Дуинг бизнис или „алаш вериш тефтер“?

Соња Кириџиевска
Фото: Драган Митревски/Слободен печат

Сомнежите за лажирани резултати и независната ревизија ја урнисаа своевидната „света инвеститорска книга“ – „Дуинг бизнис“ на Светска банка. Покривањето на срамот и „задржувањето на интегритетот и непристрасноста“, како што лани објавија од оваа меѓународна институција, пред некој ден се заокружи и со соопштение дека ова издание ќе мирува и нема да се објавува. Лавината тргна уште лани кога во август беше соопштено дека  извештајот на „Дуинг бизнис“ за 2021 година нема да биде објавен.

Во официјалното образложение на Светска банка од Вашингтон, можеше да се прочита дека „поради констатирани нерегуларности во податоците, изданието е стопирано на неодредено време, а ќе се прави ревизија и на последните пет“?! „Слободен печат“ тогаш се обрати до Канцеларијата на Светска банка во Скопје и, меѓу другото, праша – дали има такви нерегуларности и во податоците за Северна Македонија? Оттаму нè упатија на официјалното соопштение од Вашингтон… Тогаш беше најавено и дека новото издание ќе излезе во март годинава, но по неколкумесечниот молк, Светска банка пресече со изјава дека „Дуинг бизнис“ веќе нема да излегува.

И сега, кому ќе веруваат инвеститорите? Како ќе се надомести евентуалната штета ако некој инвеститор донел одлука да вложи во некоја земја врз основа на параметри кои биле фризирани за да се добие поласкава визура? Дали некој чепкал и додавал попозитивни карактеристики и за инвестициската позиција на државава? Овие прашања можеби никогаш нема да добијат одговор.

Последните информации на „Волстрит џурнал“  говорат дека високото раководство на Банката извршило притисок врз вработените да ги сменат податоците што влијаат на рангирањето на Кина и на други нации, а прстот се вперува во тогашната извршна директорка на Светска банка, Кристалина Георгиева, сега управен директор на ММФ, како и претседателот на Светска банка, Џим Јонг Ким.

Минатата година, во прилично студено соопштение, беше објавено дека во извештаите за 2018 и 2020 година имало некои неправилности, публикувани во октомври 2017 и 2019 година, како и дека станува збор за Кина, Саудиска Арабија, ОАЕ, а се споменуваше и Азербејџан, за кои, како што се наведува, има сомневање дека некој од Светска банка можеби влијаел на бодовите што тие ги добиле, а не се во согласност со нивната дефинирана методологија. Банката тогаш одлучи да спроведе внатрешна истрага за да утврди дали обвинувањата се точни. Повеќе од 17 години од своето постоење, извештајот „Дуинг бизнис“ претставуваше вредна алатка за мерењето на трошоците за водење бизнис во земјите во светот. Индикаторите и методологијата не беа посебно дизајнирани за некоја земја, туку беа со цел да помогнат да се унапреди вкупната бизнис-клима.

Низ годините, „Дуинг бизнис“ ги испитуваше реформите што го поттикнуваат или го спречуваат развивањето на бизнис-активностите. Истражувањето претставуваше збир на квантитативни индикатори за одредби и заштита на имотни права во 190 земји. Покриваше 12 аспекти на еден бизнис: почнување бизнис, добивање дозволи за градба, приклучок на електрична енергија, регистрирање имот, добивање кредит, заштита на малцински инвеститори, плаќање даноци, трговија, спроведување  договори, справување со стечај, вработување и склучување договори со владата.

Ако за многумина овој извештај бил темел за планирање на инвестициските активности, треба да се потсетиме дека за време на претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ,  економските вести почнуваа и завршуваа со „Дуинг бизнис“ на Светска банка. И додека со усти полни фалби, државава се прогласуваше за „реформатор број 1“, некои независни експерти „превртуваа со очи“ на ваквите констатации. Дали знаеле нешто повеќе за матните зделки, кои сега излегуваат дозирано, капка по капка?

Според извештаите на „Дуинг бизнис“, Македонија беше на 30-то место според водење на бизнис во 2015-та, во 2016-та скокна на 12-то, во 2017 година на 10-то, во 2018 беше 11-та. Во последниот извештај со 80,7 поени, Северна Македонија беше 17-та во светот според условите за водење бизнис. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот