонското Собрание во однос на поплаките за корупција е повисок од оној на Европскиот парламент. Според него, Северна Македонија спроведе тешки реформи, а Европскиот совет треба да има јасна стратегија за интеграција на Балканот.

На прашањето дали е можна организација на балканските земји по примерот на ЕУ, македонскиот премиер повтори дека имаше таква – некогашна Југославија.

– Стандардот тогаш беше 10 пати поголем од стандардот на Полска, Словачка, Бугарија и Романија заедно. Сега вашиот стандард, затоа што тука гледам луѓе од Словачка, Чешка, сега е подобар само поради тоа што сте членки на ЕУ. Патот на напредување на Западен Балкан, како што велите вие, е членство во ЕУ – им порача Ковачевски на присутните.

Албанскиот премиер, говорејќи за јазот помеѓу Унијата и Западен Балкан направи споредба.

– Помеѓу 2020 и 2021 година имаше два пакети за закрепнување. ЕУ распредели 47,5 милијарди, плус 600 милијарди за земјите членки, додека за нас една милијарда за сите шест земји меѓу кои 500 милиони грантови, а 500 милиони во заеми. Грантовите беа прераспределба на ИПА-фондовите и тие беа само пренасочени кон нашиот буџет. Втора работа, распределбата на грантови од ЕУ кон земјите членки во ЈИЕ ќе биде зголемена за 11 пати во споредба со земјите од Западен Балкан, а трето, ИПА-фондовите се она што го добиваме и тие се 90 отсто техничка помош, а 10 отсто во инвестиции. Има распределби на буџетот на ЕУ меѓу шесте земји од Западен Балкан и членките. Таа е околу 130 евра за жител на Западен Балкан, а над 4.000 евра за жител на земјите членки. Додека трае процесот на интеграција и пристапни преговори, за нас ќе биде мачно. Мора да добиеме нешто повеќе и нешто фундаментално. Мора да се смени нешто во односот меѓу ЕУ и Западен Балкан ако не сакаат да го видат регионот како се враќа назад – образложуваше вчера Рама.

На првиот ден од Форумот говореше и австрискиот министер за надворешни работи Александер Шаленберг и кажа дека е разочаран од однесувањето на Европската Унија во врска со нејзиното проширување со земјите од Западен Балкан. Тој вели дека дебата што се води во Унијата за реформите пред проширување е ѓубре и дека нема пречки земјите од Западен Балкан да станат членки.

– Ако чекаме до 2040 година, ќе го загубиме регионот. Тоа е многу јасно. Мора да бидеме многу побрзи. Почнавме дебата за реформа на ЕУ, треба да се продлабочиме пред да може да се прошириме. Тоа е ѓубре. Го направивме тоа во Лисабон. Имаме сè. Ние сме подготвени точно за сценариото на зачленување на Западниот Балкан во ЕУ – рече Шаленберг на „Глобсек“ во Братислава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот