ЕК ја објави новата методлогија за преговори, во фокус владеење на правото и демократски институции

Во рамките на подготовките на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај, Комисијата ќе излезе со план за економски и развој на инвестициите за регионот, кажа Верхеи.

Европската комисија денеска ја објави новата методологија за пристапни преговори за членство во ЕУ, со која треба да се унапреди процесот, со што тој би станал поверодостоен, со посилно политичко управување, подинамичен и предвидлив.

Еврокомесарот за проширување Оливер Верхеи, презентирајќи ја новата методологија, истакна дека проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан останува врвен приоритет на Комисијата и затоа денеска предлагаат конкретни чекори како да се подобри процесот на пристапување.

– Додека ние го зајакнуваме и го подобруваме процесот, целта останува пристапување и полноправно членство во ЕУ. Паралелно, Комисијата цврсто стои на своите препораки за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија и наскоро ќе даде дополнително образложение  за напредокот постигнат од овие две земји. Во рамките на подготовките на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Загреб во мај, Комисијата ќе излезе со план за економски и развој на инвестициите за регионот, кажа Верхеи.

Новата методлогија предвидува групирање (кластери) на преговарачките поглавја и тематските области, можност за надградување на реформите со поголемо финансирање и наградување на иднивидуалните постигнувања на кандидатите, но и санкционирање во случаи кога нема напредок со ставање во мирување на преговорите во одредени области, па дури и нивна целосна сузпензија.

Фокус се става на основните критериуми – владеење на правото и демократски институции. ЕУ од своја страна треба да ја потврди и испорача својата непоколеблива посветеност на процесот што ќе се базира на постигнувањата, а политичката природа на процесот треба да биде ставена напред и во центар со механизми како што се редовните самити ЕУ-Западен Балкан и меѓувладини конференции со земјите кандидадти.

Експертите во Европската Комисија со кои разговараше МИА не можеа да дадат детали околу модалитетите на ова потенцијално вклучување: како и во што би се вклучиле Белград и Подгорица и според кои принципи? Дали овие две земји би можеле да се вклучат само за деловите кои носат бенефити, но не и во построгите делови кои ќе се применуваат за Северна Македонија, Албанија и останатите.

-Двете земји со кои преговараме треба да се согласат да ги сменат правилата, рече Вархеји на прес конференцијата, и додаде дека Србија и Црна Гора ќе имаат право на “опт ин”, односно да побараат вклучување во новата методологија.

-Фер е да биде избор за нив, порача еврокомесарот.

При презентацијата во Европскиот Парламентот, еврокомесарот беше запрашан и за тоа дали е легално што за идните земји што ќе преговараат се воведува принципот на обратно квалификувано мнозинство за замрзнување на преговорите, додека за Србија и Црна Гора важи принципот на едногласност.

-Легално е, принципот на гласање со обратно квалификувано мнозинство е сѐ попопуларно во политиките на ЕУ, идејата е дека во преговарачката рамка за Србија и Црна Гора, Комисијата или една третина земји членки предлагаат суспензија на преговорите, а сега нудиме само Комисијата да може да иницира таков предлог, земјите членки можат да побараат да се предложи такво нешто, но предлогот го носи ЕК, и, доколку ЕК предложи, може да се блокира со обратно квалификувано мнозинство во Советот. Важно е да имаме вакво влијание во процесот за, кога ќе видиме недостатоци, да можеме брзо да реагираме, изјави еврокомесарот.

Принципот на обратно квалификувано мнозинство значи дека предлогот е усвоен освен доколку се блокира со квалификувано мнозинство. Обичното квалификувано мнозинство значи дека предлогот се освојува со квалификувано мнозинство.

Оваа методологија треба сега да биде усвоена од страна на земјите членки на ЕУ, а Европската Комисија во наредните денови треба да објави нов извештај за реформскиот напредок во Скопје и Тирана.

Земјите членки треба да дадат зелено светло за сите извештаи за да може да се донесе позитивна одлука за почеток на преговори кон крајот на март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот