ЕУ не знае како од зборови да прејде на преговори

Европската Унија завчера јасно порача дека Македонија и Албанија нема да бидат разделени во евроинтеграцискиот процес, наспроти изјавите на еврокомесарот Оливер Вархељи, но не понуди идеја како да се надмине идентитетскиот спор што Бугарија прво ѝ го наметна на Македонија, а потоа ја блокира.

Премиерот Зоран Заев на европските функционери им укажа дека на ред е ЕУ да го исполни ветеното и дека нема да разговараме за членство во ЕУ ако некој на преговарачката маса ги изнесе македонскиот идентитет и јазик.

Според аналитичарите, овие позиции значат дека во скоро време не може да се очекува Македонија да ги почне преговорите за членство, особено не во претстојниот јуни, наспроти сите очекувања и искажана добра волја. Поради сето ова, нема да преговара ниту Албанија, што отвора простор за евроскептицизам, но и други ризици во регионот.

– Имаше согласност во Советот дека е потребно забрзување на реформите поврзани со ЕУ во регионот. Сакаме исто така да се забрза процесот на приклучување и немаме намера да ги одвојуваме Северна Македонија и Албанија – рече завчеравечер шефот на европската дипломатија Јосеп Борел по состанокот со 27-те министри за надворешни работи на ЕУ.

Заев: Не може Унија во која не сме членки да си игра со нашиот идентитет

Премиерот Заев на средбите со високите еврофункционери добил поддршка дека Македонија треба да ги почне преговорите за членство и уверување дека нема да се раздвои од Албанија во процесот на евроинтеграции. Тој, пак, како што изјави подоцна за медиумите, на сите им пренел дека за идентитетот нема да се разговара.

– Ние ја имаме нашата гордост и го имаме нашиот идентитет. Нашата гордост може да оди нагоре и надолу. Тоа го покажавме преку договорот од Преспа и со нашата дипломатија и флексибилност. Нашиот идентитет е единствен и не постои можност мојата влада или која било друга влада да преговара за тоа. И затоа, не е можно ниту држава, па дури ни Унија во која сè уште не сме членки, да си игра со тоа – рече Заев во Брисел.

Тој додаде дека С Македонија ја „заслужува“ меѓувладината конференција со која ќе почнат преговорите за членство.

– Очекуваме ЕУ како целина, сите 27 земји членки, Европската комисија, да бидат во согласност со она што ни го ветија. Тоа беше: вие испорачајте, ние ќе испорачаме. Ние испорачавме и повеќе од тоа. И ние очекуваме ЕУ да испорача. Огромен е ризикот ако продолжи блокадата. Тоа е ризик и за Бугарија и за Северна Македонија и за целиот Балкан – рече Заев.

Тој предупреди дека постои геополитички, безбедносен и економски ризик ако не продолжи евроинтеграцијата на регионот и потсети дека ваквите околности придонеле за појавата на наводни нон-пејпери за менување на границите на Балканот.

Многу зборови без дела

Според Марко Трошановски од Институтот за демократија „Социетас цивилис“, по оваа дипломатска офанзива во Брисел на премиерот Заев и министрите Никола Димитров и Бујар Османи се јасни неколку работи.

– Добро е што се реафирмираше намерата на Европската комисија за Македонија и Албанија да останат во пакет во пристапниот процес кон ЕУ. Од друга страна, не се случи никаков притисок кон Бугарија, не слушнавме за никаков предлог или идеја од ЕК за да се надмине спорот и да биде усвоена преговарачката рамка на која Бугарија стави блокада – вели Трошановски за „Слободен печат“.

Македонија очекуваше во периодот до јунските самити на ЕУ да ги продолжи разговорите со новата бугарска влада, но таа не се формираше, а Бугарија од вчера има техничка влада што ќе го организира новите избори на 11 јули. Според сите проценки, техничката влада во овој период нема да сака да се занимава со решението на проблемот. Позицијата на Бугарија, откако ја стави блокадата, воопшто не е променета, за што говори и ставот на министерката за надворешни работи во оставка, Екатерина Захариева, искажан на завчерашниот министерски состанок.

– Само по себе почнувањето на преговори за членство во ЕУ не е доволно за да ја зацврстиме геополитичката ориентација на Западен Балкан. Неопходно е земјите од регионот да ги почитуваат критериумите на ЕУ и ефикасно да ги спроведуваат потребните реформи, вклучително и да ги прекинат финансираните дезинформациски кампањи против земјите членки. Треба почесто да дискутираме на Западен Балкан. За жал, нашите дискусии од пред четири години, кога Бугарија беше претседател на Советот на ЕУ и инсистираше на засилен ангажман со земјите од регионот, беа исти како и денес. Тогаш нашите соседи повторно посочуваа вина во други земји како оправдување за недоволниот степен на реформи. Загрижува и недостигот на целосен пристап на државите од Западен Балкан кон одлуките и позициите на ЕУ во областа на надворешната и на безбедносната политика – оценила Захариева, пренесе „Дојче веле“.

Ќучук повикува на враќање на довербата

Бугарскиот европратеник Илхан Ќучук на средбата со Заев истакнал дека поврзаноста на двете земји е клучна за добрососедските односи.

„Потребна ни е агенда заснована врз иднината, поврзување – инфраструктура, дигитална, образовна и културна. Враќање на довербата и зајакнување на односите меѓу Бугарија и Република Северна Македонија“, напиша Ќучук на социјалните мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот