Експертите откриваат: Дали можете да се здебелите од антибиотици?

Фото: Flickr

Според Харвард хелт, студија од 2018 година покажала дека децата кои редовно земаат антибиотици се изложени на поголем ризик од дебелина од децата кои земаат помалку лекови. Спроведени се неколку студии за поврзаноста помеѓу антибиотиците и тежината.

Студијата од 2014 година спроведена на глувци открила дека оние кои биле изложени на антибиотици добиле многу поголема тежина од другите глувци на истата диета. Друга студија од 2011 година докажала дека антибиотиците имаат значително влијание врз телесниот хормон за глад, кој се вика грелин.

Порталот Бирди (Byrdie) разговарал со неколку експерти кои објасниле дали постои поврзаност помеѓу земањето антибиотици и таложењето килограми.

Д-р Пат Салбер наведува дека антибиотиците имаат ефект врз бројни бактерии во цревата на луѓето.

„Знаеме дека овие бактерии, заеднички познати како микробиом, имаат значителни ефекти врз енергетската хомеостаза и контролата на тежината.“

Таа додава дека сѐ уште се дебатира за тоа какви се ефектите на антибиотиците во однос на тежината, односно дебелеењето. Салбер наведува дека не постои едноставен одговор на прашањето дали антибиотиците влијаат на зголемувањето на телесната тежина.

„Изгледа дека антибиотиците се најновите негативци во приказната за дебелината, но тие можеби не дејствуваат сами“, додава Салбер.

Кристофер Калапаи, овластен остеопатски лекар за семејна медицина, медицина против стареење и келациска терапија, вели дека антибиотиците ја уништуваат дигестивната флора и доведуваат до бактериска нерамнотежа, што е една од најчестите причини за надуеност.

„Освен тоа, антибиотиците може да предизвикаат промена во навиките на празнењата на цревата и апсорпцијата на храната и хранливите материи, што може да предизвика чувство на замор или слабост“, додава тој.

Калапаи нагласува дека е важно да не се претера со употребата на антибиотици бидејќи може да ги оштети цревните бактерии, може да се оштетат митохондриите, што потоа влијае и на вашата тежина, бидејќи главната задача на митохондриите е да ја претворат храната во енергија.

„Антибиотиците исто така можат да го зголемат нивото на грелин во крвта, кој е моќен стимуланс на апетитот.“

Рошини Рај, гастроентеролог и лекар по интерна медицина, вели дека антибиотиците убиваат и многу здрави, добри бактерии во цревата, што може да го исфрли дигестивниот систем од рамнотежа и да овозможи прекумерен раст на лошите бактерии кои можат да предизвикаат зголемување на телесната тежина.

Лошите цревни бактерии можат да ја поттикнат желбата за храна, гладот и воспалението и може да ја зголемат количината на енергија што му е потребна на вашето тело за да ја вари храната, што потенцијално резултира со чувство на тромост и замор. Рај додава дека „поради недостаток на добри бактерии, може да бидете повеќе подуени и да имате нередовна столица“.

Калапаи наведува дека антибиотиците можат да влијаат на природните организми во цревата, па така може да предизвикаат габични инфекции кај некои луѓе. Затоа, многу е важно заедно со антибиотиците да се земаат и пробиотици, кои делуваат како балансирачко средство за контрола на нормалната цревна флора.

Рај се согласува со него, наведувајќи дека пробиотиците имаат голем број здравствени придобивки.

„Пробиотиците се поврзани со губењето на тежината поради нивната способност да ги балансираат бактериите во цревата, да го подобрат варењето, да го намалат воспалението, што резултира со помала надуеност, а помогаат и во подобра апсорпција на хранливите материи од храната.“

Тој додава дека пробиотиците се поврзуваат и со побрз метаболизам и дека позитивно делуваат на имунитетот. Рај вели дека некои луѓе изгубиле неколку килограми кога консумирале пробиотици поради подобрување на варењето и општото здравје.

Секако, пред да се донесе каква било одлука, секој прво треба да се консултира со својот лекар.

„Ако антибиотиците се навистина неопходни, разговарајте со лекар за тоа како да го поддржите дигестивното здравје во текот и по лекувањето“, вели Раџ.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот