Експлозии во фабриката за оружје „Слобода“, но Чачак избегна катастрофа

Кога одекнале првите експлозии во 1.30 часот по полноќ, во фабриката имало близу 60 работници, но повеќето од нив навремено биле евакуирани, а четворица се засолниле во безбедни простории под земјата и по околу половина час биле извлечени живи и здрави.

Стравотни експлозии изутринава одекнувале од фабриката за апарати, оружје и муниција „Слобода“ во српскиот град Чачак, но ниту еден од работниците што биле на смена не е повреден, а откажан е и првичниот план за евакуација на жителите на дел од градот.

Кога одекнале првите експлозии во 1.30 часот по полноќ, во фабриката имало приближно 60 работници, но повеќето од нив навремено биле евакуирани, а четворица се засолниле во безбедни простории под земјата и по околу половина час биле извлечени живи и здрави.

Експлозиите предизвикале голема материјална штета на објектите и домовите во близина на фабриката, но градоначалникот Милан Тодоровиќ изјави дека нема повредени луѓе.

– Во серијата експлозии што се случија во фабриката „Слобода“ немаше човечки жртви ниту повредени лица. Нема причина граѓаните да бидат загрижени. Евакуирани се 30 работници од фабриката и околното население. На местото се припадници на противпожарните единици на градските и фабричките служби – порача на Фејсбук градоначалникот Тодоровиќ.

Тој подоцна додаде дека се евакуирани сите работници од третата смена.

– Првите детонации одекнаа од магацините за убиствени средства. Добро е што експлозиите и пожарот не се случија во производствените сали – додаде Тодоровиќ.

Работничката Александар Ќировиќ го опишала хаосот додека уште била во фабриката.

– Работев во погонот со уште седуммина колеги кога почнаа експлозиите. Успеавме да излеземе, да стигнеме до една зграда и да влеземе во просторија што нема прозорци и која е вкопана во земја. Сè уште сме во подрумот. Се слушаат детонации и сè трепери – напишала Ќировиќ на социјални мрежи.

На евакуираните граѓаните што живеат близу фабриката им било дозволено да се вратат дома. На многу куќи биле скршени прозорците, а оштетени биле и автомобили.

По тричасовна блокада, нормализиран е и сообраќајот, а затворен е само патот што води кон фабриката.

Жителите побегнале од куќите откако ги заплиснал „врел бран“.

– Моравме да побегнеме, бидејќи живееме веднаш покрај фабриката. Едвај извлековме жива глава – порачала Јелена од Чачак.

– Прво се слушна слабо потпукнување, а потоа почнаа страшни експлозии. Само се прекрстивме и излеговме надвор. Огнот што подоцна се прошири мислевме дека ќе стигне до нашата куќа. Стивна некаде во околу 4 часот, но цела ноќ не спиевме – изјави Радоје Симеуновиќ, кој живее близу до „Слобода“.

Министерот за одбрана на Србија, Александар Вулин, изјави дека по првите експлозии се разгледувала и можноста за евакуирање на населението на „значителен дел од Чачак“, но немало потреба, затоа што експлозиите биле од магацинот за готова муниција, а не од производството.

– По 24 часа од последната детонација, пожарникарите ќе можат да влезат. Најважно е сè да биде безбедно – изјави Вулин. Тој не шпекулираше која е причината за експлозиите, па првите информации се очекуваат по гаснењето на огнот и увидот. А, увидот тешко дека ќе биде возможно да се спроведе денеска, зашто до пладнето сè уште се слушале повремени експлозии, иако со помал интензитет и на подолг интервал една од друга, по една на секој половина час. Противпожарна екипа со три возила, како фабричката служба, чекале да интервенираат.

Непотврдени извори укажуваат дека експлозиите почнале во магацинот за противавионска муниција на фабриката „Слобода“, која произведува апарати за домаќинство, но и артилериска и ракетна муниција, гориво и експлозиви.

Ова не е прва голема хаварија во чачанска „Слобода“. Во слична експлозија во 2003 година загинаа тројца работници, а во јануари 2010 година при експлозија во одделението за пиротехника бил повреден еден работник. Во јули 2013 година, пак, биле повредени двајца работници од експлозија во производствената хала.

Постројките на „Слобода“ повеќепати беа цел на бомбардерите на НАТО при тримесечните воздушни напади врз Србија во 1999 година, при што фабриката и магацините беа сериозно оштетени. Но, во изминатите две децении беше обновено производството, особено на артилериска и ракетна муниција за воените потреби на земји од Африка и од Азија, но и за членки на НАТО.

Аналитичарот Александар Радиќ изјави дека во „Слобода“ се произведува разновидна муниција во калибар од 20 до 155 милиметри.

– Тие произведуваат муниција од 40 милиметри за противавионски топови „бофорс“, од 155 милиметри за хаубици од стандардот на НАТО, тенковски проектили во калибар од 125 милиметри и топовска муниција од 30 милиметри – изјави Радиќ за агенцијата Бета.

Наменското производство изработува противградни ракети со среден и голем дострел, како и чадни, побеќебојни и фосфорни гранати за потреби на специјални воени и полициски единици, како и за приватни служби за безбедност.

 

 

 

Евакуирани 200 луѓе од пламнат хотел во Мадрид

 

Немало повредни лица во голем пожар што прексиноќа избувна во хотелот „Нуево“ во северно предградие на Мадрид.

Петнаесет противпожарни екипи брзо го изгаснале огнот, а причините за пожарот вчера не биле утврдени.

– Иако пожарот беше голем и се крена висок столб од чад, никој не беше повреден и без проблеми беа евакуирани лицата од хотелот „Нуево“ со четири ѕвездички – изјави претставничка на мадридската служба за итни ситуации.

Отворен во 2005 година, хотелот со 225 соби е познат по својот импресивен атриум висок 40 метри.

 

 

Шест деца загинаа во пожар во центар за малолетници во Каиро

 

Шест деца загинаа во пожар што избувна во казнено-поправен центар за малолетници во египетскиот главен град Каиро.

Пожарот, веројатно предизвикан од краток спој во електричната инсталација, избувнал по тепачка помеѓу две деца и брзо се проширил низ просториите на центарот, а децата не можеле да се засолнат затоа што биле заклучени портите. Повредени се повеќе од 20 деца.

Јавните установи и приватните фабрики во Египет имаат дотраени инсталации, кои вообичаено не се одржуваат. Пред три месеци при пожар во фабрика кај Каиро загинаа најмалку 20 луѓе. Само во текот на минатата година низ Египет имало повеќе инциденти со пожари, при што загинале 199 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот