ЕСМ им одговори на Мицкоски и ВМРО – ДПМНЕ за ноќните вишоци на струја: Ако не ги продадеме, ќе имаме нула приход

Фото: МИА

По шести пат му кажуваме на ВМРО ДПМНЕ дека вишоците на електрична енергија што ги произведува државата во текот на ноќта се продаваат транспарентно и по конкуренти цени кои се диктирани од берзата. Нив може да ги купи кој било, стопанство, институции, трговци. Оваа енергија, којашто се продава од 2 до 7 часот, на јавна објава, на јавна аукција, со транспарентна и конкурентна постапка, можеме да ја продадеме по одредени цени кои индикативно ги дава ХУПЕКС берзата, а цената се формира врз основа на добиените понуди. Понудата со највисока цена ја добива електричната енергија, реагираат од АД ЕСМ по нападите од ВМРО-ДПМНЕ и лидерот Мицкоски дека компанијата продава струја по двојно пониска цена.

Од АД ЕСМ потенцираат дека ако не се продава струјата вака, тогаш другата опција е вишоците на струја да се пуштат слободно во системот и да не се наплаќаат, а со тоа компанијата би имала нула приходи.

„Со оглед на тоа што на Христијан Мицкоски и неговата партија очигледно не им е јасно наведеното, стоиме на располагање секој ден нареден ден да им го објаснуваме истото“, нагласуваат од ЕСМ.

Денеска портпаролката на ВМРО – ДПМНЕ Марија Митева уште еднаш нагласи дека додека граѓаните плаќаат и до 50% поскапа струја, а фирмите имаат сметки и до 4 пати повисоки во однос на лани, АД ЕЛЕМ продава струја по двојно пониска цена од берзанската на трговци, кои потоа ја продаваат по берзанска цена и прават огромни профити на сметка на народот.

-Имено во периодот од 30 август до 6 септември АД ЕЛЕМ распишува оглас за продажба на ноќни вишоци на струја во вкупна количина од 2000 MW/h. Во истиот период Албанската државна енергетска компанија КЕШ исто така распишува оглас за набавка на струја за период од 29 август до 4 септември по сличен профил како тој на АД ЕЛЕМ од 2100 MW/h. Фирмата која што се јавува како купувач на струјата од АД ЕЛЕМ е ЕТМТ Енерџи, сопственост на ЕНЕРТЕЈД Албанија, на Артур Мицкај, човек од партијата на Еди Рама. Имено оваа фирма ја купува струјата по цена од 337 евра по MW/h од АД ЕЛЕМ, а ја продава по цена од 525,55 евра за MW/h на албанската државна енергетска компанија КЕШ. Разликата во цена, односно заработката што ја прави оваа фирма само од оваа зделка од 6 дена изнесува 10.800.000 денари. Струјата од 337 евра по мегават час можела да биде продадена на домашното стопанство, кое сега плаќа и повеќе од 2 пати повисока цена, или да биде продадена поскапо, а не двојно пониско од берза, рече Митева.

Според неа манипулативни се изјавите на челниците од власта, кои тврдат дека струјата во ноќните часови е двојно поевтина од таа во часовите во текот на денот.

-Ако е така зошто албанската КЕШ ја купила истата струја од трговци по цена од 525,55 евра за мегават час? Заработката која трговецот ја ставил е 60%, и тоа во услови на криза, праша Митева нагласувајќи дека овие пари ќе завршеле кај граѓаните или во АД ЕЛЕМ, но сега завршуваат на сметките на приватни трговци.

Таа побара оставка од премиерот Димитар Ковачевски и од директорот на АД ЕЛЕМ Васко Ковачевски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот