Две партии во власта со различни погледи кон „Отворен Балкан“ – ќе излезе ли Македонија од иницијативата?

„Отворен Балкан е една добра, позитивна иницијатива која што донесе многу придобивки за граѓаните“ – ова е ставот на вицепремиерот Бојан Маричиќ, но често пати може да се слушне слична ваква изјава од повеќето функционери во СДСМ. Сепак, ДУИ, како втора партија во власта не само што во последно време ја критикува иницијативата, туку, претседателскиот кандидат Бујар Османи најави и повлекување на Македонија.

Запрашан за најавувањето за повлекување од иницијативата од страна на министерот за надворешни работи Бујар Османи, Маричиќ рече дека на таа тема не е разговарано. Тој потсети на придобивките од „Отворен Балкан“.

„Отворен Балкан е една добра, позитивна иницијатива која што донесе многу придобивки за граѓаните. Од оние унифицирање на работните дозволи, признавање на квалификациите, отворање на гранциите, зголемување на можностите за трговија и секоја иницијатива која дава конкретни придобивки за граѓаните, ние ја поддржуваме и треба да ја поддржуваме“ изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за Канал 5.

Бујар Османи соопшти дека има факти и информации во врска со настаните во Бањска во Косово на 24 септември минатата година и нив ќе ги презентира на затворена седница на Владата со цел, како што рече, да се преиспита и да се одлучи дали државава и натаму треба да остане во иницијативата „Отворен Балкан“ во која е заедно со Албанија и Србија.

По инцидентот во Бањска тој не учествувал на настан на „Отворен Балкан“, но, сепак, рече, Владата ќе ја донесе одлуката за натамошно учество на Северна Македонија во иницијативата која, рече, имала благородни цели.

„Кога се случи нападот во Бањска во Косово имав изјава дека ова оди спротивно на основната идеја за иницијативата – дека е за помирување. И реков – ако има директна вмешаност на Белград во Бањска, тогаш навистина треба да се преиспита бидејќи ги крши столбовите на основната идеја. Бидејќи сега имам повеќе информации што се случило во Бањска, планирам на затворена седница да ја информирам Владата, а Владата ќе одлучи како ќе постапи понатаму, рече Османи одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за коспонзорирањето на резолуцијата на ОН за сеќавање на геноцидот во Сребреница.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот