Експерт за меѓународно право тврди: Спорот меѓу Скопје и Софија не може да се реши со арбитража

Зоран Заев Румен Радев
Зоран Заев и Румен Радев / Фото: Влада на Република Северна Македонија

Предлогот на германскиот пратеник од СПД Јосип Јуратовиќ, проблемот меѓу Македонија и Бугарија да се реши со меѓународна арбитража и така да се сочува образот на сите засегнати страни, не е соодветен за природата на овој спор, вели експертот по европско и меѓународно право Владимир Бошњаковски за „Слободен печат“.

Угледниот пратеник Јуратовиќ, кој е претседател на парламентарната група за Западен Балкан во Бундестагот, во анализа за словенечкиот институт Ифимес посочи дека една земја, Бугарија, ја одредува иднината на целата ЕУ, што е сериозно за Унијата и затоа таа мора да најде институционално решение.

– Предлагам прашањето на Бугарија и Северна Македонија да го предадеме на меѓународната заедница, тој спор да го решат со формирање арбитражно тело, по примерот со Словенија и Хрватска, и на тој начин да се овозможи почетокот на пристапниот процес за Северна Македонија. Така сите ќе го сочуваат образот. ЕУ има 27 членки и секогаш постои можност од различни условувања и блокади кои членките мора да ги избегнуваат, односно мора за спорните прашања да наоѓаат институционален одговор. Тоа е особено важно кога други држави и интересни сфери се обидуваат да остварат силно влијание на Западен Балкан – предупреди Јуратовиќ.

Според Бошњаковски, не е соодветно спорот меѓу Скопје и Софија да се реши преку арбитража.

– Арбитражата се користи за решавање проблеми од правна природа, т.е. во ситуации каде што постојат барем некакви правила од меѓународното право што би дале насока за решавање на спорот. Во случајот Словенија-Хрватска стануваше збор за спор за утврдување на точните граници меѓу двете држави, па неговата природа беше чисто правна и во таков случај арбитражата е сосема соодветна алатка за решавање – вели Бошњаковски.

Дополнително, додава тој, кај двете држави постоеше согласност да пристапат кон арбитража. Од друга страна, спорот Македонија-Бугарија е од сосема поинаква природа.

– Суштината на овој спор е националниот идентитет на одредени историски личности, како и реинтерпретација на одредени историски настани и процеси. Тоа прави овој спор да има речиси исклучиво политичка, идеолошка и историска суштина. Додатно, воопшто не постои гранка во меѓународното право што би дала насоки за решавање ваков спор, ниту пак јас сум сретнал да има некоја практика вакви спорови да се решаваат со арбитража. Сето ова прави прашањето да не е склоно кон решавање преку арбитража – објаснува Бошњаковски.

Тој додава дека со арбитража евентуално би можело да се одлучува дали со своите постапки Бугарија го прекршува Договорот за добрососедство, но и за тоа има, како што вели, два проблема.

– Прво, Бугарија тешко да се согласи за расправање на едно такво прашање. Второ, според претходно воспоставената практика со Грција, која и покрај одлуката на Меѓународниот суд на правдата ја блокираше Македонија, можеме да заклучиме дека и евентуална одлука во корист на Македонија практично нема да донесе некакви реални придобивки, затоа што ЕУ очигледно го става правото на вето на државите членки над пресудите на Судот – заклучува Бошњаковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот