ДУИ пет пари не дава за ДОМ, Џафери не „трча“ по изјавите на Ковачевски

Ковачевски-Ахмети-Џафери Фото: МИА
Ковачевски-Ахмети-Џафери Фото: МИА

ДУИ ќе гласа за една изборна единица, под услов да има изборен праг од пет отсто, што пак е неприфатливо за помалите партии. Без изборен праг нема да гласаат за една изборна единица, велат од партијата на власт, но не откриваат дали би го спуштиле прагот.

Ќе го „избрка“ ли ДУИ владиниот партнер ДОМ од Владата на Димитар Ковачевски, е дилемата откако претседателката и пратеничка Маја Морачанин најави дека ако до јуни не продолжи собраниската расправа за една изборна единица ќе замине од „Илинденска“.

Ковачевски на последната лидерска средба најави дека е договорено тоа прашање да се актуелизира во Собранието. Од друга страна, претседателот на Парламентот, Талат Џафери рече дека „нема да трча по политичките изјави, па тие нека се и од премиерот“ и тврди дека Предлог-законот е заглавен во собраниските комисии. Документите, пак, покажуваат дека Предлог-законот го поминал комисискиот филтер и дека процедурата за законот е во рацете на Џафери.

Предлогот за измени на Изборниот законик во делот на промена на изборниот модел две години е заглавен во Собранието. За промена на изборниот модел главен кочничар е ДУИ, партијата на власт која првично беше против тоа шесте изборни единици да се трансформираат во една изборна единица. Откако тоа сепак го прифати поради барањето на помалите коалициски партнери, ДУИ излезе со предлог дека ќе гласа за една изборна единица под услов да има изборен праг од пет отсто, што пак е неприфатливо за помалите партии.

 Џафери не го чувал законот во фиока

Морачанин останува на ставот дека ќе ја напуштат власта ако во јуни, кога се навршуваат 100 дена од Владата, не продолжи собраниската процедура за промена на изборниот модел, како и да се обезбеди законска рамка за спроведување на ветинг.

Џафери на брифинг со новинарите рече дека не го чува законот во фиока, туку дека за Предлог-законот не расправале Комисијата за политички систем како матично работно тело и Законодавно-правната комисија, односно дека не добил извештаи од двете комисии. На прашање на „Слободен печат“ – дали и кога ќе продолжи собраниската процедура за предлогот за една изборна единица, бидејќи по лидрската средба Ковачевски изјави дека е договорено дискусијата да продолжи во Собранието, Џафери рече дека нема што тој да објаснува, бидејќи станува збор за политичка изјава.

„Јас сега треба да трчам по сечија политичка изјава, па нека е и на премиерот. Политичка е изјавата и јас сега треба да објаснувам собраниска процедура. Процедурата не зависи од политичка изјава, таа зависи од Деловникот на Собранието, односно сите материјали што се доспеани во Собранието и се наоѓаат во собраниска процедура, а тоа значи дека се наоѓаат на некоја седница и чекаат извештај од соодветтните комисии. Значи, нема материјал што е надвор од процедурата“, вели претседателот на Собранието.

Тој објасни дека Предлог-законот за измени и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, поднесен од Маја Морачанин, Моника Зајкова и Павле Трајанов е на дневен ред за 43-та собраниска седница, која ја свикал на 28 мај 2021 година и ја закажал на 8 јуни 2021 година.

„На 8.6. 2021 година седницата е почната. Не зависи од мене, јас сум ја завршил својата работа со тоа што таа точка е на седница. Што се случува на комисија, не е мој проблем. Јас треба да чекам извештај од комисијата. Комисијата за политички систем како матично работно тело и Законодавно-правната комисија не свикале седници, а Владата достави мислење на 21.6. 2021 година. И што сега да правам јас? Да одговарам на политички изјави? На седница се ставени сите материјали кои се стигнати затоа што јас имам обврска. Не можам јас да затворам дупки во ѕидови“,  рече Џафери.

Според јавно достапните документи, Комисијата за политички систем оддржала седница на 22 март 2022 година за Предлогот за една изборна единица и донела заклучок Собранието да донесе одлука да се спроведе јавна дискусија. Комисијата со 11 гласа за и еден против констатирала дека Предлог-законот за измена и дополнување на Изборниот законик, прво читање, е прифатлив и дека треба да се даде на понатамошно читање. Комисијата извештајот од седницата го доставила до претседателот на Собранието Џафери.

И од Комисијата за политички систем и од Законодавно-правната комисија велат дека Предлог-законот Џафери треба да го стави на пленарна седница и пленумот да донесе одлука да се закаже јавна дискусија. По јавната дискусија, Предлог-законот оди на пленарна седница.

Од ДУИ за „Слободен печат“ велат дека засега нема ништо конкретно, дека тие веќе дале предлог една изборна единица со пет отсто праг и дека не добиле ништо како одговор. Од ДУИ велат дека без праг нема една изборна единица, но не откриваат дали би го спуштиле прагот.

СДСМ поддржува една изборна единица

По лидерската средба која се одржа пред две недели, Ковачевски изјави дека СДСМ дава поддршка за законските предлози за една изборна единица.

„Во однос на законските предлози за една изборна единица се договоривме дека дискусијата треба да се води во рамките на Собранието и дека таму треба да бидат земени предвид сите аспекти на политичките партии, бидејќи знаете дека во рамките и на коалицијата и во рамките на опозицијата има разни мислења во однос на Изборниот закон. СДСМ е партија што во својата програма има поддршка за една изборна единица, а во рамките на Собранието ќе се расправа за модалитетите во однос на тоа дали треба да има изборен праг или не, застапеност на етнички заедници, родова застапеност на изборните листи и така натаму… Дискусијата ќе се води во Собранието, како што беше договорено на лидерската средба“, рече тогаш Ковачевски.

Премиерот, одговарајќи на прашање за тоа колку е стабилна коалицијата, тогаш посочи дека во областа на реформите во правосудството се договориле во рамки на Комисијата за политички систем при Собранието да се отвори расправа и да се формира група која ќе работи на изработка на законско решение за ветинг.

Ако расправата за изборниот модел не продолжи и ако Морачанин опстои на најавата, тогаш по Алтернатива и ДС на Павле Трајанов, ДОМ ќе биде следната партија која ќе ја напушти владејачката коалиција.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот