Државните домови немаат капацитет, приватните прескапи за пензионерите

Пензионери/ Фото: МИА

Како што старее македонското население, така се зголемуваат проблемите на „третата доба“. Освен ниските пензии, постарите сограѓани се повеќе ги мачи прашањето, кој ќе се грижи за нив?! Миграцијата ги „исели“ младите, а по одредена возраст, нивните родители, не се ниту во физичка, а уште повеќе во финанансиска кондиција. За димензиите на проблемот, говори фактот дека во државните домови има место за 638 стари лица, а дополнителни 1.340 легла, има во приватните домови. Ова е речиси минимално, па оттука не е чудно што листите за сместување, се долги и ред се чека со години.

– Аплициравме за да ја сместиме мајка ми, која е веќе неможе да се грижи сама за себе. Се разбира дека целиме на државно сместување, кое, покрај пензијата, ќе може и ние да го покриеме. Но нема место веќе долго време, а за нас е прескапо во приватен дом, вели дека една наша сограѓанка.

Според податоците на Министерството за труд и социјала, покрај петте јавни установи за сместување на стари лица (Скопје, Битола, Куманово, Прилеп и Берово), во земјава има и 34 вакви приватни установи. Најголемиот дел од нив се во Скопје (29), а по една во Неготино, Битола и Радовиш и две во Струмица. Цената за сместување во јавните установи се движи од 9.800 до 18.000 денари, додека таа услуга во приватните домови се плаќа меѓу 18.000 денари и 58.000 денари. Во јануари годинава, во земјава се регистрирани 323.503 пензионери, а над 70 илјади од нив, се во категоријата на примачи најниски пензии.

Од ресорното министерство, кое се грижи за најранливите категории, вклучително и за старите лица, велат дека продолжуваат со креирање на политики кои ќе одговорат на нивните потреби.

– Во насока на подобрување на состојбите со институционалната заштита на старите лица во јавните установи, во текот на 2020 година отпочнати се активности за проширување на сместувачкиот капацитет на  докот за стари лица ,,Д-р Иван Влашки”- Берово, за дополнителни 10 лица, како и адаптација и пренамена на просторен капацитет во дел од објектот на ЈЗУ Здравствен дом ,,Нада Михајлова” , Пробиштип,  кој ќе функционира како засебен објект како Дом за стари лица со капацитет од 50 лица, информираат за „Слободен печат“ од Министерството за труд и социјала.

Пензионерите, со години, посочуваат дека капацитетите во државните домови се мали, а условите не се на високо ниво. Дополнителната финансиска помош на постарите луѓе, им е повеќе од потребна, бидејќи ниските пензии, се недоволни да се покријат ниту 50 отсто од трошоците за месечно сместување, особено во приватните установи. Пензионерските здруженија, поодамна бараат државни субвенции за примателите на ниски пензии, кои не можат да бидат сместени во приватните домови. На тој начин би се ублажил проблемот, додека да се изградат нови домови. Само за потсетување, случајот „Рекет“, има индиректна врска со невладина организација што требало да биде логистика за изградба на домови за стари лица.

Просечната пензија кај нас е над 15.000 денари, а само 1.327 лица во март годинава, имаат натпросечни пензии кои се движат од 45 до 57.304 денари.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот