Џафери: Геополитичката позиција и економските политики нè прават атрактивни за инвеститорите

Фото: Влада на РСМ

Геополитичката позиција и економските политики нè прават атрактивен избор за инвестиции, истакнал техничкиот премиер Талат Џафери на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој во Лондон.

Џафери, на Самитот учествувал во дискусијата на премиерскиот панел заедно со премиери од Западен Балкан, премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, српската премиерка, Ана Брнабиќ, претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто, премиерот на Косово, Албин Курти, премиерот на Албанија, Еди Рама, и домаќинот на Самитот, претседателката на ЕБОР, Одил Рено-Басо.

На првиот дел од дискусијата, премиерите дискутирале на темата, „Зошто странските инвеститори би инвестирале во земјите од регионот“.

-Сведочиме на многубројни промени, кризи, конфликти со директен ефект врз сите глобални економии. Тука произлегува првиот одговор на прашањето зошто странските инвеститори би инвестирале во Северна Македонија – а тоа е поради нарушувањето на глобалните добавувачки ланци. Поради близината до европските центри, Северна Македонија е една од дестинациите за воспоставување на производство. Имаме добра локација, добри врски и пристаништа блиску до нас како Солун и Драч, па за кратко време производот произведен кај нас може да стигне до друга земја, односно до крајна дестинација, истакнал Џафери.

Вториот аргумент, како што посочил Џафери, е стабилната состојба на макроекономски и фискален план, интензивниот процес на хармонизација на домашното со законодавството на ЕУ, поволното деловно опкружување и добро развиените програми за поддршка за инвеститорите.

 

-Тука ја вклучуваме и стимулативната даночна политика, меѓу другото и преку склучување на договори за одбегнување на двојното оданочување и даночната евазија. Северна Македонија нема закони кои ги дискриминираат странските инвеститори, ние ги сметаме за наши – бидејќи сите придонесуваат за иста цел – подобрување на квалитетот на животот на граѓаните, додал Џафери.

Тој нагласил дека трет аргумент се значителните стимулации за компаниите кои работат кај нас. – Тие вклучуваат различни мерки, и тоа: субвенции за отворање работни места и за капитални инвестиции, субвенции до 50 отсто од прифатливите инвестициски трошоци за истражување и развој и поддршка на извозниците. Ниското ниво на оданочување на добивките на корпоративниот сектор и доходот на физичките лица, односно 10 проценти стапка на корпоративниот данок и на данокот на личен доход, стимулира раст на економската активност и инвестициите. Кај нас успешно оперираат повеќе технолошки индустриски развојни зони кои се особено атрактивни за странските инвестиции, додал Џафери.

Нашата држава, како што истакнал Џафери, предводи во регионот со имплементирани закони и подзаконски акти кои се целосно усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар. – Отпочнавме преговори со Европската Унија и членка сме на НАТО. Тоа нуди стабилност. Имаме склучено договори за слободна трговија со ЕУ (27 земји), ЕФТА (4 земји), ЦЕФТА (7 земји), Билатерална слободна трговија со Турција, Украина и Обединетото Кралство, додал тој.

Фото: Влада на РСМ

Во вториот дел од панелот, премиерите ги дискутирале приоритетите на Владите од регионот како и прекуграничните соработки.

-Република Северна Македонија, по донесување на Законот за енергетика, практично го либерализира пазарот на енергетското поле. Во тој контекст е атрактивна за инвестиции од обновливи извори, имајќи предвид дека земјава во текот на годинава има преку 250 сончеви денови. И, има можности за искористување на силата на ветрот за да може и тој извор да се користи. Од особено значење е електро-енергетската поврзаност со соседите. Во тек е проектот за поврзување со Република Албанија и со тоа фактички се завршува процесот на електро-енергетско поврзување со сите соседи, нагласил Џафери.

Според него, патната инфраструктура, со тоа и железничкиот дел од таа инфраструктура е од особено значење, имајќи предвид дека во тек се изградбите на железничката пруга Куманово – граница со Бугарија и со тоа се поврзуваме понатаму и со инфраструктурата со Бугарија. Коридорот 8 и дел од коридорот 10-Д којшто овозможува поврзување на релација Јон-Адриатик – Црно Море.

-Од геостратешки аспект е значењето на овој коридор, особено во однос на потребите од НАТО контекст, во потребите за движење и комуникација во логистичка смисла, апропо состојбите во регионот на Црното море, секако и на Блискиот Исток, посочил Џафери.

Во однос на енергетиката, како што истакнал техничкиот премиер, се работи на интерконекторот, гасното поврзување со Грција, односно со Република Србија и тоа е во контекст на внатрешната потреба за гасификација на  Македонија и во тој контекст се и проекциите за тоа поврзување.

-Тоа се воглавно проектите. Дел од проектите ги спомна, поврзувањето со Република Косово, премиерот Курти. Во нашиот дел значи до половина стои како обврска и е потпишана билатерална спогодба и делот од Коридорот за поврзување на Коридорот 8 со автопатот Арбен Џафери делницата, средства финансиски се обезбедени. Во тек е постапката за избор на изведувач и да почне доградбата на таа делница. Целиот регион се поврзува автопатски и тоа придонесува да брзината на комуникација и во економска смисла, односно на она што би биле инвестиции и во нашиот дел. Низата други, помали проекти, не е ниту место ниту потреба таксативно да се спомнуваат, но има доста проекции кои се во тек и кои се интересни за присуство на странски инвеститори кои се добредојдени, нагласил Џафери.

Џафери на Самитот во Лондон е придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот