Државата планира развој, експертите стравуваат од „феудализација“

Фото Архива

Земјата не треба да се продава во никаков случај и по никоја цена, а не уште и по багателни цени од 0,3 до 1 евро по квадрат. Неприфатлива намерата да се феудализира државата, а од нејзините граѓани да направи закрепостени селани или робови, велат невладини организации.

Пренамена во градежно земјиште е опасноста на која се укажува од невладини организации што го коментираат предложениот закон за продажба на државно земјоделско земјиште чиј изготвувач е Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Според предлогот, земјиштето што ќе биде купено може да се пренамени во градежно, што Министерството го смета како можност за развој. Експерти, пак, предупредуваат дека се работи за погрешен и штетен потег, кој ќе ги осиромаши земјоделците, ќе ја поскапи храната и ќе ја загрози животната средина.

Од Министерството тврдат дека брзиот технолошки развој во земјоделството и иновативните технологии за производство на земјоделски производи не зависат од статусот на земјиштето.

„Очекувањата се дека по истекот на 10 години од продажбата, земјиштето да може да се користи слободно во развојни цели, согласно планските документи на надлежните органи за планирање на просторот“, смируваат од МЗШВ.

Според нив, предвидена е можност да се активираат заштитните механизми за трајна пренамена на земјоделското земјиште, кои и сега постојат во Законот за земјоделското земјиште и Законот за урбанистичко планирање. Тие заштитни одредби би се применувале на ова земјиште и по истекот на времскиот период од една деценија, така што „ќе нема ризик од неконтролирана пренамена на земјоделското земјиште и по истекот на 10 години кои се предлагаат“, е ставот од МЗШВ.

Феудализација на државата

Веднаш штом беше обелоденета намерата на Владата кон крајот на минатата година да продава обработливи површини, наменети за земјоделско производство на приватници, но и на странци, се јавија и првите негативни реакции. Граѓанската иницијатива “Граѓански фронт“, која од пред седиштето на Владата порача дека е неприфатлива намерата да се феудализира државата, а нејзините граѓани да ги направи закрепостени селани или робови, била формирана токму со цел да се бори против овој предлог на Владата, кој го сметаат за исклучително штетен.

„Земјата е природен ресурс кој припаѓа на сите граѓани и веќе е крајно време да се запре распродажбата на природните ресурси, пред се, храната и водата, што се основни човекови права“, смета Благица Сековска, професорка на Катедрата за рурална економија при Факултетот за ветеринарна медицина.

Нејзиниот став е дека земјата не треба да се продава во никаков случај и по никоја цена, а не уште и по багателни цени од 0,3 до 1 евро по квадрат како што стои во предлогот кој доаѓа од МЗШВ.

„Безброј штетни импликации од овој закон, а само еден минорен бенефит, еднократно слевање на кеш во буџетот, кој брзо ќе биде потрошен и што потоа“, прашува Сековска.

Граѓанската организација „Зелената арка“ која промовира агроекологија, одржливо земјоделие и прехранбен суверенитет, е против разграбувањето на обработливото земјоделско земјиште. Тие нагласуваат дека состојбата со земјоделството и производството на храна и сега е очајна, бидејќи сериозно зависиме од увозот на храна.

„Ако се распродаде земјоделското земјиште во сопственост на државата по цена од 20 центи до 1 евро за 1 м2, под условите предвидени со предлог-законот, тогаш и хипотетичките можности на граѓаните да влијаат врз аграрната политика во своја полза, паѓаат во вода. Со зголемувањето на земјоделски обработливите површини во рацете на моќните корпорации, сѐ повеќе се отежнува борбата за прехранбен суверенитет и одржување на агробиодиверзитетот, а граѓаните подлабоко тонат во зависност од пазарните цени во светот и дополнително им се отежнува пристапот до локално произведена храна“, е ставот на „Зелената арка“.

МЗШВ: Постојат заштитни механизми

Критичарите на овој предлог на Владата стравуваат дека во иднина сопствениците на најплодната земја можат да ја користат и за отворање на рудници, отпади, за црпење на термални води или минерални суровини.

Според надлежните од Министерството за земјоделие, користењето на земјоделското земјиште за неземјоделски цели без да се промени статусот на земјиштето е возможно согласно Законот за земјоделското земјиште во случај кога е доделена концесија за истражување или експлоатација на минерални суровини согласно Законот за минерални суровини и со предложениот закон не се третира ова прашање.

„Заштитни механизми постојат, имајќи предвид дека концесијата ја доделува Владата, а позитивно мислење од Министерството за земјоделство е задолжително во постапката за доделување на концесии за истражување или експлоатација на минерални суровини“, пишува во одговорот од Министерството, од каде се истакнува и дека во Законот постои експлицитна забрана во период од 10 години за давање под концесија за геолошки истражувања и експлоатација на минерални суровини на продадено земјиште согласно законот.

Граѓанските здруженија, како „О2 Иницијативата“ предупредуваат и на опасноста земјиштето да се користи на неодржлив начин, со форсирање на монокултури, со производство на генетски модификувани растенија, нанесувајќи му штета на локалното, ситно земјоделско производство на храна.

Од Министерството за земјоделие не одговорија прецизно на прашањето дали идните сопственици на земјоделското земјиште ќе бидат било како ограничени или контролирани околу начинот на кој ќе практикуваат земјоделие или и кај нас ќе се повторуваат сликите на огромни површини засејани со индустриски, а не прехранбени култури, кои ја уништуваат плодноста на почвата.

„Купувачот ќе биде обврзан со соодветен начин на користење на земјиштето, во зависност од постапката во која ќе биде продадено земјиштето кое ограничување подразбира определен тип на производство, инвестиции, вработувања“, одговорија од МЗШВ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот