Две современи танцови претстави се на програмата на „Танц фест“

Претстава „16 чекори до земјата“ на грчката танцова компанија „А приори“

На програмата на „Танц фест 2023“, на 24 април, со почеток во 20 часот, ќе се изведат две претстави. На сцената на Кино „Фросина“ во Младинскиот културен центар, публиката ќе може да ја проследи претставата „16 чекори до земјата“ на грчката танцова компанија „А приори“, по идеја и во кореографија на Елеонора Илију.

Музиката е на композиторот Александрос Ризопулос, драматургијата на Стела Димитракопулу, а асистент на кореографот е Ана Папаниколау, која е студент на мастер програмата за кореографија на Катедрата за современ танц при универзитетот „Гоце Делчев“. Костимите за претставата ги направи Ники Хронопулу, дизајнот на светлото е на Костас Зоукас, а настапуваат Ана Папаниколау, Марија Влахоу и Наталија Барус.

Според кореографката Елеонора Илију, претставата е движечко истражување на грчкиот традиционален танц од регионот на Епир, наречен „Загорисиос“. На сцената се формира спирала направена од земја, како референца за изворот на постоењето и спиралната форма на многу грчки традиционални танци.

Експериментирајќи со повторливиот шаблон на „Загорисиос“, кој се состои од 16 чекори, трите танчерки го презентираат својот искуствен однос кон традицијата во денешно време. Дали повторното откривање на традицијата може да биде просветлувачко и ослободувачко за едно општество? Дали може повторно да не обедини?

Во вториот дел на вечерта следи претставата „Код #9“ на Ивана Балабанова и Алесандро Ола, третонаградената претстава на реномираниот фестивал „Масданца“ на Канарските Острови за 2022 година.

Ивана Балабанова

Танчерката и кореографка Балабанова изјави дека секогаш е убаво кога делото се изведува пред своја публика, па така и овојпат, како дел од Балканската турнеја на „Код #9“, заедно со Алесандро Ола ќе го изведат овој перформанс на „Танц фест“ во МКЦ.

– „Код #9“ е за мене значајно дело, бидејќи ме доближи до еден нов процес на работа кој резултираше со откривање на нови внатрешни светови. Моменталната турнејата на претставата е поддржана и од нашето Министерство за култура, што особено ме радува, бидејќи нашата земја го препознава нашиот успех. Пред „Танц фест“ настапивме во Косово и во Софија (Бугарија), а планирани се изведби и во театарот „Битеф“ во Србија и подоцна во Словенија. Се радувам на можноста да бидам дел од „Танц фест“ и да го споделам ова доживување со македонската публика – изјави Балабанова.

Со својот минималистички пристап, „Код #9“ ја истражува трансформативната сила на играта помеѓу темнината и светлото. Додека темнината нуди можност за бесконечност и трансценденталност, светлото резба фрагменти од телото, мислите и воздишките. Звучниот пејзаж ја дополнува имерсивната и медитативна атмосфера, водејќи ја публиката на работ помеѓу сонот и јавето. Со постојана игра помеѓу темнина и суптилно светло, публиката може да посведочи повеќе различни енергетски состојби, додека танчарот ја кани публиката да се придружи на патувањето.

Перформансот е создаден во рамките на две резиденции: Барселона (2021) и Скопје (2022). Премиерно е изведен во „Погон“ во Загреб, потоа и на фестивалот „Фуоримаргине“ во Сардинија, Италија.

Со мото „Танцувајќи создаваме иднина!“ овогодишното издание на „Танц фест Скопје“ е поддржано од Министерството за култура, Амбасадата на Кралството Холандија во Скопје, Амбасадата на САД во Скопје, УГД, „Виталија“, „Бовин“ и мeдиумските партнери.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот