Една метла со две рачки?

Сашо Орданоски. / Фото: Слободен печат

Народе, тоа е тоа, и оваа изборна кампања заврши! Се кажа што имаше да се каже, се ветија просечни брда и долини, противниците си разменија по некој низок удар, а крајот на светот, каков што го знаеме, ќе настапи во понеделник – и ќе трае барем до вторник – за оние кои ќе бидат на губитничката страна на изборите.

Доколку, пак, не се постигне изборниот цензус, Македонија ќе се врати во старото добро балканско друштво на недоквакани демократии во кои никогаш не е здодевно и безбедно, бидејќи комбинацијата од политички и други кризи е секојдневие, навика без која не може да се живее.

И повторно, преку ноќ, ќе се изгуби и ова нежно чувство на стабилност што како-така се создаде и, одново, сè ќе си стане можно: и да нè има и да нè снема, разни политиканти и праматари ќе солат памет и ќе нудат рецепти како светските конспирации да се преточат во дневни политички агенди, а најрадосни ќе бидат оние кои на правната држава гледаат како на најголем непријател на нивниот личен општествено-политички успех.

Сепак, се чини дека варијантата за непостигнување цензус е сè помалку остварлива, ем како резултат на ангажираноста на сите политички партии да ги мотивираат граѓаните да излезат на избори, а и заради временската прогноза која вели дека претстојниот викенд нè очекува мало заладување со нестабилно време – изборните „пребези“ по разните излетнички места во и околу Македонија ќе се одложат за идните недели, па претпоставка е дека нешто и од таа клиентела ќе врзе чевли за неделно гласање.

Но, она што долго ќе се памети и анализира за овие избори е начинот на кој, благодарејќи на темпото што го наметна опозицијата, темите од изборната кампања потполно се променија од првиот, во вториот круг пред гласање. Ако до пред две недели Преспанскиот договор беше опозициски синоним за национално предавство, за државна пропаст и за дефинитивно губење на македонскиот идентитет, наеднаш, во вториот кампањски круг, придобивките од тој „катастрофален Договор“ сосема се истуркаа надвор од фокусот на јавноста, како да се работи за тема од средината на предминатиот век, а се помина на невкусно политичко умилкување кон етничките албански гласачи и кон сите други категории на заборавени, а потенцијални изборни поддржувачи кои треба да решат дека меморијата и вредносниот систем им се растегливи како ластик на распарани гаќи, за кој како ќе стигне да може да им прави соблечи-облечи по свои изборни потреби…

Тешко ќе оди таа работа, (не)гласачите и на овие од власта им влепија жешка шлаканица во првиот изборен круг, а не пак на актуелните опозициски подизведувачи на груевизмот и на нивната претседателска кандидатка! Во кампот на освестеното македонско мултиетничко и мултикултурно граѓанство ВМРО-ДПМНЕ нема што да бара во догледна иднина, пред партијата демократски да се реформира и политички да се еманципира.

И тоа е потрајната суштина на овие претседателски избори, бидејќи изборот меѓу Пендаровски и Силјановска Давкова не е дали Македонија спектакуларно ќе успее или драматично ќе пропадне доколку се избере едниот наспроти другиот претседателски кандидат, туку дали цел еден значаен слој во општеството, кого политички го артикулира сегашната груевистичка опозициона структура, ќе добие шанса да „прогледа“ низ оптиката на една модерна, демо-христијанска конзервативна опција која треба да се изнедри од реформата на оваа зарибана ДПМНЕ-партија?

Од резултатот на неделното гласање ќе се дознае дали, освен кај власта, метлата ќе заигра и во опозицијата. Оти резултатите и од првиот круг гласање, за оние кои сакаат да разберат, беа сосема јасни: Ти зборам ќерко, сети се снао, дворот треба и кај нас да се замете!

Извор: Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот