Државниот првак Јована Илиева: Математиката е лесна, како песна! – Слободен печат
ВестиМакедонија

Државниот првак Јована Илиева: Математиката е лесна, како песна!

Од широкото поле што го нуди математиката, како наука посебен предизвик ѝ е геометријата.

Математиката е лесна, како песна, смета матурантката во гимназијата „Славчо Стојменски“ – Штип, Јована Илиева, која годинава стана државен првак по математика. Скромна и со убава насмевка, оваа 17-годишна девојка секојдневно живее во светот на бројките и на геометриските тела и фигури. Од широкото поле што го нуди математиката, како наука посебен предизвик ѝ е геометријата. Откако ги поминала општинските и регионалните натревари, во Скопје заедно со голем број математички таленти од земјава се натпреваруваше на државниот натревар по математика и го освои првото место.

–Натреварот траеше три и пол часа, не можам да кажам дека беа лесни задачите, бидејќи е државен натревар и станува збор за задачи што се на едно повисоко ниво. Многу посложени се задачите на олимпијадите и можеби тие би ги израмнила со оние што се учат на факултет. Но, не би можела да кажам за државниот дека се едноставни, вели Илиева.

Јована во текот на разговорот за МИА ни откри дека математиката ја засакала уште во основното училиште, поддршка и мотивација имала од родителите, а нејзината професорка, Татјана Ушинова, подоцна и Валентина Шалева, уште тогаш јапоттикнувале да учествува на натпреварите, со што почнала и подлабоко да навлегува во оваа наука.

 

–Почнав да учам и надвор од материјалот што го учевме во училиштето, а на тој начин ми се зголемуваше и успехот, воедно ми се зголемуваше и љубовта да откривам нови делови од математиката. За да бидеш добар математичар би рекла дека е потребно секојдневно да решаваш задачи. Но, зависи и од личноста колку време ѝ е потребно во текот на еден ден да решава, но сепак неколку часа на ден се потребни за да се постигнат добри резултати, потенцира Илиева.

Математиката за некои е асптрактна, тешка, но за Јована е посебен свет, каде што најважна е логиката, размислувањето, да знаеш како да ги искористиш математичките правила и операции и, како што вели таа, да знаеш да се снајдеш во задачата.

Државниот првак по математика вели дека учи во математичка паралелка во штипската гимназија и нејзините другари од класот ја сакаат оваа наука и не им претствува проблем како наука. Нејзин ментор во штипската гимназија е професорката Благица Давиткова, која ѝ дава дополнителни материјали да се надградува и вежба.

 

– Можам да кажам дека доста задачи има и на интернет на англиски јазик. Секако користам збирки и списанија што ги издава Сојузот на математичарите „Сигма“ и таму исто така има доста добри задачи. Секој дел од математиката е интересен, но како интересна ми е геометријата и исто така можам да ги издвојам и равенствата, вели Илиева.

Оваа девојка е чеврта година во штипската гиманзија „Славчо Стојменски“. За неа директорот на училиштето Ристе Петковски вели дека е математички талент кој се раѓа еднаш во сто години.

Нејзината иднина ќе ја насочи кон математиката и информатиката бидејќи, како што вели, таму има иднина.

–Знам дека во светот и на индустријата ѝ се потребни математичари, односно луѓе со математички вештини, а како наука се користи во голем дел од областите за кои многу луѓе и не се свесни можам да кажам. Планирам да продолжам да се занимавам со математиката, вели Илиева.

Државниот првак по матетматика има и друга пасија, а тоа е планинската ориентација. Спорт што сè уште не е доволно познат во земјава и секако во нејзиниот роден град Штип, па Јована е член на струмичкиот клуб. Минатата година на Балканско првенство освоиле прво место.

–Се натпреваруваме во тимови и овој спорт се одржува во планина, имаш карта, со означени точки на мапата. Најчесто е тим од три до пет члена, треба најбрзо да се посетат сите точки, а за сето тоа треба да се знае да се чита картата, рече Илиева.

Забележува дека и еве и во овој спорт е потребно да се знае математиката. Оваа млада и успешна девојка, но и прв математичар во државата меѓу своите врсници има свој сон што ќе го оствари. Планира да аплицира на неколку факултети во земјава, но и во странство, но како што вели таа, не ја исклучува можноста да остане во земјава.

–Кој од факултетите ќе ми понуди стипендија, планирам да се запишам на тој, доколку ми се допаѓаат условите и програмата, рече Илиева.

Светот е „гладен“ за вакви математички таленти

Светската развиена индустрија е „гладна“ за вакви таленти, како што е Јована Илиева. Проценки се дека на пазарот на трудот се потребни некаде над пет милиони работници кои поседуваат високи математички знаења и вештини. Истражувањата на пазарот покажуваат дека зголемувањето на БДП кај големите економии најмногу се должи на експлицитни знаења добиени од математички „иновации“ и заради тоа сè повеќе се стимулира студирањето математика, оценува деканката на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Татјана Атанасова-Пачемска.

 

-Темелното изучување на математиката како наука е тежок, макотрпен и долготраен процес. Како таков, не е многу мотивирачки за учениците, бидејќи се потребни многу труд и работа, а за возврат работните места за дипломирани математичари во нашата земја се лимитирани најчесто само во едукативниот процес. Многу ретко математичарите ги има во тимовите во банките, осигурителните компании, аналитичките и развојните центри, во индустријата, за разлика од состојбата во Европа и светот, каде што математичарите, т. е. луѓето кои поседуваат високи математички вештини се на приоритетните пет позиции за потрага по работници, вели Атанасова-Пачемска.

Смета дека убавината на математиката не е само во нејзиното темелно и системско изучување, туку можноста за гледање на „невидливото“, па заради тоа големите компании го користат математичкото знаење за своите нови изуми, иновации, валидација на резултати, предвидувања. Таа вели дека ако побарате информации, на многу странски универзитети и во многу држави студирањето математика е бесплатно и речиси секаде државите преку свои фондови ги стипендираат студентите за студирање математика.

Тим универзитетски професори од штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ под раководство на Атанасова Пачемска го реализираа и проектот „Математичка дебата – гласот на учениците“, кој се однесуваше на можноста на влијанието за подигање на мотивацијата за учење математика преку промена на начинот на реализација на наставата и користење модерни софтверски алатки во едукативниот процес.

 

– Овој проект како целна група ги имаше учениците од 11 до 14 години,  т. е. последните три години од основното образование, каде што настануваат и најголемите проблеми во мотивацијата за учење математика заради преминот во наставата од конкретно кон апстрактно мислење. Во овој период на учениците им треба голема поддршка од наставниците по математика, користење средства за визуализација, нови поинтересни пристапи, како и поврзувањето на математиката со реалните проблеми и со другите научни дисциплини. Нашите резултати покажаа дека преку нови иновативни пристапи во изучување математика, освен што се подига и мотивацијата за учење, се подобрија и резултатите на тестирањата, особено кај оние ученици што покажуваа послаби резултати во однос на своите врсници, што за нас е показател дека работата сме ја поставиле на добра основа, рече Атанасова–Пачемска.

Алатката е-дебата е отворена за користење за сите образовни институции слободно, само со претходна регистрација, како и за сите ученици. Може да се најде на www.mathdebate.eu, а е достапна и во мобилна верзија.

Атанасова-Пачемска алармира дека подигањето на нивото на математички знаења треба да е „врвен приоритет“ на сите носители и реализатори на образовните политики во државата.

-Затоа, освен со учениците, потребна е континуирана работа и поддршка и на наставниците, почнувајќи од одделенска настава, па до високо образование. Можеби треба да следиме искуства од земји што покажуваат успех на меѓународните тестирања по математика. Честите реформи во системот, без следливост, без консултација со наставниците, прават проблеми во реализацијата на наставата по математика. Таа не трпи импровизации, а талентираните ученици мора да имаат поддршка и од наставниците, но и од државата, вели Атанасова-Пачемска.

Според неа, со овие меѓународни тестирања, што се мерка на споредливост на знаењата на учениците во сите држави во светот, всушност се проверува и функционалното користење на математиката, односно можноста да се решаваат проблеми од други области со математички алатки, кои се изучуваат во наставата. Потенцира дека некоординираноста на наставните програми од природно-математичкото подрачје, слабото ниво на вештини на читање, исто така, имаат влијание на слабите резултати на македонските ученици.

–Потребна е стратегија што ќе ја осмислат луѓе кои ја познаваат оваа проблематика од сите аспекти и која во следните неколку години ќе ги подготви учениците за идните тестирања. Искуствата од другите земји, исто така, треба да се инкорпорираат во овие правци за иден развој на македонското образование, како и искуствата од проектните активности реализирани кај нас и во светот, вели Атанасова-Пачемска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close