Дванаесетмина жители на Хонг Конг добија затворски казни поради учеството на протестите во 2019 година

Знамиња на Кина и Хонг Конг/ Фото: Liau Chung-ren / Zuma Press / Profimedia

Актерот од Хонг Конг, Грегори Вонг и уште 11 лица се затворени за нивната улога во упадот во законодавниот дом на градот за време на протестите во 2019 година.

Вонг е затворен на подолго од шест години – една од подолгите казни изречени од окружниот суд во саботата.

Активистите Вентус Лау и Овен Чоу беа, исто така, меѓу оние кои добија затворски казни поврзани со продемократскиот протест.

Во меѓувреме, двајца новинари беа казнети поради нелегално влегување во салата на Законодавниот совет. Повеќето од обвинетите беа прогласени за виновни за предизвикување нереди.

Инцидентот се случи во јули 2019 година и се сметаше за клучен момент во продемократските протести што избувнаа поради контроверзниот закон со кој се дозволува екстрадиција на луѓе во континентална Кина.

Стотици демонстранти влегоа во зградата, пишувајќи пораки по ѕидовите и носејќи материјали за оние кои ги окупираа просториите.

Направена беше голема штета на зградата, при што портрети на политички лидери биле откорнати од ѕидовите, а имало и оштетен мебел. Судијата Ли Чи-хо во саботата рече дека, како и физичката штета, инцидентот предизвикал „долготрајни“ социјални ефекти.

„Настрана од вистинската штета на зградата, таа имаше симболично значење, што ја предизвикуваше владата во Хонг Конг, па дури и го ослабуваше нејзиното управување“, рече Ли, пренесува новинската агенција АФП.

Протестите доведоа до воведување на строг безбедносен закон кој го олесни гонењето на демонстрантите и ја намали автономијата на градот.

Се смета дека повеќе од 100 лица се уапсени според законодавството наметнато од Пекинг во 2020 година.

Хонг Конг, поранешна британска колонија, беше вратен на Кина во 1997 година под принципот „една земја, два системи“.

Критичарите ја обвинуваат кинеската Комунистичка партија дека го прекршила договорот за да му се даде на градот висок степен на автономија и да ги зачува неговите економски и социјални системи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот